Контраспин: Мицкоски нема потреба од спинувани „меѓуетнички куршуми“

Х. Мицкоски. Фото: скриншот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во жарот на дневно-политичките настани околу новиот коалициски партнер во Владата на СДСМ/ДУИ, даде невнимателна изјава која се однесува на меѓуетничките односи во земјата, со која во последен момент бара од потенцијалните сојузници во Собранието да не го подржат новиот состав на Владата во која влегуваат и кандидати од Алијанса за Албанците(АА). Не само што таа изјава ги подгрева можните меѓуетнички тензии, таа во еден дел е и спин, бидејќи поаѓа од нешто што не било речено во Собранието. Такви „меѓуетнички куршуми“ не му требаат на Мицкоски, а ниту на кој било друг

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во жарот на дневно-политичките настани  околу новиот коалициски партнер во Владата на СДСМ/ДУИ, даде невнимателна изјава која се однесува на меѓуетничките односи во земјата, со која во последен момент бара од потенцијалните сојузници во Собранието да не го подржат новиот состав на Владата во која влегуваат и кандидати од Алијанса за Албанците(АА). Не само што таа изјава ги подгрева можните меѓуетнички тензии, таа во еден дел е и спин, бидејќи поаѓа од нешто што не било речено во Собранието. Такви „меѓуетнички куршуми“ не му требаат на Мицкоски, а ниту на кој било друг

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, даде изјава околу реконструкцијата на Владата на РСМ, во која може да се детектира спин:

Спин: …Затоа апелирам до пратеници на СДСМ, до сите оние кои минатиот период даваа знаци, рефлектираа позиции кои се различни од раководството, и покрај притисоци од полукриминални структури управувани од раководството на партијата, одважете се, застанете му на патот на раководството односно на двајца-тројца од раководството кои ја уништуваат иднината на Македонија и на македонскиот народ. Немојте да бидете заложници на Али Ахмети и да дозволите Еди Рама да ја составува идната влада. Ова е наша заедничка Македонија, за која луѓе живот давале. Не дозволувајте Ахмети и Рама да ја водат Македонија во пропаст и да биде на колена. Застанете до нас. Подадете рака како Македонец на Македонец… 

[ Извор: Канал5/веб – Изјава на Мицкоски – датум: 14.02.2023]

 

Контраспин: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи ги новите коалициони партнерства на владејачката коалиција предводена од СДСМ и ДУИ, даде изјава која може да се оцени како невнимателна, но сосема сигурно изјава што е градена врз спин и која што во еден дел содржи спин.

Со изјавата Мицкоски ги повикува дел од пратениците на СДСМ и на други партии во Собранието на РСМ да не ја гласаат новата влада на Димитар Ковачевски, нудејќи како аргумент дека таа влада „е заложник на Али Ахмети“ и дека „ја составува и Еди Рама“, албанскиот премиер. Мицкоски додава дека повиканите пратеници „не смеат да дозволат Ахмети и Рама да ја водат Македонија во пропаст“ и да застанат до ВМРО-ДПМНЕ, да „подадат рака како Македонец на Македонец“….(целата изјава на линкот тука од 2.20-5.27 мин.)

Ваквите ставови на Мицкоски по веќе шаблонизирана методологија во комуникацискиот центар на ВМРО-ДПМНЕ се реплицира истиот ден или утредента и во соопштение, па така и овој пат беше издадено соопштение, во кое сега се вклучи и „бугарското прашање“:

Ковачевски е слеп послушник на Ахмети и Артан Груби, владата му ја составува Еди Рама и семејството на Адем Јашари, владата наликува како влада на Бугарија и Албанија….(извор: ВМРО-ДПМНЕ/соопштение/веб).

Тезата дека владата е заложник на Али Ахмети и на ДУИ (која не е нова), се врти веќе подолго време во јавноста не само од ВМРО-ДПМНЕ, туку и од други политички субјекти и аналитичари. Најновото издание започна поинтензивно откако ДУИ се соочи со три непослушни пратеници од своите редов,и кои припаѓаат на т.н. „огнена група“. Главната теза е дека оваа реконструкција на Владата е принудна, за да се обезбеди доволен број пратеници за мнозинство доколку „огнените“ откажат поддршка. Згора на се, во преговорите за влез на АА во владата, повеќе пати беше повторувана во јавноста и тезата дека ДУИ не сака да се откаже од голем дел од својот колач во извршната власт, па оттаму и крајната теза – „Ковачевски е заложник на Ахмети“, а со тоа и „цела Македонија е заложник на Ахмети“. Тезата иако има релевантни делови врз која се крепи, се разбира, е далеку од тоа да биде вистина во целост, но она што го има како последица е дека таа е насочена и кон меѓуетничките односи и има потенцијал за нивно влошување или загрозување.

Истава оваа сегашна теза е повторувана многу пати во последните деценија и половина, а најмногу во 2008 година, кога Никола Груевски требаше одново да состави влада во која ќе влезе ДУИ и во 2017 година, кога го чекаше одговор од Ахмети во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и одново да состават мнозинство, без оглед на тешката политичка криза во која влезе земјата уште од 2012 година со инцидентот на исфрлање на пратениците од Собранието.

 

Пратеничката Сефије Садики беше спинувана

Вториот дел од пораката – не бидете заложници на Еди Рама, што е уште помалку вистина – е обновен говор насочен на плашење на мнозинскиот народ од „албанскиот фактор“, нешто што сме го виделе многу пати во историјата на независна Македонија. Од проектот „Илирида“ во раните години од независноста (1992г.), до „Тиранската платформа“, актуелна на крајот од 2016 и 2017 година. Башка, е изградена врз спин на наводна изјава дадена во Собранието.

Што рече пратеничката од Алтернатива Сафије Седики-Шаини и дали таа навистина рекла дека владата на крајот од 2021 година ја составувале Еди Рама и семејството на Адем Јашари? Според она што е пренесено во дел од медиумите:

Ве повикувам сите заедно да се вратиме во ноември 2021 година кога ова Собрание остана со мртов број, 60-60. Беше мртва и европската перспектива на Македонија во која влијаеше и Албанија. Нас не молеа да сме дел од Владата и тогаш не остана човек кој не го испрати, од Еди Рама до членови на семејството Јашари. Ние ја земавме одговорноста и преминувајќи од опозиција во позиција, задоволни сме што нашето мало движење беше големо за Македонија и Албанија бидејќи ја стабилизираа Владата и двете земји земаа датум за интеграции во ЕУ.

Како што може да се види, Садики-Шаини никаде не вели дека владата ја составувале Рама и некој од семејството Јашари. Она што го вели е дека добивале повици и апели од многу страни, споменувајќи ги и субјектите и од Косово и од Албанија да влезат во владата и да не дозволат предвремени избори, со што европската патека и на Албанија и на Македонија ќе беа со поинаква динамика, т.е. во таков случај немаше да дојде до формалното отворање преговори за двете земји во првата половина од 2022 година.

 

Тезите за подгревање на „меѓуетничка каша“ – стари 30 години

Проблемот на овие тези што се јавуваат 30 години и во време „на владеење“ на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, е во тоа што повеќето, речиси сите до една, биле изградени многу често и врз спинови во однос на (плашењето со) „албанскиот фактор“, што е рефлексија на тезата/митот за „Голема Албанија“. Во сите случаи, овие варијации на тема, често во полза на трети страни, беа секогаш преувеличувани и доведуваа до натамошно закрвување меѓу граѓаните во земјата, а имаа голема улога и во изградба на предуслови за воениот конфликт од 2001 година.

Она што е точно, пак, е дека врз основа на Рамковниот договор од Охрид, потпишан во Скопје во 2001 година, меѓуетничките тензии во МК полека се смируваа, се балансираа и сето тоа доведе до состојба која можеби е се уште далеку од „Едно општество за сите“ (кровна национална стратегија што ја востанови СДСМ со доаѓање на власт во 2017 година), но состојбата е мирна и ги одалечи граѓаните во државата од конфликти. Работите, да повториме, се уште се далеку од идеални, се уште има неодговорни изјави на поединци и партии кои имаат влијание за креирање на политики и изградба на институциите. Такви неодговорни примери, повеќе или помалку има во сите партии што денеска можат да се видат во Собранието, но за среќа, се помалку и помалку. А, секој таков испад му штети на развојот на недискриминацијата како водечки принцип во развојот на државата.

Ама, сепак, со сите слабости, состојбата на меѓуетнички план може да се оцени како задоволителна во однос на она што беше од 1990-2002 година.

* * *

Оттука, изјавата на Мицкоски и дополнителното прераскажување на тоа што го рекол преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ следниот ден, се спин. Ваквиот тип спин не само што му штети на ВМРО-ДПМНЕ, која и кога треба и кога не треба ја перцепираат во јавноста како тврда „националистичка“ или шовинистичка“ партија, туку реално им штети и на Македонците. Зашто во перцепцијата на Албанците (и другите етнички групи), секој симпатизер и гласач на ВМРО-ДПМНЕ, а тие не се малку, ќе се доживуваат, најблаго речено, нетолерантни кон своите сограѓани што не се Македонци. Оттука, навистина не му треба на Мицкоски (и на кој било друг), да „пука“ во јавноста со „меѓуетнички куршуми“.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција