Контраспин: Мицкоски спинува – имало поткуп на пратеници, ама не открива кои се поткупувачите

Фото: Принтскрин колаж

 

Во моменти кога се водат преговорите за новата влада лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврди дека врз пратеници од неговата партија се врши притисок (им се нуди поткуп) да дадат поддршка на СДСМ во креирањето на новото парламентарно мнозинство. Но, несоопштувањето на имињата на лицата кои, наводно, нуделе поткуп остава простор за сомнеж дека се работи за политички блеф

 

Пишува: Магдалена Андоновска

 

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски  деновиве на прес-конференција ја даде следната изјава во која се препознава спин:

Спин: Не би сакал сега јавно да зборувам за имињата на тие лица, тоа би било многу несериозно. Врз основа на сведочењата на луѓето на кои им е пристапено, јас само предупредив дека лица пришле на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и тоа е нормално. Нормално е да се пристапи, да се рече видете ваква програма нуди СДСМ, но шест-седум цифрени бројки во странска валута и ветувања за привилегии, со понуда дека утре ви е обезбедена средба со врвот на раководството на СДСМ, тоа предизвикува згрозување кај слушателот, кој е пратеник од нашата коалиција и кај мене. Се надевам дека ова ќе бидат неуспешни епизоди кои оставаат флека на демократските процеси во државата и дека нема да се повторат,  изјави  Мицкоски.

[Извор: 360 степени, датум: 05.08.2020]

 

Контраспин:  По конституирањето на новиот парламентарен состав и официјално започнаа да течат роковите за формирање на новата влада, а во преговорите за новото парламентарно мнозинство влегоа и владејачката СДСМ – која како предводник на коалицијата „Можеме“ освои 46 пратеници,  и опозициската ВМРО-ДПМНЕ – која заедно со коалициските партнери доби 44 мандати. Токму во овој чувствителен постизборен период  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски  излезе со тврдење дека  на пратениците од неговата партија им „биле нудени шестцифрени суми за да ја поддржат програмата на СДСМ“. Тој рече дека ги знае имињата на тие „мистериозни“ ликови кои им приоѓале на пратениците, но во овој момент нема да ги обелодени. Со оваа изјава Мицкоски се обидува да спинува.

Имено,тој јавно кажува дека на пратеници од неговата партија им бил нуден поткуп од страна на, како што вели мистериозни лица од СДСМ, но не открива кои се поткупувачите. На прашањето да обелодени кои се тие лица, вели дека би било несериозно да ги соопшти (?!). Што во најмала рака делува чудно.

Ваквиот одговор на лидерот на опозицијата е несериозен. На овој начин тој сака да креира перцепција дека некој ги уценува неговите пратеници, им нуди мошне големи суми пари, привилегии и притоа го вперува прстот во владејачката партија.  Во неговиот настап се препознава намерата да создаде слика дека врз пратениците од неговата партија се врши притисок (им се нуди поткуп) да дадат поддршка на СДСМ  во креирањето на новото парламентарно мнозинство. Ова би требало да предизвика згрозување во јавноста, но, несоопштувањето на имињата на тие лица, кои наводно нуделе поткуп, остава простор за сомнеж дека се работи за политички блеф во моменти кога течат преговорите и се мерат силите околу формирањето на новата влада, а со цел да се поткопа позицијата на СДСМ.

Истовремено, со ваквата изјава Мицковски сака да ја реактуелизира приказната за поткуп на пратеници – онаа од минатиот парламентарен состав кога се носеа уставните измени поврзани со Договорот од Преспа, која заврши со исклучување на осуммина негови пратеници од партијата.

Случај, во кој никогаш не беше докажан поткуп, но, сепак истиот беше (зло)употребен за остри напади на СДСМ, а се покажа и како добра можност за билдање на рејтингот на  Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција