Контраспин: Милионските дупки на автопатот Кичево – Охрид ги издупчи владата на ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Принтскрин

 

Застојот на градежните работи на автопатот Кичево – Охрид  се случи поради „дупките“ во проектот, но и во Договорот  со „Синохидро“, кој на крајот на 2013 година го склучи владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и експремиерот Никола Груевски (сега бегалец во Будимпешта). Токму поради сериозни пропусти во проектната документација првичната вредност на автопатот поскапи над 187 милиони евра, а ако  се додадат и други евентуални непредвидени трошоци, изградбата на автопатот може да достигне 600 милиони евра, или околу 10 милиони по километар

 

Пишува:Оливера Војновска

 

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, реагирајќи на интервјуто на претседателот на комисијата за транспорт и врски на СДСМ и градоначалник на Штип,  Благој Бочварски на ТВ 24, во кое тој вели дека  трасата за автопатот  Кичево Охрид не била промашена, ја даде и следната спинерска изјава:

Спин: Три години власта ја стопираше изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Три години изговор за неработата им беше дека била утната трасата. За на крај да можат да се задолжат за 180 милиони евра на штета на граѓаните.

Три години автопатот не е мрднат од мртва точка. Како е оставен во време на ВМРО-ДПМНЕ така е и сега, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

[Извор:Република, датум: 05.11.2019]

Контраспин: Со оваа изјава гласноговорникот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски фактички ја спинува вистината за промашувањето на изведбата на автопатот Кичево – Охрид, па пренебрегнувајќи дека проблемот е „наследство“ од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, одговорноста со леснотија ја пренасочува кај СДСМ. Стоилковски, всушност, ја (зло)употребува  изјавата на Бочварски дадена при гостувањето на „ТВ 24“, при што прави спинерска конструкција дека власта намерно три години без никаква причина ја стопирала изградбата на  автопатот Кичево – Охрид.

СДСМ, навистина, уште пред две години (2017)  тврдеше дека трасата на автопатот била промашена. Тоа социјалдемократите го искажуваа повеќепати и во соопштенија, а истото го кажуваше и премиерот Зоран Заев.  Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта  Зоран Китанов во интервју за „Макфакс“, (06.11.2019),  сè уште тврди дека трасата е погрешна  и тоа го поткрепува со извештај на надзорот од 2014 година во кој е наведено дека е неопходно препроектирање. Според Китанов, изјавата на  Бочварски дека патот не бил промашен е извадена од контекст.

Сепак,  сега оваа изјава на Бочварски, ВМРО-ДПМНЕ ја користи за да ја извитопери сликата и вината за проблемите со изградбата на автопатот Кичево – Охрид да ја префрли кај СДСМ. Меѓутоа, фактите говорат дека изградбата на овој автопат беше стопирана  во јуни 2017 година поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот. Се покажа дека проектот за автопатот бил нецелосен, со низа пропусти кои разултираа со грешки при изведбата. Целата инвестиција стартувала набрзина со некомплетни геотехнички истражувања на подлогата на трасата поради што е направена и погрешна категоризација на земјаните работи, како и неточно проектирање на косините на патот кои при ископот се обрушувале, имало одрони и појава на свлечишта. Лошо проценетата геологија на теренот предизвика дополнителни проектирања за темелите на мостовите, потпорните ѕидови и тунелите кај Пресека. Исто така, на автопатот не беа предвидени приклучоци (клучки) за населените места, што секако претставува сериозен пропуст во проектот.

 

ОГРОМНИ УТКИ ВО ПРОЕКТОТ

Деновиве (05.11.2019) министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во изјава за „Дојче веле“ констатира дека целиот проект бил катастрофално планиран   до тој степен што, според него,   „градежништвото не познава такви утки“.

Откако ги направивме сите анализи, сите стручни лица укажаа дека постои голема несуогласеност меѓу проектот и состојбата на терен за што моравме да реагираме за да ги заштитиме националните интереси, Сугарески за ДВ.

Сугарески нагласува дека  за да се спаси ситуацијата морало да се направи комплетно нова проектна документација за 9 клучки затоа што  во проектот не бил планиран ниту еден излез од автопатот. Немало ниту проекти за алтернативни патишта, па морало да се прави нов проект за изградба на патишта за населените места кои гравитираат на автопатот.

Дополнително наидовме и на огромни проблеми во изградбата на тунелот бидејќи во проектот е дефинирана втора категорија на земјиштето, но на терен состојбата е поинаква. (Сугарески)

Значи, власта (СДСМ) не ја прекинала од кеф изградбата на автопатот  барајќи само изговор за тоа (како што спинува Стоилковски), туку застојот на градежните работи се случи поради утврдени недостатоци во проектната документација, поради што веќе се  препроектираат одделни делови од проектот за сите 5 подделници на автопатот. Препроектирањето на утврдените пропусти кај автопатот, како што информираше агенцијата „Мета“ во септември (2019),  го прави Градежниот институт Македонија (ГИМ), а целата документација треба да биде завршена за 12 месеци (до септември 2020).

Сепак, во целиот овој период работите не се „замрзнати“ туку се изведуваат, но со забавено темпо. Доказ за тоа е и последната информација од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), дека се пробиени 96 отсто од трасата.

На таа автопатска делница досега има прогрес на градежните работи од 75 проценти, а пробиени се 96 проценти од трасата. Првите километри од Врбјани до Охрид треба да бидат готови наредната година, а целиот проект до крајот на јуни 2021 година…. (ЈПД)

Што значи, изградбата на автопатот не била „стопирана три години“ и не е точно дека „автопатот не е мрднат од мртва точка“, дека наводно „е оставен  како во време на ВМРО-ДПМНЕ“, како што тврди Столиковски.

 

ДА СЕ ПРЕКИНЕ ИЗГРАДБАТА ИЛИ ДА СЕ СПАСИ АВТОПАТОТ

Во неговиот настап има прилично извртување на вистината со цел да се изманипулира јавноста и да се креира перцепција дека власта  тенденциозно ја опструира изградбата бидејќи е „неспособна“ да го заврши автопатот Кичево – Охрид. Истовремено се создава впечаток како актуелната Влада да барала изговор  да ја задолжи државата за дополнителни „180 милиони евра на штета на граѓаните“. Што, исто така, претставува спин.

Во врска зо ова спинување да потсетиме дека откако летото 2017 година изградбата беше сопрена (поради утврдени низа пропусти и грешки), Владата во ноември минатата година (2018)  соопшти дека усвоила анекс на Договорот во износ од 187 милиони евра со кинеската фирма „Синохидро“ за продолжување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Министерот за транспорт и врски Сугарески тогаш изјави дека актуелната Влада само „вади костени од оган, затоа што ниту ја договарала изградбата, не го избрала изведувачот и не ја згрешила проектната документација“. Вицепремиерот Кочо Анѓушев појасни дека како Влада биле соочени со веќе потпишан договор, кој бил со потешкотии во своето функционирање.

Имавме две можности, едната да се прекине изградбата, со што ќе бевме приморани да ги вратиме средствата кои веќе беа потрошени за проектот, да останеме без автопат, како и да платиме сериозни пенали поради лошиот проект кој беше усвоен од претходната Влада. Втората можност беше да се продолжи со изградбата на автопатот, но претходно да се доведе во технички и финансиски исправна состојба, за која се одлучивме како Влада, рече Анѓушев.

Тој појасни дека согласно основниот договор, Владата ќе морала да доплати 282 милиони евра за санирање на грешките во проектот, но успеала во процесот на преговори да постигне пониски цени, односно, да доплати 187 милиони евра.  И според него, само за санирање на главниот проблем – промашените косини на автопатот – потребни се дополнителни 70 милиони евра. Дополнителни 30 милиони евра ќе се потрошат за изградба на 9 – те нови клучки кои не биле планирани со оригиналниот проект, а остатокот веројатно ќе се инвестира во изградба на тунелот Пресека, кој бил испланиран во проблематичен терен.

Така што, не станува збор за непотребно задолжување од 180 милинони евра, туку за нужност за санирање на „дупките“ во проектот направени од претходната Влада, за да може да се заврши изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Но, ВМРО-ДПМНЕ не сака да ги види тие „дупки“ во проектот, како и во Договорот  со „Синохидро“, кој на крајот на 2013 година го склучила нивната Влада предводена од експремиерот Никола Груевски (сега бегалец во Будимпешта). Затоа и ја спинува вистината и наменски крои сосема искривена слика за развлекувањето на изградбата на автопатот.

Овој автопат, долг 57 километри, почна да се гради  во февруари 2014 година и за него беа  предвидени 375 милиони евра, обезбедени преку кредит од кинеската Ексим банка. Како што веќе споменавме, неколку години подоцна се утврдија сериозни пропусти во проектната документација и првичната вредност на автопатот поскапи над 187 милиони евра, а ако се додадат и други евентуални непредвидени трошоци, изградбата на автопатот може да достигне близу 600 милиони евра, или околу 10 милиони по километар. Иако, според првичните планови изведбата требаше  да заврши за четири години, односно до февруари 2018 г,  рокот за реализација се пролонгира за три и пол години, односно до јуни 2021 г.

А, токму поради Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го отвори предметот „Траекторија“, во кој се обвинети Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски. Според СЈО, тие потпишале штетен договор со „Синохидро“ со кој го оштетиле буџетот за околу 155 милиони евра.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција