Контраспин: Министерот за спорт Ристовски произволно лицитира со бројот на млади спортски таленти
Министерот за спорт Борко Ристовски одговарајќи на прашањето за катастрофалниот учинок на младите македонски спортисти на МОФ, или популарно наречен младинска Олимпијада, спинуваше околу причините за неосвојувањето на ниту еден медал, паушално лицитирајќи за тоа колку млади таленти има државата. Најпрвин лицитира со бројката од „500 талентирани дечиња“, а веднаш потоа го преполовува бројот, прашувајќи се „дали имаме и 250?“. Во С. Македонија не постои централизирана датабаза со податоци околу бројот на талентирани млади спортисти, како и мерит-систем кој би детектирал млади таленти во спортот, па министерот го определува нивниот број „од око“ .
Министерот за спорт Борко Ристовски одговарајќи на прашањето за катастрофалниот учинок на младите македонски спортисти на МОФ, или популарно наречен младинска Олимпијада, спинуваше околу причините за неосвојувањето на ниту еден медал, паушално лицитирајќи за тоа колку млади таленти има државата. Најпрвин лицитира со бројката од „500 талентирани дечиња“, а веднаш потоа го преполовува бројот, прашувајќи се „дали имаме и 250?“. Во С. Македонија не постои централизирана датабаза со податоци околу бројот на талентирани млади спортисти, како и мерит-систем кој би детектирал млади таленти во спортот, па министерот го определува нивниот број „од око“
Пишува: Стојан Синадинов
Иако С. Македонија како домаќин на неодамна одржаниот Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) учествуваше со рекорден број млади спортисти, 181 натпреварувач, не освои ниту еден медал. Министерот за спорт во Владата на С. Македонија, Борко Ристовски, одговарајќи на прашањето во интервју за Радио „Слободна Европа“ колку овој поразителен резултат е последица на немање стратегија за млади спортисти, бидејќи поголемиот дел од младите немаат голема помош од државата, туку сами вложуваат во нивниот развој и тренираат, без големи спонзори како спортистите во клупските натпреварувања, го изрече следниот спин:
Спин: Имам личен контакт со сите индивидуални спортисти, со сите оние млади таленти, ние поддржуваме и преку 500 стипендираме млади таленти. Ако мене ме прашувате, ние 500 талентирани дечиња во државата немаме. А дали имаме и 250. И затоа размислуваме во иднина да бројката се намали, а помошта во средства да се зголеми. Значи, ако земале, не знам, 8.000 денари, сега 250 дечиња да земаат 15.000 денари секој месец и да навистина ја осетат таа помош. Така што, верувајте дека преку ноќ не бидува ништо, меѓутоа ве уверувам исто така дека Министерството за спорт и јас и мојот тим сме решени да работите ги поставиме онака како што треба.
[Извор: Ристовски: Предложивме или да се откаже Олимпијадата или да се намали на 1.000 учесници, но бевме одбиени; Датум – 03.08.2025]

Контраспин: Министерот за спорт Борко Ристовски во интервју за Радио „Слободна Европа“ одговарајќи на прашањето за катастрофалниот учинок на младите македонски спортисти на МОФ, или популарно наречен младинска Олимпијада, спинуваше околу причините за неосвојувањето на ниту еден медал, паушално лицитирајќи за тоа колку млади таленти има државата.
(Одговорот на Ристовски во интервјуто за Радио „Слободна Европа“ од 11.00 до 12.15 мин. во видеото)
Министерот Ристовски прво лицитира со бројката од „500 талентирани дечиња“, а веднаш потоа го преполовува бројот, прашувајќи се „дали имаме и 250?“. Во С. Македонија не постои централизирана датабаза со податоци околу бројот на талентирани млади спортисти, како и мерит-систем кој би детектирал млади таленти во спортот, па министерот Ристовски си дозволува да го определува нивниот број „од око“.
Па, колку навистина талентирани млади спортисти имаме во земјава?
Каква е состојбата во македонскиот спорт?
На официјалниот сајт на Европската Унија (ЕУ), во извештајот на Европската Комисија (ЕК) за „Здравјето и благосостојбата“ во С. Македонија (последен пат апдејтуван на 07.03.2024), во делот „Спорт, фитнес за млади и физичка активност“, нотирано е:
Во Северна Македонија, не постои посебна стратегија што се однесува само на спортот и физичката активност на младите. Во новата Национална стратегија за млади (2023-2027), не постои специфична тематска област посветена исклучиво на спортот, но спортот се провлекува низ неколку тематски области на стратегијата.
Извештајот наведува и дека се подготвени потребните регулаторни документи за соработка на локално ниво чија цел е сеопфатна соработка меѓу сите институции во земјата кои придонесуваат за спортот и промоција на „Спорт за сите“, со дефиниран сет на индикатори за подготовка на програми за вклучување и испитување на потребите преку јавни дебати, состаноци на општинските совети и регионална соработка за градење капацитети.
Извештајот на ЕК ги детектира ресорните министерства за здравство и образование и наука, во рамките на нивните мандати за регулирање на здравствениот и образовниот сектор, кои се главни засегнати страни кои ја поддржуваат соработката и формирањето партнерства меѓу училиштата. Како релевантни субјекти во спортот се наведени Агенцијата за млади и спорт (која е укината по минатогодишните парламентарни избори и е формиран нов владин ресор, Министерство за спорт), потоа Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Институтот за спорт, спортските федерации, единиците на локална самоуправа, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за труд и социјална политика, Бирото за развој на образованието, Институтот за јавно здравје, основните и средните училишта, Федерацијата за училиштен спорт и организации од граѓанското општество.
Министерството за спорт на 06.05.2025 година информира дека почна исплатата на првиот дел од субвенциите од Владата и Министерството за спорт за поддршка на спортот за 2025 година, во висина од 440 милиони денари (нешто над 7 милиони евра), и тие средства се распределени на спортските федерации, спортските клубови, активни спортисти во индивидуалните спортови и други правни лица кои имаат решение за вршење дејност спорт (национални спортски федерации со комплексна содржина и спортови со специфичен интерес), согласно Критериумите за распределба на средства утврдени со Законот за спорт. Вториот дел од државните субвенции за спортот за оваа сезона ќе биде исплатен во август 2025 година.
Каде се „кријат“ младите таленти?
Од друга страна, пак, во С. Македонија не постои централизирана датабаза со податоци околу бројот на талентирани млади спортисти, како и мерит-систем кој би детектирал млади таленти во спортот. Пребарувањата ги покажуваат следниве податоци.
Министерството за образование и наука на 25.07.2025 распиша Конкурс за доделување 150 стипендии за талентирани ученици – спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2025/2026 година. Во условите на конкурсот, меѓу другото, е наведено дека апликантите треба да имаат освоено „награда/диплома/потврда за освоено I, II или III место на меѓународен натпревар организиран од национална федерација или на државен натпревар од областа на спортот, организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт или Министерство за спорт“. На крајот од конкурсот стои известувањето дека „висината на стипендијата ќе изнесува 3.500,00 денари месечно и ќе се исплатува во траење од девет (9) месеци за времетраењето на учебната 2025/2026 година“.
Веројатно најповикана институција за откривање и поддршка на млади спортски таленти е Државното средно училиште „Спортска академија“ – Скопје (под капата на Министерството за образование и наука), коe секоја година започнува потрага по спортски таленти во C. Македонија. Во Јавниот повик за проверување на способностите за спортски вештини на учениците кај кои има интерес за запишување во ДСУ „Спортска Академија“ – Скопје, коишто ќе бидат дел од училиштето во паралелките за фудбал, ракомет, кошарка и тенис.
Целта на ДСУ „Спортска академија“ – Скопје е учениците, спортски таленти да се оспособат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да станат членови на националните спортски селекции за фудбал, ракомет, кошарка и тенис. Учениците ќе бидат подложени на посебна, специјално за оваа намена креирана програма за образование и тренинг. За работа со учениците ќе бидат ангажирани стручни тимови составени од тренер и негов заменик и физиотерапевт. Кандидатите за упис во прва година во средното училиште ќе бидат селектирани од стручна комисија, стои во огласот објавен пред почетокот на минатата учебна 2024/2025 година,
Јавен повик е објавен и годинава, за новата учебна 2025/2026 година, а тој е проследен и од страна на Кошаркарската федерација на Северна Македонија (КФСМ).
И општините како единици на локалната самоуправа стипендираат млади талентирани спортисти.
Општина Карпош на 02.06.2025 распиша оглас за стипендирање на талентирани спортисти кои се жители на Општината и се ученици од осмо и деветто одделение во учебната 2025/2026 година. Во критериумите за доделување стипендија потребно е „спортистот да има постигнување на индивидуални спортски резултати, потврдени од матичната национална спортска федерација и да се во согласност со календарот на натпревари на националните федерации за периодот од 01.09.2024 година до завршување на огласот“. Висината на стипендиите што ќе ги додели Општина Карпош изнесува 3.000,00 денари и 3.500,00 денари месечно, за осум месеци во текот на учебната година.
И Општина Центар во учебната 2024/2025 година додели стипендии на талентирани ученици од VI до IX одделение во сите спортски дисциплини и од I до IX одделение во спортската дисциплина шах, од општинските основни училишта на подрачјето на Општината. Стипендијата изнесува 2.500 денари, 3.000 денари и 3.500 денари месечно за осум месеци во текот на учебната година.
Искуства од светот
Идентификацијата на таленти во спортот е првиот чекор за постигнување врвни резултати, и многу развиени земји успешно ја спроведуваат таа стратегија.
Естонија, држава со околу 1,3 милиони жители, има институционална рамка за младински таленти во спортот. Идентификацијата на таленти е координирана од спортски федерации, регионални спортски училишта и Естонскиот олимписки комитет, заедно со Министерството за култура и младинска политика. Водечка програма е спортската гимназија „Аудентес“ во Талин (со филијала во Отепа): интернатско спортско училиште кое избира околу 230-250 талентирани спортисти на возраст од ~15-19 години, нудејќи бесплатно образование, обука, сместување, медицинска поддршка и интегрирано школување во атлетика, тенис, кошарка, скијање… Естонскиот олимписки комитет, исто така, спроведува иницијатива „Забележете ја следната генерација“: во 2018 година, препозна околу 32 млади спортисти во 28 спортови, насочувајќи директно финансирање и поддршка.
Финска (популација од 5,5 милиони жители) управува со децентрализиран, но стратешки национален систем за таленти. Финската фудбалска федерација (ФФА) спроведува модел за идентификација на таленти базиран на пирамида од 2020 година, нагласувајќи го локалното скаутирање, соработката меѓу клубовите и федерациите и споделувањето податоци, во согласност со пошироката национална политика за младински спортови. Спортскиот институт Кисакалио е центар на национално ниво поддржан од државата, кој нуди тренинг, кампови и тренинг за повеќе спортови, вклучувајќи гимнастика, кошарка, веслање, хокеј на мраз… Се користи за развој на младински таленти и тренерско образование на национално ниво. За специфични спортови, програми како Хелсиншката кошаркарска академија (HBA-Märsky) водат комбинирани образовни и тренинг канали за кошаркарски перспективи на возраст од 13-19 години, хранејќи ги националните младински тимови.
Латвија (Летонија) и Литванија повеќе се потпираат на федерации, спортски научни центри, кампови и развој на локално ниво отколку на обединети национални академии, иако Литванија неодамна започна формални програми за атлетски таленти.
Сите овие земји земени како пример мобилизираат јавна инфраструктура, федерации и финансирање за структурирање на развојот на младите, иако обемот и формализацијата варираат.
Министерот Ристовски во интервјуто за РСЕ споменува дека „немањето резултати не може да се смени ниту за една година, ниту за две, ниту за три. Тоа е еден процес којшто барем треба да трае два олимписки циклуса, а тоа е четири до осум години за да направите резултат на Олимпијада“. Со тој став делумно се согласуваат и врвните спортски тренери во земјава.
Сепак, констатацијата од извештајот на ЕК од минатата година дека во С. Македонија „не постои посебна стратегија што се однесува само на спортот и физичката активност на младите“, останува да лебди над непроменетата состојба со младите таленти и спортот, чиј број засега останува неутврден.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар