Контраспин: Може ли некој да му застане на патот на градоначалникот Рамиз Мерко

Рамиз Мерко. Фото: META

Самоволието на Мерко ги разгоре реакциите кај сите упатени во ова прашање. Најнапред кај архитектите, кои уредувањето на плажите го гледаат од професионален аспект, но секако и граѓаните кои потенцираат дека однесувањето на градоначалникот е недопусливо, и згора на тоа без никакви санкции. Неговот тврдење дека е над Владата е спин

 

Пишува: Магдалена Андоновска

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко воопшто не се грижи за реакциите на јавноста и невладините организации, кои реагираат на се повеќе забележаните дивоградби во овој град. Тој не го прифаќа предлогот на Антикорупциската комисија, надлежноста за уривање на дивоградбите да биде префрлена на Владата на Република Северна Македонија. Напротив, смета дека се што е изградено во Струга е легално, при тоа, поставувајќи се себе си како градоначалник над сите институции во државата, вклучително и над Владата за која вели дека треба да постапува како што тој ќе каже. Во оваа изјава се препознава спин:

Спин: „Ние ќе му кажеме да доградиме уште, а не да рушат. Владата ќе реагира како ние ќе кажеме. Сигурно така ќе кажат, бидејќи ние сме локална власт. Фала богу кога доаѓа пролет, сите треба да направат реконструкција, да ги исчистат терените, да ги средат концесиите, да ги средат и измачкаат објектите. За овие работи за кои и вие и оние невладини кои ги има во Охрид, не напаѓаат, нас баш не брига“.

[Извор: МКД.мк – Рамиз Мерко: Баш не брига за реакциите…– датум, 20.06.2020]

 

Контраспин: Ваквиот став на градоначалникот на Струга не ги навреди само невладините организации кои се најгласни во решавањето на проблемот со дивоградбите долж струшкото крајбрежје, туку и повеќето граѓани во земјава, како и експерти упатени во ова прашање. Нивните реакции најмногу се однесуваат за арогантното однесување на градоначалникот Мерко, кој се поставува над сите жители од овој град, при тоа заборавајќи дека е политичар избран токму од нив.

Речиси и да не постои одлука која се однесува на уредувањето на плажите, за која на било кој начин биле консултирани граѓаните или пак, стручната фела од овој град. Напротив, впечатокот е дека сите тие одлуки ги донесува лично тој и без никаква јавна расправа, ставајќи се себе над законот. Или како што самиот ќе рече, нема закон со кој што владата може да му ги одземе надлежностите во делот на справувањето со дивоградбите.

Ваквото самоволие на Мерко ги разгоре реакциите кај сите упатени во ова прашање. Најнапред кај архитектите, кои уредувањето на плажите го гледаат од професионален аспект, но секако и граѓаните кои потенцираат дека однесувањето на градоначалникот е недопустливо и згора на тоа, без никакви санкции. Во преден план зад овие нелегални објекти избиваат бизнис интересите, за кај кои често, општото добро не се совпаѓа и со личното добро на поединци.

На оваа линија е и лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села, кој вели дека арогантното и неодговорно однесување на градоначалникот на Струга уште еднаш покажало дека дивите градби во Струга се прават со негово знаење и стимулирање:

„Повеќето од тие што градат околу езерото ги кажуваат истите зборови – се договоривме со Рамиз. На овој уништувач на секоја вредност и богатство на граѓаните на Струга, не му е местото таму. За жал, институциите стануваат алатка на криминал и криминалци како Рамиз. Уште еднаш ги покануваме полицијата, обвинителството, судот, Владата, да преземат мерки сѐ додека не стане предоцна. Нашето богатство се уништува и узурпира. Додека организираниот криминал цвета на секој агол во Струга“, соопштуваат од Алијанса за Албанците.

 

Дали некој ќе му застане на патот на струшкиот градоначалник, во узурпацијата на струшкото крајбрежје, и дали ќе има законски санкции за неговото самоволие, се само дел од прашањата кои секојдневно јавно се упатуваат на адресата на полицијата, обвинителството и судот, но од ниедна од овие институции нема никаква реакција.Се чини дека постојаните повици на невладините организации, жителите на Струга и секако стручната фела, не се доволни за обвинителството и судот да си ја вршат својата работа и да го заштитат крајбрежјето од дивите узурпатори, со кои очигледно стручкиот градоначалник е во спрега.

За разлика од Струга, Охрид (по) сериозно си ја сфаќа работата. Со денови придружувани од  полициско обезбедување багерите ги уривааат дивите градби долж крајбрежјето, а гледајќи го тоа сопствениците на шанковите и објектите почнаа сами ја дислоцираа урбаната опрема од плажите. Иако меѓу нив има и такви кои велат дека досега вложиле илјадници евра во објектите каако и тоа дека поседуваат уредна документација со редовно плаќани давачки, сепак општина Охрид останува на ставот дека одлуката за уривање е исправна и дека крајбрежјето еднаш засекогаш мора да се спаси од штетните дивоградби.

Поради погоре наведените аргументи изјавата на Мерко дека бидејќи тие биле локална власт, Владата ќе ја полсушала дури и ако кажеле дека ќе има уште градби а не уривања, ја оценуваме како извртување на вистината или спин.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција