Контраспин: МРТ можеби ќе има стабилно, ама сиромашко финансирање

Иако сè уште постојат декларативни заложби за силен радиодифузен сервис, иако во предлог законот за ААВМУ пишува дека радиодифузијата ќе се финансира со 0,7 отсто од буџетот, а во тие рамки најголемиот дел за МРТ, оваа бројка е околу 0,57 отсто според предлог-буџетот на РМ, а реалните пари што ќе ги добие МРТ се за околу 5 милиони евра помалку од лани

Иако сè уште постојат декларативни заложби за силен радиодифузен сервис, иако во предлог законот за ААВМУ пишува дека радиодифузијата ќе се финансира со 0,7 отсто од буџетот, а во тие рамки најголемиот дел за МРТ, оваа бројка е околу 0,57 отсто според предлог-буџетот на РМ, а реалните пари што ќе ги добие МРТ се за околу 5 милиони евра помалку од лани

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Министерoт за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, под чија надлежност спаѓаат и медиумите, зборувајќи за реформата во и околу Македонската радиотелевизија, го искажа следниот став, во чии делови препознавме полувистина, извртена вистина, т.е спин:

Спин: МРТ нема повеќе да биде доведена во состојба да бара дополнителна финансиска поддршка од Владата, како што беше тоа случај кога средствата собрани од радиодифузната такса не беа доволни. Ова (финансирањето од Буџетот н.з.) ќе придонесе кон стабилно финансирање на МРТ, МРД и АВМУ, односно тие повеќе нема да зависат од процентот на наплата на радиодифузната такса. На овој начин МРТ повеќе нема да треба да одговара пред Владата, туку со својата програма одговара само пред Собранието

[Извор: МЕТА, датум: 15.11.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Министерот Манчевски ваквиот став го искажа по разговорите со амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стефансон, кој, пак, ги поздравил напорите и реформите кои ги споведува МИОА и кои според него ќе доведат до посилен радиодифузен сервис.

Во изјавата на Манчевски вистина е дека начинот на финансирање на МРТ, на Македонската радиодифузија и на Агенцијата за медиуми ќе биде постабилно и нема да зависи од висината на собраната радиодифузна такса. Но, воопшто не е сигурно дека со овој начин на финансирање, барем МРТ нема да биде доведена во состојба да бара дополнителна финансиска поддршка.

За да се аргументира ова тврдење, дека парите предвидени од буџетот нема да бидат доволни и дека МРТ најверојатно повторно ќе биде принудена да се обрати до Владата или до други извори на финансирање – можеби донации и грантови, треба само да се видат досегашните споредби на годишните буџети на МРТ во последните неколку години и расчленување колку од тоа било од РДТ, а колку од Владата по различни основи – техничка помош, Министерството за култура, снимање на домашана играна и музичка продукција, итн.

Овие бројки се преземени од Управата за јавни приходи, која ги достави пред неколку месеци до Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за потребите на учество во работна група за финансирање на МРТ:

naplata 2014-2016

Иако малку различни од оние бројки што ги прикажува МРТ во своите годишни извештаи во делот наплата на РДТ, горе-долу станува збор за слични суми, така што, може да се земат како сигурна основа за калкулации.

На овие пари Владата, како што напишавме погоре, секоја година додаваше пари исклучиво за МРТ, па така, годишните буџети на Јавниот сервис во истите години изнесуваа:

Prihodi2014-2016

 (Извори: Годишен извештај на МРТ за 2016, стр.89 и Финансиски извештај за МРТ за 2015, стр 8)

 

КОЛКУ ПАРИ ВЛАДАТА ПЛАНИРА ДА ОДВОИ ВО 2018 ГОДИНА?

Финансирањето на МРТ, МРД и ААВМУ наместо со радиодифузна такса, која беше укината заклучно со месец септември годинава, сега се заменува со пари од Буџетот на Република Македонија. За последните три месеци за таа намена се издвоени точно 200 милиони денари само за Македонската радиотелевизија и, според некои апроксимации, тоа одговара на околу 0,4 отсто од буџетот на годишно ниво, иако во предложениот закон за укинување на РДТ се споменува цифрата од 0,5 отсто од буџетот. Но, тоа е помалку значајно, бидејќи во последната предлог-верзија на Законот за АВМУ, кој се наоѓа на веб-страницата на МИОА, во кој се регулира и финансирањето на МРТ, МРД и ААВМУ, се наведува дека тоа ќе изнесува 0,7 отсто од Буџетот на РМ.

Но, ако го погледнеме детално предлог-буџетот на Република Македонија, во делот на расходите на МИОА, пишува дека за радиодифузна дејност, т.е за МРТ, МРД и ААВМУ како субвенции и трансфери ќе се одвојат 1,19 милијарди денари, односно околу 19,349 милиони евра. Тоа е помала ставка од 0,7 отсто од расходната страна (над 211 милијарди денари) и изнесува некаде околу 0,57 отсто од Буџетот на РМ.

Што конкретно значи ова за МРТ? Бидејќи и досега, а и отсега приходите ќе се делат по формулата 74,5 отсто за МРТ, 19,5 отсто за МРД и 6 отсто за ААВМУ (член 105), тоа значи дека МРТ од вкупниот колач за дејноста ќе добие околу 14.415 милиони евра.

budzet radio difuzija 2018

На МРТ и се оставени во предлог-законот и приходи од продажба на комерцијални содржини или содржини во своја продукција и други права, но од тоа, според досегашните финансиски извештаи, МРТ не може да се надева во 2018 година на сума поголема од еден милион евра. А и прашање е дали ќе остане така во законот, зашто комерцијалните телевизии силно лобираат МРТ, ако се финансира од буџет, да нема право на приходи од рекламниот пазар, што е разбирлив став.

Ако се споредат досегашните суми со кои работела МРТ и приходот на кој сега може да смета од буџетот, ако се имаат предвид долговите на МРТ, ако се има предвид севкупната состојба во куќата на кадровски и материјално-технички план (неповолна возрасна структура, техника под потребниот минимум) и ако се имаат предвид плановите Вториот програмски сервис да биде 24 часа на албански јазик, како и отворање на Четврт програмски сервис за потребите на другите 6 малцински јазици, тогаш за каква финансиска стабилност и консолидирање на МРТ зборува минстерот Манчевски со 14,4 милиони евра од Буџетот на РМ?

Оваа сума се коси со досегашните ветувања дека МРТ нема да има помалку пари отколку досега и со барањата на ЕУ истакнати во вториот експертски извештај на тимот на Рајнхард Прибе, во кој се бара „итно да се обезбедат соодветни средства за да се засили нејзината независност и за да се овозможи ефикасно работење и управување“.

Поради ова, иако станува збор за предлог-буџет и за предлог за измени на Законот за ААВМУ, сметаме дека изјавата оти „МРТ нема повеќе да биде доведена во состојба да бара дополнителна финансиска поддршка од Владата, како што беше тоа случај кога средствата собрани од радиодифузната такса не беа доволни“ – е извртена вистина, т.е. спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција