Контраспин: Муцунски бара МВР да спречи проток на тешки товарни возила, без да постави сообраќаен знак
Она што е проблематично во постот на градоначалникот Тимчо Муцунски е неговиот повик до МВР да не дозволува проток на тешки товарни возила во регионот на Горно Лисиче. Тука, всушност, се препознава спин. А, еве зошто. Во овој реон не е поставен сообраќаен знак, односно патна сигнализација којашто забранува проток на тешки товарни возила. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, токму оваа обврска да се поставуваат патни знаци е на самата општина и на градот Скопје, а пред нејзината реализација само се бара мислење – согласност од МВР
Она што е проблематично во постот на градоначалникот Тимчо Муцунски е неговиот повик до МВР да не дозволува проток на тешки товарни возила во регионот на Горно Лисиче. Тука, всушност, се препознава спин. А, еве зошто. Во овој реон не е поставен сообраќаен знак, односно патна сигнализација којашто забранува проток на тешки товарни возила. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, токму оваа обврска, да се поставуваат патни знаци, е на самата Oпштина и на градот Скопје, а пред нејзината реализација само се бара мислење – согласност од МВР
Пишува: Мирослава Бурнс
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, објави Фејсбук статус во којшто ја спинува вистината. Тој информира дека само неколку денови откако ја презел градоначалничката функција, поставени биле ,„легнати полицајци” во населбата Горно Лисиче, а после неколку недели од Општината забележале еден од „легнатите полицајци“ е скршен. Вината за ова Муцунски ја гледа во МВР:
Спин: Нашите екипи на терен експресно брзо реагираа и веднаш го санираа овој проблем. Во последниот период сведоци сме на вандализам врз општинските добра низ целата територија на општина Аеродром за што се сомневаме дека ова има некаква позадина со цел да се наштети на општинската власт. Би сакале да ги известиме локалните жители дека опремата за проектите е под гаранција и веќе е санирана. Но, за истата штета да не се повтори, јавно го прашуваме МВР зошто не реагира на забраната за движење на тешките товарни возила кои движат во тој регион на Горно Лисиче и дозволува да се уништуваат коловoзите и урбаната опрема? Со безбедноста не смее да има компромис!, напиша Муцунски на Фејсбук.
[Извор: Фејсбук статус на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски; Датум: 24.12.2021 г. ]
Контраспин: Во прилог на Фејсбук статусот на Муцунски има фотографии од поставените лежечки полицајци, на кои се гледа дека дел од едниот од нив е заменет со нов. Она што е проблематично во постот е повикот на градоначалникот до МВР да не дозволува проток на тешки товарни возила во регионот на Горно Лисиче. Тука, всушност, се препознава спин.
А, еве зошто. Во овој реон не е поставен патен знак, односно патна сигнализација којашто забранува проток на тешки товарни возила. Токму оваа обврска, да се поставуваат патни знаци е на самата Општина и на градот Скопје, а пред нејзината реализација само се бара мислење – согласност од МВР. Тоа е регулирано со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Според Членот 351 од овој Закон:
(1) Местата за поставување на безбедносна ограда за заштита на пешаците, заштитни столбчиња, посебните технички и други мерки за забавување на сообраќајот и безбедност на децата на приодите кон училиштата, мерките за безбедност при изведување работи на пат и лоцирање на објекти во зоната на крстосници, како и поставувањето, отстранувањето и заменувањето на сообраќајните знаци ако тоа го бараат сообраќајните и безбедносните причини во населените места, врз основа на сообраќаен проект, со решение ги определува Министерството за транспорт и врски, по претходна согласност од Министерството за внатрешни работи, а за локалните патишта и улици со решение ги определува општината, односно градот Скопје во согласност со Министерството за внатрешни работи.
Такво мислење – да се постави знак да не поминуваат тешки товарни возила во Ново Лисиче, не било побарано од МВР.
За овој случај, МВР излезе со објаснување од кое произлегува дека немаат обврска да не дозволуваат проток на тешки товарни возила на коловози каде нема поставено патна сигнализација дека тоа е забрането. Во соопштението на МВР, меѓу другото, се вели:
…градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски, кој дали поради незнаење или пак свесно сакајќи да шири дезинформации поставува прашање до МВР зошто не реагира на наводна забрана за движење на тешки товарни возила во реон на Горно Лисиче, каде тој без да ги почитува законите постави т.н. „легнат полицаец“. За точно и правилно информирање, ја известуваме јавноста дека МВР не може да презема мерки за движење на тешки товарни возила на територија на општина Аеродром – н. Горно Лисиче, бидејќи движењето на тешките товарни возила не е регулирано со сообраќаен знак, а сообраќајните знаци по закон ги поставува локалната самоуправа. Односно, на наведеното подрачје нема поставено соодветна вертикална сообраќајна сигнализација – сообраќајни знаци за водење на товарниот сообраќај или за забрана за движење на истите.
Оттаму додаваат дека:
Во однос на „легнатите полицајци” или стручно кажано вештачки испакнатини кои што претставуваат сообраќајно технички мерки за забавување на сообраќајот и се сообраќајна опрема на патиштата, а не урбана опрема, напоменуваме дека истите се поставени без претходна согласност од МВР согласно член 351 од ЗБСП.
Апелираме до Муцунски да не ги манипулира граѓаните и да престане со евтините подметнувања. Наместо да пишува Фејсбук статуси да си ја заврши својата работа, а доколку има потреба и помош од МВР му стоиме на располагање во секое време да соработуваме како институција со институција, а не со подметнување лаги преку социјални мрежи.
Освен тоа, не постои доказ дека оштетениот „лежечки полицаец“ е последица на движењето на тешки товарни возила. Исто така, градоначалникот Муцунски од една страна вели дека се сомнева дека некој намерно ги оштетува општествените добра за да ѝ наштети на општинската власт, а од друга страна тврди дека оштетениот „лежечки полицаец“ е последица на тоа што на таа улица поминуваат тешки товарни возила. Овие две причини се контрадикторни.
Поради сето ова изјавата на Муцунски ја сметаме за спин. Во случајот постои каскадна одговорност, односно првиот чекор треба да го направи Општината. Според постојните законски прописи, за да се постави патна сигнализација, односно знак со кој ќе се забрани движење на тешки товарни возила во населбата, Општината определува место и потоа бара согласност од МВР. А, откако ќе се постави знакот, МВР ќе може да го регулира тоа дали таму има или нема проток на тешки товарни возила. Доплнително, во конкретниот случај не е ниту докажано дека тешките товарни возила се причина за оштетениот „лежечки полицаец“.
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар