Контраспин: МВР не би смеело да објавува информации во надлежност на ЈО и на Судот

Наќе Чулев. Фото: принтскрин

 

МВР и Полицијата имаат право ја информираат јавноста за делокругот од своите законски активности, но не на начин како што тоа го претстави Наќе Чулев – „ќе објавуваме, исто така, информации за одредени носители на јавни функциии за кои веќе има одредени добиени информации, а кои се можни сторители на кривични дела“. За ова надлежноста ја има Обвинителството или Судот зашто предистражните, па и истражните дејства се, сепак, заштитени како тајни постапки

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, даде изјава во која може да се препознае спин:

Спин: Во однос на истрагите, кои ги најавив, сакав да кажам дека во изминатиот период како МВР, покрај концентрацијата за спроведување на мерките на Владата за заштита на здравјето на граѓаните, МВР не ја изгуби откривачката функција, односно активностите во областа на откривање на сторители на кривични дела, посебно во областа организиран криминал и корупција, посебно во овој дел.

Во наредниот период ќе објавуваме, исто така, информации за одредени носители на јавни функциии за кои веќе има одредени добиени информации, а кои се можни сторители на кривични дела.

[Извор: А1 ОН – Чулев: ќе објавуваме информации… – датум: 28.05.2020]

 

 

Кoнтраспин: Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на прес-конференција на 28.05.2020 година со друга тема, како одговoр на новинарско прашање истакна дека во „наредниот период ќе објавуваме информации за одредени носители на јавни функции, за кои веќе има добиено одредени информации, а кои се можни сторители на кривични дела“, што е извртување на вистината, т.е. спин.

Спинот произлегува од законските надлежности на МВР, односно на Полицијата, а кои се утврдени со Законот за Внатрешни работи и Законот за полиција, како и со Законот за крвична постапка и Законот за јавно обвинителство.

Најпрво, во Законот за полиција во член 10, став 1 се наведува дека Полицијата ја известува јавноста за прашањата од нејзина надлежност. Меѓутоа, во истиот член има став во кој пишува:

Нема да се даваат информации, податоци и известувања кои согласно со закон се определени со соодветен степен на класификација, освен кога се исполнети условите утврдени со посебен закон.

A, како класифицирана, односно тајна информација, освен оние одредени со законот за класифицирани информации, се сметаат и предистражната и истражната постапка кои се регулирани со главниот процесен закон, Законот за кривични постапка.

Во овој закон постои член 289 во кој се наведува:

Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна.

Понатаму постои и член 299 кој ја регулира истражната постапка:

Доколку тоа го бараат интересите на кривичната постапка, потребата да се зачува тајна или да се заштити личниот и семејниот живот на оштетениот или осомничениот, јавниот обвинител ќе му нареди на лицето кое го сослушува, кое присуствува на истражното дејствие или кое ги разгледува списите, да ги чува како тајна определени податоци и ќе го предупреди за последиците од оддавањето на тајната.

Дури откако ќе се соберат докази кои говорат против осомниченото лице, но и во негов прилог, Обвинителството е тоа кое што решава дали ќе подигне обвинителен акт и ако се реши, за тоа има прецизно пропишани рокови.

Обвинителството, дури тогаш има право да ја извести јавноста дека има покренато обвинителен акт против тоа и тоа лице, со иницијали, бидејќи има докази за да верува дека лицето е виновно за сторено кривично дело. Откако обвинителниот акт ќе биде проценет од Судот во смисла дали има доволно докази за да се спроведе судска постапка, тогаш почнува судскиот процес, каде што Обвинителството и Одбраната се во подеднаква позиција, а судот ги проценува доказите на едните и на другите.

Кога сето ова ќе се има предвид, а исто така и Законот за полиција во кој се вели дека полицијата има организациона единица за сузбивање на организиран криминал (Член 18), но дека оваа единица „во извршувањето на своите работи соработува и ги спроведува насоките добиени од јавниот обвинител, согласно со закон, тогаш станува сосема јасно дека не МВР, туку Јавното обвинителство е тоа кое има право да објавува информации „за одредени носители на јавни функциии, за кои веќе има добиено одредени информации, а кои се можни сторители на кривични дела“, како што вели Чулев, кој реченица пред тоа вели дека овие соммневања се однесуваат на дела од областа на организираниот криминал и корупција.

Оттука, Чулев може ако сака да нареди да се објават ваквите информации и од страна на МВР, да одржи прес конференција, итн, но сето тоа ќе биде сомнително од аспект на законите. МВР има право да ја информира јавноста кога непосредно спречиле или биле сведоци на кривично дело и дека за тоа го информирале Јавното обвинителство за натамошна постапка, но тоа најчесто се однесува на спречување на загрозување на јавниот ред и мир од поголеми размери, или на други кривични дела, кражби, убиства, насилства, итн., но, не и на „носители на јавни функции за кои веќе има одредени добиени информации, а кои се можни сторители на кривични дела“. За тоа, како што кажавме погоре, надлежност има Јавното обвинителство, кое откако ќе добие сознанија или кривична пријава од МВР, ја води натаму предистрагата и истрагата, а во понатамошната постапка евентуални информација објавува и Судот доколку станува збор за определување мерка притвор.

Според тоа, изјавата на Чулев, освен ако случајно на пресот заборавил да ги спомене ЈО и Судот, може да се оцени како извртување на вистината за надлежностите на МВР, т.е. на Полицијата и за спин. Во ова може да се увери јавноста и со сосема површна проверка на веб страниците на МВР и на ЈО на РСМ за да се увери која институција какви информации објавува.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.