Контраспин: Наќе Чулев – министер за внатрешни или социјален работник и психијатар?!

Фото: Принтскрин

 

Најголемата опозициска партија постојано бара одложување на предвремените парламентарни избори и тоа повикувајќи се на состојбата со бројот на заболените од коронавирусот. Таа теза имаше сè помала одржливост сè додека првиот полицаец во земјава самиот не најави толеранција кон прекршителите на мерките кои требаа да го спречат ширењето на заразата

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Најновото продолжување на вонредните мерки во земјава за нови две недели, беше проследено со критики од највисоко ниво кон техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев како еден од оние кој не го даде својот очекуван придонес во намалување на вирусната опасност. Истиот функционер не само што немаше доволно ангажман во процесот на казнувањето на прекршителите на полицискиот час и во санкционирање на оние кои не се придржуваат до пропишаното однесување во време на пандемија, туку и самиот јавно кажуваше дека како министер за внатрешни работи преферира „пред сè да ги предупредуваме граѓаните“. Неодамна то, во емисија на „Алфа“ телевизија изјави:

СПИН: Јас кажав и на Влада и на социјалните медиуми, притисокот е бескрупулозно да ги казнуваме граѓаните за ограничувањето на движењето и за сите други мерки. Мојот принцип како министер за внатрешни работи е пред сè да ги предупредуваме граѓаните, а ако го повторуваат делото тогаш да превземеме репресивни мерки. Значи репресивни мерки да, ама не по секоја цена. Најпрво со превенција, а потоа да се оди со репресија. Моментот е особено тежок за граѓаните тие се под голем психолошки притисок, економската состојба ние катастрофално лоша. Голем дел од граѓаните изгубија работни места, семејствата им се во тешка економска состојба, така да високите казни кои што би им се дале, дополнително би го оштетиле нивниот буџет и би влијаеле негативно врз благосостојбата на нивното семејство –  изјави  техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев во своето гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ 

[ИЗВОР: Курир; ТВ Алфа; датум: 07.05.2020 ]

 

КОНТРАСПИН: Изјавата на времениот министер за внатрешни е дадена во рамките на емисијата „Заспи ако можеш“ и тоа на 7 мај, непосредно после познатата литија на МПЦ во Струга, кога полицијата не превенираше (ако веќе се споменува тој збор превенција) во спречување на истата. За неа имаше доволно најави дека ќе биде масовна, на пример, најавена е на сајтот на манастирот Бигорски, што во стартот значеше прекршување на одредбата за недозволување на групирање за време на траење на вонредната сотојба. Потоа, голем број од поворката, за која имаше проценки дека е со повеќе стотини учесници (!),  се прошета по улиците на Струга без носење на заштитна опрема и без одржување на потребна дисцтанца . Полицијата ниту после одржувањето на литијата не поднесе прекршочни пријави или не покрена барање за друг вид на санкции, па беше само во функција на обезбедување на поворката!

Фактот дека литијата не беше ниту предмет на каква било осуда од страна на оној кој е најодговорен за спречување и покренување на постапки во однос на примена на мерките донесени од техниичакат Влада, чиј член е и самиот, покажува дека се работи за смислен отпор кон истите. Имено, сите евентуално приговори на тие мерки се даваат на самата седница на Влада, а потоа се применуваат онака како што се донесени. Самата, погоре цитирана изјава, дадена половина ден после литијата во Струга, очевидно ја објаснува „филозофијата“ на министерот Чулев.

Таа е секако спин, бидејќи, ја извртува токму одговорноста на институцијата со која раководи овој функционер.

Имено, не е работа на МВР и нејзините припадници да бидат социјални работници, односно да бидат во функција на задоволување на социјалните потреби или заштита на социјалниот статус на населението, односно „одмерување“ на платежната моќ на прекршителите на мерките?! Полицијата дури и не казнува, туку поднесува платни налози, а судијата е тој кој ја одмерува казната и има простор евентуално да биде толерантен, доколку законот го дозовлува она „од – до“.

Уште помалку Чулев може да биде тој кој ќе одредува дали народот е во психички тешка ситуација, бидејќи,  тоа не е задача на МВР.

 

ПОЛИТИКАНТСТВО

Повеќе е од јасно дека се работи за класично политиканство сосема надвор од функцијата до која министерот, според сите прописите на правната држава, е должен да се држи и за што е одговорен. Дури тој на еден симболичен начин е столбот на цврстината на државата,  за таа, согласно на Уставот, да го заштитува здравјето и животот на граѓаните.

Актуелноста на оваа негова изјава за „Алфа“ телевизија е посебно нагласена деновиве, бидејќи по неказнетите учесници и организатори на литијата дојде до целосно опуштање на дисциплината на граѓаните, обезвреднување на мерките на Владата и медицинските власти. Ако министерот изјави „дека нема да казнува“, зошто на тоа граѓаните би биле глуви?

Како што знаеме, оваа милост во форма на „социјално-психичка амнестија“ стигна и до ушите на верниците со муслиманска вероисповед кои бараа да се „копира“ толеранцијата на државата и на „нивен терен“.  По што  и генерално, се отвори простор епидемијата која беше пред исчезнување на почетокот на мај, да добие нова сила и оттогаш наваму да имаме дури две продолжувања на времените мерки.

Нема двојба дека политичкиот профит од ова однесување на министерот Чулев ја имаше токму неговата партија -ВМРО ДПМНЕ, која иако иницијатор за одржување на предвремени парламентарни избори, сега бара оддложување и тоа токму повикувајќи се на зголемениот број на заболени од ковид -19.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција