Контраспин: Најдобар лек за поделбите е да запре пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ

Кој го дели македонското етничко ткиво? Фото: Скриншот

 

Изразувањето чудење на Тодоров и несогласувањето со појавата која „не смее да се дозволи“ (поделба на македонското етничко ткиво), е чист  аматерски актерски моментум на овој функционер, искажан само во една насока – повторување на избори и тоа дури откако стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја составува идната влада

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Никола Тодоров, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, потпретседател на Влада, министер за здравство и пратеник во новиот состав на Собранието, и сето ова во исто време, ја даде следнава изјава за која оценуваме дека е извртена вистина или спин:

 

Спин: Но, она што јас го гледам како дополнителен проблем, тоа е што во Македонија се појави една силна конфронтација помеѓу Македонците и тоа е нешто што е недозволиво, нешто што мора да се надмине…затоа што брат со брат, сосед, комшија, пријател, се караат, до тој степен се сензибилизирани во целава политичка ситуација, што практично како да се расцепува македонското ткиво и тоа не смееме да го дозволиме по ниедна цена. И затоа, сметаме дека брзи избори се решение на оваа политичка криза. Затоа што при брзи избори многу брзо ќе се добие резултат што поприлично ќе ја искристализира состојбата…Граѓаните ќе одлучуваат врз основа на сите информации. А на изборите што се случуваа граѓаните одлучуваа со половични информации, затоа што ниту еден што гласал за СДСМ или гласал против ВМРО, не знаел дека СДСМ ќе прифати платформа што е направена во друга држава и која што во себе содржи елементи кои што сериозно ќе ја редефинираат Македонија…

 

[Извор: ТВ Нова, (од 9.40 до 11.40 мин), датум, 03.03.2017]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Зборувајќи за она „што е недозволиво“, длабоката поделба меѓу македонското етничко ткиво, Тодоров убаво констатира дека имаме состојба која е ненормална – да се кара брат со брат, пријател со пријател, сосед со сосед.  Но, тој „заборави“ да објасни и зошто е ова вака?

Не еднаш се споменати овие аргументи тука – ВМРО-ДПМНЕ е партијата која работеше на интраетнички поделби, најмалку од 2008 година досега. Поделбата помеѓу македонското етничко ткиво како официјална политика на ВМРО-ДПМНЕ искажана преку партизацијата беше најчестата форма, а понекогаш бесрамно се затскриваше зад разни неофицијални здруженија на граѓани, верници на МПЦ и други форми, кои барем времено ќе ја заштитат партијата од критики поради ваквото недемократско однесување во домашната и странската јавност.

Можеме тука да потсетиме само накратко, на првите контрамитинзи и контрапротести од 2008-2009 година, кога млади момчиња и девојки беа нападнати на плоштадот во главниот град, само затоа што имаа поинакво мислење од ВМРО-ДПМНЕ за проектот Скопје 2014 г., преку контрамитинзите на незадоволни земјоделци пред штабот на опозицискиот СДСМ, веќе не е ни битно зошто, преку опасните контрасобири утредента по Црниот понеделник во 2012 година, па контрасобирите во  во 2015 г., па ГДОМ , па „Ноќта на долгите ножеви“ пред ДИК во декември 2016 година, се до овој последниот „сенароден спонтан протест“ наречен „За заедничка Македонија“, кој што го гледаме деновиве. Долга е листата на примери во кое се гледа нетрпеливост и нетолеранција од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон секој граѓански или партиски собир кој е контра некоја политика на власта што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ. При сите тие собири, константни беа зборовите „предавници“, „платеници“, „странски шпиони“ и многу други од листата на речникот на омразата.

Тоа продолжува и денес. И во многу соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ, и во многу говори и интервјуа на високи функционери на оваа партија. Но, најдобро може да се согледа целата состојба од фактот што ВМРО-ДПМНЕ признава само еден македонски народ – оној што гласал за нив на последните избори и тоа е објаснето во еден друг контраспин што можете да го прочитате тука.

Од тука, изразувањето чудење на Тодоров и несогласувањето со појавата која „не смее да се дозволи“(поделба на македонското етничко ткиво), е чист аматерски актерски моментум на овој функционер, искажан само во една насока – повторување на избори и тоа дури откако стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја составува идната влада во Република Македонија.

Сериозна политичка анализа посветена само на ова прашање би покажала дека станува збор за единствен начин ВМРО-ДПМНЕ да продолжи со власт после 11 годишниот континуитет, се разбира ако ги добие тие избори, откако со пропаганда и лажни вести дека станува збор за „Платформа на друга држава која е опасна за државата и која СДСМ ја прифатила“, се надеваат на што подобар резултат.

Поради погоре изнесените аргументи, исказот на Тодоров што го подложивме на анализа, го оценуваме како недвосмислено извртување на вистината или спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција