КОНТРАСПИН: Најмалку што треба да направи Трајановски, тоа е да понесе морална одговорност
Во ситуација кога во Скопје се случи потоп и кога има над 20 жртви, крајно несоодветно е со невидена леснотија да се елиминира одговорноста во стилот „така сакал Господ“! Наместо да се турка спинерската приказна дека „природата била сурова“, најмалку што треба Трајановски да направи, е да ја напушти градоначалничката функција од морални причини
Во ситуација кога во Скопје се случи потоп и кога има над 20 жртви, крајно несоодветно е со невидена леснотија да се елиминира одговорноста во стилот „така сакал Господ“! Наместо да се турка спинерската приказна дека „природата била сурова“, најмалку што треба Трајановски да направи, е да ја напушти градоначалничката функција од морални причини
Пишува: Оливера Војновска
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, не чувствува одговорност за поплавите и изгубените човечки животи. Тој жали за настраданите, но вели дека се работи за природен феномен:
Спин: Да, јас не чувствувам одговорност, чувствувам жалење за оваа состојба што се случи, бидејќи јас сум на терен некаде од 18-19 часот, па се до 17 во утринските часови (најверојатно мисли на пет часот – н.з.)... Ние зборуваме за селски подрачја, зборуваме за Смилковци, зборуваме за планински подрачја, зборуваме за Раштак, Булачани, од каде огромна колична на вода доаѓа и во Смилковци се слева. Преку Смилковци ја поминува, значи, обиколницата и влегува во Стајковци. Нема, нема значи таква канализациона мрежа којашто може ова да го издржи. Истата оваа вода да паднеше било каде ќе имаше слични последици (од 2,28 до 3,05 минута од видеото)
[ИЗВОР: 24 вести (од 2,28 до 3,05 минута од видеото) , Датум: 07.08 2016]
Скопскиот градоначалник не се наоѓа себеси одговорен за катастрофата што му се случи на главниот град на 06.08.2016 година. Поплавите досега (08.08.2016) однесоа 21 жртва, повеќемина се исчезнати и повредени, има поплавени и разурнати домови, уништени улици, превртени автомобили… Но, Коце Трајановски смета дека е во прашање „виша сила“ и не ја става под прашалник улогата на човечкиот фактор, односно, сопствената одговорност.
Контраспин: Сите се согласни дека стихијата не можеше да се спречи, дека вакво невреме последен пат имало во 1962 година (иако, тогаш немаше жртви). Но, исто така, повеќе од јасно е дека природата не е единствениот „виновник“ за какатлизмичните слики од поројниот дожд и грмотевиците во скопските приградски населби: Стајковци, Арачиново, Сингелиќ и Ченто. Многу веројатно е дека последиците можеа да се ублажат доколку превенцијата беше посилната страна во оваа тажна македонска сага, доколку инфраструктурните проекти беа повисоко на припоритетната листа од китењето на градот со споменици, фонтани, барок, галии, тажни врби, доколку репер во изградбата беа градежните стандарди, а не партиските „норми“ и интереси.
Уште во февруари оваа година (2016) опозициската СДСМ обвини дека пари за чистење канали се давале на фирми блиски до владејачката партија (беа посочени две фирми), кои според опозицијата, не си ја завршиле работата како што треба. Од Министерството за земјоделие тогаш одговорија дека „поплавите не настанаа поради неисчистените канали, туку поради енормното покачување на нивото на реките кои вишокот на вода го вратија во каналите за одводнување“.
Деновиве може да се слушнат повеќе експертски мислења дека надлежните не смеат да се амнестираат од одговорност за тоа што се случи. Професорот на Архитектонскиот факултет Мирослав Грчев за веб-порталот НОВА ТВ вели дека причината за трагедијата е во инфраструктурната запуштеност:
Она што се случува со атмосферска канализација во Скопје не може доволно да се објасни со зборот „запуштеност“, тоа е темелна цивилизациска запуштеност – директен производ на политичко и општествено малоумие.
Во последниве години, ако потребите на градот ги споредиме со трошоците за кич, можеме да заклучиме дека ова се погубни, површни политики спротивни на здравиот разум, природните и општествени закони.
Освен грижата за каналите, тука е и грижата за коритата. Во коритото на Вардар во Скопје во моментов има бродови, мостовите од проектот Скопје 2014 се изградени со конструкција внатре во профилот на коритото за кое е пресметано да носи само и единствено вода.
Радио Дојче Веле на македонски пренесе изјава на претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Сања Раѓеновиќ, која е децидна дека:
Луѓето загинаа од немање соодветна инфраструктура. Невремето е едно, но нема потпорни ѕидови, погледнете колку свлечишта се јавуваат, се гради каде стигне и уште пострашно се` тоа се легализира за по 1 евро. Нема соодветна канализација, каналите се затрупани, катастрофа! Чист популизам за кој гледаме дека се плаќа огромен цех. Најстрашно е што постојано за ова се предупредува, но очигледно дека никој не сака или не му одговара тоа да го слушне и да го разбере. Затоа и воопшто немаат право да спинуваат дека не се криви и да реагираат дека се политизира на туѓа несреќа. Во овој момент најдобро е да ќутат бидејќи одговорноста е само нивна.
Универзитетски професор на Градежен факултет на катедрата за водовод и канализација, Живко Велјановски во изјава за „Фактор“ вели дека Градежниот факултет правел ревизија на основниот проект за скопската обиколница, која не го издржа дождот во саботата и се покажа кобна за неколкумина.
Колку што се сеќавам, ние професорите во нашата ревизија на основниот проект на обиколницата, баравме да се прифатат атмосферските води од над обиколницита, да не одат под патот и директно водите да се слеваат во Стајковци, туку инсистиравме да се обезбеди тие атмосферски води да не одат ниту над, ниту под патот, туку да се направи проект за да тие води се слеваат на безбедно, во Вардар.
Одговорот тогаш беше дека ќе се направи проект, но колку што се сеќавам таков проект кај нас не беше дојден на ревизија. Не знам и не можам да кажам дали сега поплавите во Стајковци се токму поради ова (Велјановски).
Ваквите изјави само потврдуваат дека некоја или неколку алки во „синџирот“ попуштиле. Сега, навистина, приоритет број еден е да им се помогне на семејствата кои настрадаа во поплавите, но конкретна одговорност за тоа што штетите од природната непогода добија толкави димензии мора да има. Ова прашање не смее да се маргинализира, да се поттурнува додека не се забошоти. Одговорноста има точна адреса лоцирана во надлежните институции: централната, градската и општинската власт, а не ги одминува ниту Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Тие се виновни за тоа што требало да направат, а не го направиле.
Во таа смисла, Трајановски никако не може да биде изземен. Па, тој 11 години е во локалната власт- четири години (2005 -2009) градоначалник на Гази Баба, Општината во која припаѓаат најпогодените места со поплавата, а од 2009 досега во два манадата е градоначалник на Скопје . И, по логиката на нештата тој не може да не е одговорен за катастрофата што не снајде. Зошто тој, на пример, можел а не го спровел Планот за заштита од поплави, за кој уште пред две години, на 02.07.2014 година на Регионалната конференција за адаптација на климатските промени, се пофали дека е подготвен :
Градот Скопје има подготвен и ажуриран План за заштита од поплави, чија реализација е во соработка со Центарот за управување со кризи на Република Македонија.
Така што, во ситуација кога во Скопје се случи голема трагедија со над 20 жртви, навистина е крајно несоодветно со невидена леснотија да се елиминира одговорноста во стилот „така сакал Господ“. Наместо да се турка спинерската приказна дека „природата била сурова“, најмалку што треба Трајановски да направи е да понесе морална одговорност. Односно, да ја напушти градоначалничката функција од морални причини.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар