Контраспин: Нанев е судија или адвокат на прекршителите на полицискиот час?!

Фото: Принтскрин (видео)

Со прекинот на полицискиот час  може да се очекува да се засили обидот да не се казнуваат прекршителите на забрана за движење во одреден временски период. Се разбира оние кои направиле таков прекршок, а кои ги има доста, без оглед што стојат забелешките дека во еден миг полицијата немаше намера да биде многу ревносна во таа смисла. Загрижувачки по функционирањето на правната држава е тоа што бројот на лицата на кои судовите им изрекле казна е мал и што ова можело да влијае на дисциплината на сите други граѓани, кои евентуално имале дилема дали го прекршат полицискиот час или не. Во истражувањето на емисијата „360 степени“ имаме и конкретно размислување на претседател на суд кој споменува дури и амнестија за  ваквите прекршители

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Еве едно такво мислење на претседател на основен суд.

СПИН: Моето мислење е дека од аспект на исполнување на заштитната функција, од аспект на целата оваа состојба, земајќи ги предвид економските и социјалните состојби, за многу кратко време после донесувањето на овие одлуки дека  која било власт, односно властите во нашата држава, очекувам дека ќе биде донесена одлука за амнестија, вели Лазар Нанев, претседател на Основниот суд во Кавадарци, каде стојат предмети за лица кои го прекршиле полицискиот час.

[Извор: 360 степени – датум: 19.05.2020]

Контраспин: ТВ прилогот со изјавата е емитуван десет дена пред укинувањето на мрката која тогаш беше актуелна и посочувана како недоволно ефикасна за да дејствува на теренот, а со тоа и за да влијае посилно на намалување на интензитетот на ширењето на коронавирусот. На некој начин ваквите изјави може да дејствуваат во прилогот на зголемување на недисциплината на граѓаните, особено ако тоа го кажува официјално лице кое е должно стриктно да го применува законот.

Изненадувачки е што судијата Нанев, го кажува тоа, бидејќи ниту една партија – која теоретски може да дојде, или да ја задржи власта, никаде и никогаш не ветила амнестија по ова прашање. Напротив постојната власт ја донесе мерката и таа траеше од 21 март сè до 26 мај на територијата на целата држава. Опозицијата, исто така, не се спротивстави на таа мерка, а во рамките на техничката Влада задолжен за нејзина имплементација беше министерот Наќе Чулев, кој доаѓа од редовите на  ВМРО ДПМНЕ.

Инаку, во тој период во Кавадарци имало  46 веќе осудени лица кои вложиле приговор и така го обегнале плаќањето. Тие уште имале избор да ја платат казната и така постапката прекинува, или да не се жалат, па да да одат во затвор. Никој не отишол во затвор, ниту ја платил казната што значи дека засега од подрачјето на овој суд државата немала аир. Се работи за лица чии пријави дошле во судските архиви во текот на март и април.

Еве што вели во истиот прилог портпаролката на Јавното обвинителство. Можна ли е амнестија? Таква постпака за овие случаи не доаѓа предвид, вели таа.

Секако дека не. И тука не ја земам само  предвид обемната работа којашто е вложена од страна на јавните обвинители. Ќе се навратам повторно на доброто кое го заштитуваме со сите наши постапувања и повторно, во законски дадените рамки… овде имаме кривично дело коешто директно ни напаѓа во едно општествено добро. Би рекла, доколку би ми дозволиле да се изразам така, каде што станува збор за една несовесност во постапувањето на граѓаните, изјави Елизабета Недановска.

Почитување на полициски час и казни

Од  излагањето на првиот судија во Кавадарци  во емисијата излегува дека тој наоѓа многу оправдувања за оние против кои има пријави, просто човек да помисли дека им е адвокат!

Така, вели Нанев, дека типот на казната е нов и тој е непознат за сторителот (се работи за казнени налози, кои пак, треба да се судат по забрзана постапка!), па тоа треба да се смета за некаква олеснителна околност?

Зошто би оделе во корист на прекршителот на законот по овој основ? Во правото постои правило – „непознавање на законот штети“. Значи секој е самиот виновен ако законот не му е познат и тоа е основно правило што се учи во Римско право и треба да се уважува без поговор.

Понатаму, Нанев вели дека казните се високи. За тоа се разговара кога истите се носат. Впрочем, последиците од непридржувањето до полицискиот час се уште поголеми и скапо ја чинат државата, а да не говориме за човечките животи. Во одредбите за воведување на оваа мерка има доста околности кога лицето фатено во време на полициски час нема да се суди, значи овие случаи се направени надвор од можните оправдувања.

Потоа, Нанев вели и дека тешко се добиваат како сведоци во судењето полицјаците кои ја напишале пријавата, бидејќи се постојано на смени (!). Што е уште еден небитен приговор – судот ќе ги прилагоди рочиштата на смените на полицајците, нели.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција