Контраспин: Нападите врз Претседателот Пендаровски се базирани на спинови
Трите главни причини зошто говорот на Пендаровски бил бојкотиран од ВМРО-ДПМНЕ – бил извршител на Заев и му го дал мандатот противуставно, изјавите за Гоце Делчев и за Европската економска заедница – се базираат на извртени вистини и со тоа можат да се оценат како спинови
Трите главни причини зошто говорот на Пендаровски бил бојкотиран од ВМРО-ДПМНЕ – бил извршител на Заев и му го дал мандатот противуставно, изјавите за Гоце Делчев и за Европската економска заедница – се базираат на извртени вистини и со тоа можат да се оценат како спинови
Пишува: Теофил Блажевски
Алексадар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, на прес-конференција на која образложуваше зошто партијата го бојкотира и зошто (продолжува) да ги замрзнува односите со претседателот Стево Пендаровски, искажа ставови во кои се препознаваат спинови:
Спин: Првата причина е, Стево Пендаровски докажа дека не е претседател на сите граѓани на Република Македонија, туку извршител на една политичка структура и извршител на Зоран Заев….
Второ, Стево Пендаровски е прв што кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е бугарин и со тоа ги сруши македонските национални позиции, ја отвори пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, во преговорите за историјата внесе политика и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, македонски национален идентитет, самобитноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската историја.
Стево Пендаровски е претседател кој што не се консултира нити со политичките партии, нити со еден поширок општествен круг за стратешки работи кои што и се предлагаат на Македонија од типот на членство во една од најважните европски институции како што е Европската економска асоцијација.
Стево Пендаровски без постоење на елементарен доказ за обезбедено мнозинство му го додели мандатот на Зоран Заев со што го стави во привилегирана позиција за составување на Влада во услови кога самиот Зоран Заев кажа дека нема обезбедено 61 потпис…
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ-А. Николоски/прес – датум: 16.12.2020]
Контраспин: Образложението зошто пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата на Собранието каде што Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски, имаше редовно годишно обраќање се аргументира со три-четири причини, но сите се базирани врз спинови.
Овие спинови пред јавноста ги соопшти потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски истиот ден кога беше говорот и бојкотот, а забележливо беше дека нема поширока експликација, туку работите беа само нафрлени како сигурни факти. А фактите, не се баш такви какви што ги образложи пратеникот, туку малку поинакви и оттука оценката дека станува збор за спинови.
Нема факти дека е „извршител на Заев“
Првиот факт е дека нема ниту еден релевантен показател дека Пендаровски е извршител на СДСМ и на премиерот Зоран Заев и дека го свртел грбот на македонските граѓани. Овој став на опозициската партија најмногу се темели на давањето мандат за состав на влада на Заев по изборите во јули годинава, иако има и други моменти од изборот на Пендаровски за претседател во 2019 година. Притоа јавноста беше сведок дека уште при давањето заклетва во Соранието и во обраќањето, Пендаровски прво и основно го потенцираше ставот – дека ќе биде претседател на сите граѓани.
Сакам во мојот прв настап како претседател на државата, јавно да кажам и да се обврзам дека ќе бидам претседател на сите, и на оние кои гласале за мене, и на оние кои гласале за некој од моите противкандидати, се разбира, подеднакво и на оние кои од различни причини воопшто не излегле на гласање, затоа што и тоа е апсолутно легитимен чин.
Николоски уште веднаш посочи дека тоа најмногу дошло до израз при давањето мандат на Зоран Заев, што било противуставно. Ако се проанализира тоа давање мандат за состав на влада на Зоран Заев по изборите во август 2020 година, ќе се види дека Пендаровски тогаш не му го даде мандатот затоа што се од иста политичка партија, а не се, затоа што Пендаровски не е член на СДСМ, барем формално, иако е отсекогаш близок до таа политичка партија. Проблемот со мандатот се исполитизира непотребно, иако има и објективни причини.
Навистина, кога го даде мандатот Заев сè уште немаше формално постигнат договор за коалиција и мнозинство, но од друга, страна членот на Уставот (чл.90) го обврзува Пендаровски во рок од десет дена по конституирањето на Собранието да го даде мандатот.
„Вистиномер“ уште тогаш го анализираше тој политички настан и дојде до констатација дека Пендаровски бил во право за мандатот, но и до констатација дека треба да се интервенира во тој член од Уставот за да се допрецизира.
Изјавата за Делчев изваден од контекст
Вториот факт е, дека не е Пендаровски тој што прв кажал дека Гоце Делчев бил Бугарин, а уште помалку дека со тоа ги срушил преговарачките позиции и им ги врзал рацете на историчарите. Што навистина кажа Пендаровски во едно од двете јавни обраќања на оваа тема?
Неспорна историска вистина е дека, сите што имаат малку сознанија од тој историски период, е јасно дека Гоце Делечев се изјаснувал како Бугарин. Но, дали не е 100 процентна историска вистина дека Гоце Делчев се борел за македонска држава? Автономија, независна држава, па дури и на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија. Не постои ниту еден елемент кој посочува дека Гоце Делечев се борел за Голема Бугарија или Санстефанска Бугарија или изјава во која се вели, макар и прераскажана од неговите современици, дека Гоце Делчев се борел за припојување на Македонија – тогашната провинција во османлиското царство, кон Бугарија… (360 Степени/видео)
Пендаровски самиот кажува дека станува збор за неспорна историска вистина за сите што малку имаат сознанија од тој историски период, но веднаш појаснува дека за него и генерално, тоа што Делчев се декларира за Бугарин, не го прави помалку Македонец. Де факто тоа е и тезата кон која се стремат и голем дел од историчарите, како и оние што се во македонскиот дел од заедничката комисија со Бугарија, дека историјата не може да се толкува надвор од времето и контекстот кога се случувале историските факти.
Според тоа, ниту е Пендаровски е прв што кажал нешто за Гоце Делечев, вклучувајќи дека се декларирал како Бугарин, ниту со тоа мисли дека тој не е Македонец, ниту пак, со тоа им ги врзал рацете на членовите во мешовитата македонско-бугарска комисија што ја преразгледува историјата, согласно Договорот за пријателство и соработка од 2017 г.
Алтернативата за ЕУ била неприфатлива и за Мицкоски
Трето, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Пендаровски не се консултирал со нив и други партии за понудата за членство во Европската економска заедница (ЕЕЗ). Ова прашање изби на површина откако Пендаровски на еден регионален форум за проширување на Унијата со Западен Балкан, организиран од Советот за регионална соработка, изјави дека на РСМ и било понудено членство во ЕЕЗ, но дека тој тоа го одбил.
Следеше експресна реакција од ВМРО-ДПМНЕ дека Пендаровски не се разбирал во надворешна политика, дека не знаел што е тоа ЕЕЗ и дека морал да се консултира со таа и со други партии за таквата одлука. „Кого прашал Пендаровски..“, „Пендаровски направил голема грешка…“, до тоа дека сторил антидржавен чин.
Но, оттаму не ѝ соопштија на јавноста дека за некој алтернативен вид на соработка со ЕУ веќе било дискутирано и тоа една година претходно, по француското вето, кога беше одржана лидерска средба под покровителство на Пендаровски и дека на таа средба и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Х. Мицкоски имал неподелен став за ова прашање:
На средбата беше постигнат апсолутен консензус и од страна на сите лидери, вклучително и од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше поддржан ставот дека на Република Северна Македонија и ѐ потребно членство во Европската Унија, а не учество во алтернативни облици на соработка со ЕУ, затоа што на земјата покрај економска интеграција и е потребна и политичка интеграција и усвојување на демократските стандарди и вредности – владеење на правото, независно судство и медиуми, човекови слободи и права.. (Соопштение на Кабинетот на Пендаровски).
Како што може да се види од фактите изнесени погоре, нападите врз Пендаровски од страна на најголемата опозициска партија со бојкотот на неговиот говор, како образложенија користи извртени вистини и спинови.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар