Контраспин: Не е до казната Мицкоски, до пораката е

Христијан Мицкоски. Фото: Веб сајт на ВМРО-ДПМНЕ

Претендент за премиер не смее да испраќа директна порака дека тој е над протоколите, над забраните, т.е. над прописите во државата. И притоа, претендент за премиер, a се повикува на неинформираноста како причина

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати до јавноста со објаснувачка порака за неговиот ручек со двајца познаници во затворен дел во скопска кафеана, при што може да се препознае следното извртување на вистината, т.е. спин:

Спин: Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа. Не мислам дека луѓето не знаат да направат грешка, битно е грешката да не е таква да направи лошо некому, да наштети некому, да биде непоправлива.

[Извор: 360 степени – Мицкоски призна дека бил….датум: 03.06.2020]

Контраспин: Принципиелно е што лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш ја информира јавноста дека тој е персоната околу која се дигна половина скопска полиција и медиуми синоќа (03.06.2020) на Боемска улица во скопско Дебар Маало. Но, целосно неприфатливо и непринципиелно е, што во таа информација Мицкоски „вгради“ спин.

Спинот што го читате на почетокот на овој текст е изваден од постот објавен на Фејбук страницата на Мицкоски, во кој главната теза е дека станува збор за негов  „човечки грев“, кој бил „многу помал од состојбата која денес се случува врзана со губењето на животи и неодлучноста на владата која го загрижува здравјето на сите, како и тоа дека станува збор за дефокусирање на јавноста од страна на власта од „вистинската тема која што е 101 заразени и 4 починати“.

Да, точно е дека вистинска тема е растот на бројот на новозаразените, разболените и починатите од корона вирусот. Но, исто толку вистинска тема е дека сето тоа се случува порадии непочитување на протоколите и забраните. Главната насока на справување со ваквата несреќа, што ја снајде државата, е подигање на јавната свест кај граѓаните кои сѐ уште се недововолно информирани или едноставно се без поголема свест за тежината на проблемот.

Оттука и тоа како е вистинска тема дека лидерот на партијата што сака да ја освои власта и претендира да биде иден претседател на влада, не ги почитува протоколите и забраните. Згора на тоа, не бил доволно информиран за оваа забрана за употреба на внатрешниот дел од угостителските објекти.

Па, каква порака упатува Мицкоски со тоа кон јавноста? И за оние кои лично го виделе како влегува во меаната и како излегува, откако таму се собрале еден куп началници и вооружени полицајци, но и за ситe кои за сето тоа од синоќа се информираат од медиумите?

Пораката, било да разбира Мицкоски или не, е директна – вие сите може да седите само во надворешниот дел, а мене ми се може и внатре, да си уживам во приватноста со своите познаници!

Оттука, воопшто не е важно дали ќе ја плати казната, за која, патем, знае дека ќе биде парична!? Зашто не е до казната, до пораката е.

Претендент за премиер не смее да испраќа директна порака дека тој е над протоколите, над забраните, т.е. над прописите во државата. И притоа, претендентот за премиер да се повикува на неинформираноста како причина за тоа. И сето тоа, во време кога и лекарите и политичарите очајно повторуваат по сто пати на ден – почитувајте ги протоколите и препораките!

Затоа, тврдењето на Мицкоски дека сторил грешка од неинформираност и дека е подготвен да ја плати казната, како и тоа дека со неговата грешка битно не направил лошо некому, е спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција