Контраспин: Не е „изгубен“ асномскиот идентитет, туку само историскиот контекст
„Традиционалното“ гласање на Резолуцијата за „борба против нацизам…“, чии начела и закони се усвоени и имплементирани пред повеќе од 50 г., Зоран Јованчев од партијата Родина го изврте за да сее страв дека ги напуштаме нашите асномскиот и антифашистички идеали. Без разлика што резолуцијата беше изгласана, истата е необврзувачка. А, гласањето за резолуцијата Русија го користи за ја оправда агресивната војна против Украина
„Традиционалното“ гласање на Резолуцијата за „борба против нацизам…“, чии начела и закони се усвоени и имплементирани пред повеќе од 50 г., Зоран Јованчев од партијата Родина го изврте за да сее страв дека ги напуштаме нашите асномски и антифашистички идеали. Без разлика што резолуцијата беше изгласана, истата е необврзувачка. А, гласањето за резолуцијата Русија го користи за ја оправда агресивната војна против Украина
Пишува: Матеј Тројачанец
Претседателот на политичката партија Родина, Зоран Јованчев, во пресрет на резултатите од гласањето на Генералното собрание на ОН за Резолуцијата за „борба против глорификацијата на нацизмот, неонацизмот, дискриминација, ксенофибија“ објави реакција во којашто се детектира спин:
„СПИН: ДП(М)НЕ КАКО ПРОДОЛЖЕНИЕ НА ВАЗАЛСКАТА ПОЛИТИКА НА СДС!
Република Македонија, или по нивно С…. Македонија, повторно гласаше против резолуцијата иницирана од Русија и 40 земји коавтори „За борба против глорификацијата на нацизмот, неонацизмот и другите практики кои придонесуваат за ескалација на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и слични нетолеранција“.
На третиот комитет на 79-та сесија на Генералното Собрание на ОН, за гласаа 116 земји, против 54, а воздржани 11.
Резолуцијата беше усвоена!
Владата на ДП(М)НЕ ја продолжува вазалската политика на СДС.
Од Македонија Горда, остана само Северна и бедните флоскули од изборната кампања на ДП(М)НЕ и светите букви ВМРО.
Оваквото однесување на националните политичари е срам и напуштање на АСНОМ и антифашистичките идеали на нашиот македонски народ, кој беше на вистинската страна во 2 светска војна каде даде 25000 животи.
Господа од ДП(М)НЕ и СДС!
Вие сте чиста спротивност на тоа што е идеал за слободна, суверена и антифашистичка Македонија.“
[Извор: Фејсбук сметка на Јованчев и Официјална страна на Родина; датум – 12.11.2024]
Контраспин: Јованчев го искористи гласањето на нашата држава против Резолуцијата за „борба против глорификација на нацизмот“ за да обвини за наводно „напуштање на „АСНОМ и антифашистичките иеали на македонскиот народ“, притоа целосно изоставувајќи го контекстот на гласањето, односно причината зошто ЕУ членките и стратешките партнери гласаа против, историјата на гласање за оваа резолуција, како и причината зошто Русија 12 години по ред ја предлага истата. Со други зборви, намерно ја извртува вистината.
За почеток, земјите членки на ЕУ и САД категорично се против и осудуваат какво било величење на нацизмот и разните облици на насилен екстремизам, антисемитизам, исламофобија, расизам, ксенофобија, дискриминација итн. Тие се повикуваат на член 4 од Меѓународна конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, како и на член 20 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Во членот 4 од Конвенцијата директно се наведуваат закони што забрануваат „застапување на национална, расна или верска омраза што претставува поттикнување на дискриминација, непријателство или насилство“ и член 20 во пактот во кој се предвидува:
Државите членки ги осудуваат сите пропаганди и сите организации коишто се засноваат на идеи или теории за супериорност на една раса или група на лица со една боја или етничко потекло, или кои се обидуваат да ја оправдаат или промовираат расната омраза и дискриминација во која било форма.
Инаку, треба да се напомене дека не само што оваа Резолуција е необврзувачка, туку и тоа дека со децении постојат конвенции, договори и закони коишто предвидуваат како да се регулира овој проблем на национално и на меѓународно ниво. Гореспоментиот пакт е усвоен уште во 1966 г., а конвенцијата една година претходно. Ова е важно да се напомене, бидејќи ваква резолуција се предлага без разлика на тоа што таа е усвоена четирипати во четири години на крајот од шеесеттите – во 1968, 1969, 1970 и 1971 г.
Како и да е, во поскорешно минато, Русија оваа резолуција „традиционално“ ја става на гласање во Генералното собрание на ОН секоја година од 2012 до „денес“, т.е. минатата недела. Тука се поставува прашањето која е целта одново и одново да се гласа за оваа резолуција.
Лицемерна пропаганда
На прв поглед, наједноставното објаснување е дека Русија тоа го прави заради историски причини, односно заради афирмација и сеќавање на милионите луѓе кои го загубија животот во Втората светска војна и глобалната борба против нацизмот и фашизмот.
Овој аргумент пропаѓа во вода поради руската инвазија во Украина. Уште од самиот почеток Русија активно ја ширеше пропагандата дека причината за инвазијата е „денацификација“ на Украина. Така што, донесувањето на оваа Резолуција не може да се интерпретира поинаку од циничен трик да се оцрнат сите оние кои гласаа против резолуцијата и, парадоксално, да се прикаже дека го подржуваат нацизмот. Токму тоа се споменува во образложението на ЕУ:
Силно ја осудуваме политички мотивираната злоупотреба на наративот на антинацизмот и недвосмислено ја отфрламе неточната и погрешна употреба на терминот „денацификација“ за да се оправда руската нехумана, сурова и незаконска агресивна војна против Украина. Ова ги поткопува вистинските напори за борба против неонацизмот. Како и претворањето на резолуцијата која треба да се занимава со сериозно прашање во средство за пропаганда и дезинформации. Како што продолжува агресијата против Украина, видовме како Руската Федерација продолжува да ги злоупотребува форумите на ОН за ширење на овој лажен наратив, велат од ЕУ во објаснувањето.
Директна последица од овој наратив е влијанието врз веќе постоечкиот евроскептицизам и антизападен сентимент. Но, исто така, овој наратив ќе биде уште еден аргумент што Кремљ ќе го искористи за да ги истакне и продлабочи вредносните разлики меѓу Русија и колективниот Запад. A, како што се наведува во реакцијата на САД, постои загриженост за тоа како оваа Резолуција може да влијае на слободата на говорот, особено во однос на употребата на терминот „нацизам“, којшто може да се злоупотреби за етикетирање на сите политички противници како „нацисти“.
Злоупотреба на минатото, спинови за сегашноста
Имајќи ги предвид контекстот за оваа Резолуција и мотивот заради којшто Русија инсистира со години да се става на гласање во Генералното собрание на ОН, лесно е да се изврти вистината зошто С. Македонија би била против оваа резолуција. Токму затоа во реакцијата на Јованчев се премолчуваат информации за да може да се креира погрешна слика во јавноста.
Повикуваќи се на АСНОМ и антифашистичката историја, целта на оваа реакција е да се дискредитира одлуката на С. Македонија на Генералното собрание на ОН и со тоа власта на ВМРО ДПМНЕ; без разлика на фактот што вонредната амбасадорка на С. Македонија и шефица на Постојаната мисија на при Организацијата на обединетите нации, Теута Агаи Демјаха, беше назначена од минатиот претседател, Стево Пендаровски. Летоска уште поексплицитна критика беше упатена кон тогашната владеачка партија заради продолжувањето на поддршката за Украина.
Овој популистички обид за сеење страв дека се губи македонскиот идентитет, а на власта воопшто не ѝ е гајле за тоа, е веќе познат наратив на Родина, ем е речиси истиот наратив што Русија го користи во својата дезинформациска пропаганда. Дали ние по дванаесетти пат сме гласале за или против оваа Резолуција, нема да направи никаква разлика. Иако таа беше усвоена, таа нема да има никакво дополнително влијание, бидејќи е необврзувачка. A, ширењето на овие наративи му оди во прилог само на агресорот врз Украина – Русија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар