Контраспин: Не е тешко некој да се препознае како „талог на општеството“ ако го споменете 66 пати за 38 дена
ВМРО-ДПМНЕ во последниве триесеттина дена продолжува со тврдењата дека СДСМ сами се препознале во непримерната политичка квалификација „талогот во општеството“, но подолго време највисоките државни и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ (ин)директно ја етикетираат СДСМ како талог. Поточно, ВМРО-ДПМНЕ само на својата официјална интернет страница во изминативе 38 дена го етикетира СДСМ како „талог“ во дури 66 соопштенија/реакции и прес-конференции, со што последниве месец-два го форматираше безмалку доминантниот наратив на домашната политичка сцена.
ВМРО-ДПМНЕ во последниве триесеттина дена продолжува со тврдењата дека СДСМ сами се препознале во непримерната политичка квалификација „талогот на општеството“, но подолго време највисоките државни и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ (ин)директно ја етикетираат СДСМ како талог. Поточно, ВМРО-ДПМНЕ само на својата официјална интернет страница во изминативе 38 дена го етикетира СДСМ како „талог“ во дури 66 соопштенија/реакции и прес-конференции, со што последниве месец-два го форматираше безмалку доминантниот наратив на домашната политичка сцена
Пишува: Стојан Синадинов
Политичката пресметка меѓу владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ со доминантната тема за „талогот на општеството“, започната на прославата на 2 Август годинава („Првиот Илинден“) во Пелинце, продолжи и на одбележувањето на Денот на независноста 8 Септември („Третиот Илинден’“). ВМРО-ДПМНЕ ден по прославата на 8 Септември го издаде следново соопштение во кое се спинува вистината:
Спин: СДС и Филипче сами си се препознава во талогот во општеството
Претседателот на владата Христијан Мицкоски никаде во својот говор на 8ми септември не ги спомена ниту нарече СДС и Венко Филипче за талог во општеството.
Очигледно сами си се препознаа. Но тоа е фројдовскиот синдром кај СДС затоа што и тие знаат дека се фабрика за нихилизам, и поделби, кои дури и од прославата за 8ми септември сакаат да направат поделби и расеат омраза. Нивните фрустрации и завист се на најголемо и највисоко ниво. И затоа воопшто не сме изненадени што самите се пронајдоа во терминот талог.
[Извор: СДС и Филипче сами си се препознава во талогот во општеството ВМРО-ДПМНЕ Соопштенија/Реакции – Датум: 09.09.2026]

Контраспин: Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ е реакција на соопштението на СДСМ во кое опозициската партија ја обвинува владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека „исто како на Илинден, наместо единство и прослава на државноста, вчера, на Денот на независноста Мицкоски ја продолжи кампањата ‘талог’, ги продолжи навредите и поделбите на граѓаните“, и меѓу другото тврди дека „Операцијата ‘Талог“ и сеењето омраза којашто Мицкоски ја спроведува е класична фашистичка кампања по моделот на Ванчо Михајлов и најмрачните периоди од нашата историја“.
ВМРО-ДПМНЕ во последниве триесеттина дена продолжува со тврдењата дека СДСМ сами се препознале во непримерната политичка квалификација „талогот во општеството“, тврдејќи дека премиерот Христијан Мицкоски во неговиот говор по повод 35-годишнината од независноста на државата „не ги спомена ниту нарече СДС и Венко Филипче“. Но, пребарување на официјалната страница на ВМРО-ДПМНЕ со терминот „талог“ вели дека подолго време највисоките државни и партиски функционери ја етикетираат СДСМ како талог. Поточно, ВМРО-ДПМНЕ само на својата официјална интернет страница во изминативе 38 дена (ин)директно го етикетира СДСМ како „талог“ во дури 66 соопштенија/реакции и прес-конференции, со што последниве месец-два го форматираше безмалку доминантниот наратив на домашната политичка сцена.
Хронологијата на употребата на терминот „талог“ во политичката пресметка на ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ всушност започнува кон крајот на минатата година. Имено, одговарајќи на пратеничкото прашање на лидерот на СДСМ Венко Филипче за тоа „зошто не е направено ништо за зајакнување на енергетскиот сектор и производството на струја и зошто сега мора да има поскапување на цената на струјата“, Христијан Мицкоски од собраниската говорница на 25.12.2025 меѓу другото потенцираше:
Јас не знам како се оперира глава срце итн., но знам кого да прашам. Другпат кога ќе ви ги постават овие прашања и кога ќе ве носат повторно во длабоко, бидејќи не е ова ваша тема, барем прашајте некој којшто ги разбира овие работи, затоа што тоа што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор, катаклизма е комплимент, но затоа оставивте позади себе десетици-стотици милионери, политички профитери и лешинари коишто се талогот на општеството.
Почестата употреба на терминот „талог“ и импутацијата дека иако неспоменати, СДСМ како партија и Филипче како нејзин лидер, сами се препознаваат во квалификацијата „талог на општеството“ што ВМРО-ДПМНЕ започна да ја користи на дневна основа датира од чествувањето на 2 Август во Пелинце.
Иако не ја именуваше директно СДСМ, премиерот Мицкоски во таа прилика ги посочи политичките елити кои претходно владееле, повикувајќи ги граѓаните да не му веруваат на, како што рече, „талог на неуспеси, цинизам и мразење на сè што е успешно“. На реакцијата на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ одговори со засилени квалификации за надворешни разузнавачки центри:
СДС се препозна во говорот на претседателот на Владата на Пелинце како “талогот” и потврди дека е целосно во координација со надворешни агентурни центри.
Целиот изминат месец август и почетокот на септември ВМРО-ДПМНЕ и неговите функционери постојано ја повторуваат квалификацијата „талог на општеството“, без директно да ја споменат СДСМ, а на секоја нејзина реакција поентираат дека „самите си се препознале“ како талог.
Во говорот пред зградата на Владата во Скопје по повод Денот на независноста 8 Септември, повикувајќи „конечно да се прекине со онаа практика во која некои луѓе функцијата ја разбирале како привилегија, државата како плен, а народните пари како сопствена каса“, Мицкоски повторно го потенцираше „талогот“:
И една држава на крајот е токму онаа страна која ќе ја избере да ја награди. Ако ги наградува најспособните – ќе напредува. Ако ги наградува најчесните – ќе има доверба. Ако го наградува трудот – ќе создава. Но ако го наградува талогот, тогаш талогот неизбежно ќе стане елита. А држава во која талогот станува елита е држава од која вистинската елита си заминува.
Во неколку случаи опседнатоста на ВМРО-ДПМНЕ со „талогот“ им донесе контраефект. Така, пратеникот во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на реакцијата на партијата Левица до пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки (кој претходно го употреби терминот „талог“ во политичка расправа за функционерите од СДСМ), со описот на политичките противници кои не работеле во реалниот сектор и се без еден ден работен стаж надвор од политиката, па затоа се етикетирани како луѓе кои со децении ја влечат државата назад, всушност, портетираше дузина високи функционери од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Или, како што вели актуелното соопштение за „фројдовскиот синдром кај СДС“, тоа изгледа како „удирање со Фројд по своја глава“.
Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, кое е 66-то во низата соопштенија и реакции последниве месец и половина со атрибутот „талог на општеството“, повторно спинува, односно ја извртува вистината дека СДСМ и неговите функционери самите се препознаваат во оваа квалификација. Највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски пречесто ја употребуваат оваа непримерна политичка квалификација за да тврдат дека нивниот политички опонент сам се препознал.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар