Контраспин: Не може да се тврди дека „законот за дивоградбите“ се однесува на сиромашните

Зоран Заев. Фото: Влада на РСМ/веб сајт

Изјавите на премиерот Зоран Заев и на дел од претставниците на извршната власт дека со законот за легализација на дивоградбите се штитат, пред сè, сиромашните, како и дека мора да има своевидна амнестија, се спинови, зашто ниту има точна проценка колку дивоградби има и дали тие се доминантно на сиромашни граѓани, ниту, пак, е уставно дозволено или во најмала рака спорно, со член во закон за дивоградби да се дава општа амнестија на група граѓани

Изјавите на премиерот Зоран Заев и на дел од претставниците на извршната власт дека со законот за легализација на дивоградбите се штитат, пред сè, сиромашните, како и дека мора да има своевидна амнестија, се спинови, зашто ниту има точна проценка колку дивоградби има и дали тие се доминантно на сиромашни граѓани, ниту, пак, е уставно дозволено или во најмала рака спорно, со член во закон за дивоградби да се дава општа амнестија на група граѓани

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање даде изјава во врска со оспорениот закон за легализација на дивоградбите, при што во дел се забележуваат два спина:

Заев: Владата има обврска да носи решенија, затоа е ова решение за продолжување на легализацијата со 50 отсто поскапи комуналии, но и, пред сè, заради заштита на домовите и куќите на посиромашните граѓани. Новина во законот е тоа што за сите приматели на социјална помош бесплатно ќе се изработат геометриски елаборати и бесплатно ќе се легализираат тие 50 илјади објекти. Кога се носи вака одлука да се даде шанса преку 50 000 куќи да се легализираат, тогаш не можете тие претходните кривично да ги гоните. Не е уставно. Ако алудирате на Јакимовски тој има три кривични дела, двете кривични пријави немаат врска со легализацијата, а во едната има повеќе од три обвиненија, од кои едното е само за легализација.. “

[Извор: 360 Степени – Заев: Ако кажеме стоп…, датум: 15.05.2021]

 

Контраспин: Сите критики упатени кон таканаречениот закон за легализација на дивоградбите, кои дојдоа од стручната и општата јавност, критики кои дојдоа и од Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски, со неговото вето на законот и враќање во Собранието на повторно разгледување, извршната власт се обидува да ги амортизира со борбата за решавање на проблемот, кој пред сè, според овие изјави, бил проблем предизвикан од сиромаштијата. Тоа го направија и премиерот Зоран Заев, пред него и заменик премиерот Љупчо Николовски и министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски.

Но, притоа, во дел од изјавите се извртува вистината и се спинува, како што е примерот во изјавата на премиерот Зоран Заев.

И самото тврдење дека станува збор за 50 илјади објекти е спорно. Таков регистер досега не е сретнат никаде во јавноста, ниту го има на некој од сајтовите на институциите на извршната власт, туку се должи на проценка од 2011 за тоа колку објекти во државата се дивоградби и колку во меѓувреме се легализирани. Заев тврди дека таквото законско решение било донесено да не се урива, но и пред сè, заради заштита на домовите и куќите на посиромашните граѓани“. Или, како што вели, „Што да правиме со граѓаните кои имаа право 8 години да ги легализираат објектите, но немаа пари? Немаа можност да платат елаборати, а правото законско им беше дадено“.

За оваа група граѓани, кои се приматели на социјална помош, навистина во член 20, точка 8 од Законот е запишано дека се ослободени од обврската за плаќање комуналии, а со самото тоа веројатно и од елаборат, врз основа на кој се пресметуваат комуналиите.

Но, како јавноста би знаела дека законот се носи, пред сè, за таквите граѓани, ако никаде со законот или надвор од него не е прикажана стручна анализа, колку од тие, ајде да ги земеме како точни 50 илјади објекти, припаѓаат на тие граѓани – социјално загрозени и приматели на социјална помош од државата. Таква анализа нема.

Покрај ова, контра изјавата на Заев дека станува збор за граѓани што осум години го имале ова право, но, немале пари, оди и тврдењето во преамбулата на законот, каде што се наведува дека „од страна на Заедницата на единиците на локална самоуправа укажано е дека во поголем дел евидентирани се бесправни градби кои се изградени после 3 март 2011 година“. Конечно, ако станува збор за доминантно такви граѓани, зошто во Законот во член 2, став 2 се споменати и базени како објекти што се предмет на легализација?

Но, како што рековме, анализа за тоа колку вкупно дивоградби има и на кого му припаѓаат нема, исто како што нема и Проценка на влијание на регулативата, затоа што овој закон се носи во скратена постапка.

 

Проблемите во законот се, пред сè, од уставна природа

Сепак, доминантни ставови контра законот се дека одредени членови се спротивни на Уставот. И тоа најдобро го сублимира претседателот Пендаровски кој во неговото соопштение зошто го враќа законот во Собрание, меѓу другото го наведува и член 41, со кој на некој начин се наметнува амнестија за сите оние за кои се води управна или судска постапка за дивоградби:

Оваа одредба е спротивна со член 8, став 1, алинеја 4 од Уставот каде што поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт е дефинирана како темелна вредност на уставниот поредок. Преку вака формулираното законско решение се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба. Неспорна е уставната надлежност на Собранието, во согласност со член 68 од Уставот, да дава амнестија. Но, амнестијата, како што налага законодавната пракса, треба да биде дадена со посебен закон за амнестија, а во образложението кон евентуалниот таков закон треба да се образложи општествената оправданост односно јавниот интерес за давањето на амнестијатавели Пендаровски.

Претседателот констатирал дека одредени законски решенија се спротивни на неколку члена на Уставот, споменувајќи ги и членот 8, каде е дефинирано владеењето на правото, членот 9, каде се зборува за еднаквоста на луѓето пред Уставот и законите, членот 43, каде секому му се гарантира правото на здрава животна средина, членот 51, каде е пропишано дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите, итн.

Повредите на дел од Уставот, наведени од Пендаровски, ги констатира, меѓу другото, и професор Гордана Силјановска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, а која единствена од таа пратеничка група гласаше против донесувањето на овој закон.

… Да се повикуваме на владеење на правото, а да носиме закони за уредување на правен статус на бесправно изградени објекти од правен и етички аспект не е можно“вели Силјановска.

Проблематичност на членови на Законот од уставен аспект гледа и Антикорупциската комисија, чиј претседател, Билјана Ивановска, изјави дека Комисијата ќе покрене иницијатива пред Уставниот суд доколку остане ваквото законско решение.

Покрај политичките субјекти кои се против овој закон, а во Собранието тоа се претставниците на ДОМ, Демократски Сојуз и Левица, контра законот се и невладините организации за заштита на животната средина, како што се О2 иницијативата, Еко свест, Светскиот фонд за природа, а во барањата поддржани и од други 22 невладини организации, се наведува и тоа дека законот треба да се донесе во редовна постапка.

Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека дел од изјавата на Заев, од која се остава впечаток дека законот се однесува пред сè, заради заштита на домовите и куќите на посиромашните граѓани“, како и делот од изјавата во која вели дека било „неуставно“ кривично да се гонат „тие претходно“ што граделе дивоградби, се извртување на вистината, т.е. спин.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција