Контраспин: Не постојат „хулигани на СДСМ“ на протестите за Мартин Нешковски

5. мај 2015 - демонстранти, хулигани, хулиганите на СДСМ, измислени хулигани, спинувани хулигани... Фото: скриншот

По повод годишнината од протестите пред Владата на Република Македонија во 2015 година, кои од мирни прераснаа во насилни, при што дојде до судир со полицијата, вчера дел од провладините медиуми емитуваа новинарски прилози, во кои заедничка нишка беа „хулиганите на СДСМ“, што го оценуваме како спин, т.е. извртување на вистината

 

По повод годишнината од протестите пред Владата на Република Македонија во 2015 година, кои од мирни прераснаа во насилни, при што дојде до судир со полицијата, вчера дел од провладините медиуми емитуваа новинарски прилози, во кои заедничка нишка беа „хулиганите на СДСМ“, што го оценуваме како спин, т.е. извртување на вистината

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

За пример го земаме прилогот на Сител ТВ, емитуван во централниот ТВ Дневник на оваа телевизија на 05.05.2016. Во овој прилог следниве работи ги оценуваме како извртување на вистината:

Спин:  Минатиот 5-ти мај, хулиганите од СДСМ жестоко ја нападнаа полицијата: Со стапови, шипки и камења пред точно една година, демонстрантите се обидоа насилно да влезат во Владата… За време на протестот, кој според познавачите бил организиран од опозицијата, беа уништени седум полициски возила, искршени прозорците на Радио Слободна Македонија, а беше симнато и македонското знаме од јарболот пред владата. Од страна на демонстрантите беа нападнати новинарски екипи, оштетени неколку камери и телевизиски возила… Медиумите известуваа дека видно беше присуство на активисти на СДСМ и високи функционери на партијата, меѓу кои и Радмила Шеќеринска.

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Главното извртување на вистината во овој ТВ прилог, кој е, всушност, „римејк“ на речиси идентичен текст објавен само неколку часа претходно на „Курир“, е насочено кон политичката партија СДСМ како главен „организатор“ на протестите и чии „хулигани жестоко ја нападнаа полицијата“, а пак „високи функционере на партијата“ стоеле во позадина меѓу демонстрантите.

Прилогот е поткрепен со видео снимки од сето тоа што се говори во него, со исклучок на неколку нешта. Имено, навистина има фрлање камења и други предмети врз полицијата, навистина мирните демонстрации прераснаа во насилни и во судир со полицијата, но…, го нема основното – доказот дека демонстрантите што фрлаа се хулигани на СДСМ и доказот дека СДСМ ги организирал овие протести. Имаше повеќе приведени, обвинети и подоцна и осудени лица за овој настан (меѓу 40 и 50), меѓу кои и такви кои на суд признаваа вина, дури и со изговор во еден случај, дека биле поднапиени. Има и група од осум до десет лица кои беа товарени за потежок прекршок и на кои им се закануваат парични казни од 600 до илјада евра, а кои никогаш не потпишале никаква изјава во полициските станици, никогаш не признале дека биле насилни и дека ја нападнале полицијата, а нивната постапка пред редовниот надлежен суд е сè уште во тек и никако да заврши.

Како и да е, ниту за едната, ниту за другата група на луѓе ниту еден медиум досега не извести дека било од Обвинителството, било од Судот, станува збор за луѓе кои припаѓаат на политичката партија СДСМ и дека добиле наредба од партиски структури да организираат насилни протести, да ја нападнат полицијата и да влезат во Владата. Токму и затоа, во спинот се користи терминот „според познавачите“, а не се употребува некој конкретен доказ од правосудните институции или друг доказ до кој дошла телевизијата, што, пак, е кршење на новинарските стандарди и етички правила.

Исто како што е користењето на снимката на која се гледа Радмила Шеќеринска, што е употребено како автоматски доказ дека СДСМ ги организирал протестите, дотолку повеќе што дел од најблиското семејството на споменатата функционерка живее во непосредна близина.

Прилогот со себе носи и други искажани и неискажани факти што го помагаат основниот спин: од искажаните, има општи и паушални тврдења дека биле нападнати новинарски екипи, искршени камери и телевизиски возила – што едноставно не е точно, кога е кажано така воопштено. Од неискажаните, пак, на пример, не споменува дека бројката на граѓани што учествуваа на тие демонстрации изнесуваше повеќе илјади луѓе, и кои со ниту еден гест, освен со викање пароли и со „уа“, не искажаа ни „н“ од насилство.

Спротивно, никаде не се споменуваат детали од полициската акција, која на моменти беше брутална и со непотребна употреба на сила, како што оценуваат дел од невладините организации како што е Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија, ниту, пак, детали од навлегувањето во отворена библиотека на километар и половина од пред Владата и удирање студентки, ниту, пак, се споменува дека Јавното обвинителство не покренало воопшто постапка по кривичните пријави поднесени директно или индиректно од страна на граѓаните против полицијата.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција