Контраспин: Не се криминалци ни возразните граѓани, па Владата во која е Османи им ги ограничува правата

Бујар Османи. Фото: Принтскрин

Османи со употреба на лажна аналогија за верниците и криминалците, како и со погрешна интерпретација за уставните надлежности и овластувања на Владата, се обиде да ја изманипулира јавноста во врска со одлуките и постапките на верските заедници, во време кога епидемијата со корна вирусот е далеку од смирување

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Потпретседателот на Владата, Бујар Османи, во изјава по состанок со кризниот штаб во Струга, даде изјава во која се препознава спин:

Спин: Верниците не се криминалци, нивната потреба за враќање на врската со верата не е криминал. Државата е должна да изготви сет мерки, а верските заедници да ги почитуваат. Можеби требало подобра координација на верските заедници со државата во време кога беа носени одредени одлуки, но реалноста сега е таква, одлуката е донесена како да се адаптираме на оваа ситуација. Моја должност е да бидам во блиска соработка со сите верски заедници, за да може да го штитиме здравјето на луѓето во текот на верските обреди.

[Извор: 360 Степени – Османи: Верниците не се… – датум: 09.05.2020]

 

Контраспин: Потпретседателот на Владата на РСМ и координатор на кризните штабови во земјата, Бујар Османи, по посетата на Струга даде изјава во која преку извртена вистина се обиде да ја појасни (не)активноста на Владата и на другите институции од извршната власт кога станува збор за справување со ширењето на корона вирусот, а е поврзано со верските заедници.

Османи и покрај изјавата на премиерот Оливер Спасовски од пред три дена, верските заедница да ги преиспитаат своите одлуки, во Струга изјави дека одлуката на ИВЗ да ги отвори џамиите за молитви од 12 мај е веќе готова работа и дека државата немала право да се меша во такви одлуки, при што (иако напомена дека може да биде погрешно разбран), рече дека верниците не се криминалци, нивната потреба за враќање на врската со верата не е криминал.

Прво, никој со здрава памет не тврди дека верниците се криминалци и тоа е еден чист спин, наменет за да се олабави притисокот на јавноста врз одлуките на верските заедници. По логиката на Османи, тогаш дали возрасните граѓани во РСМ, над 65 години се криминалци, па затоа ли трпат најрестриктивни мерки од одлуки на Владата и нивното движење е ограничено само на неколку часа во денот, дури и за викендите и празниците кога сите други возрасни категории граѓани имаат многу поголемо право на движење?

Второ, колку е контроверзна тезата дека верниците не се криминалци, укажува токму истиот факт – на различни граѓани од муслиманска вероисповест, различно им е дозволено правото за молитва во џамиите. На помладите на секоја молитва, а на оние над 65 години само на утринските молитви, зашто имаат право на движење само до 12 часот.

Конечно, како тоа, одлуката е донесена и тоа е готова работа? Зашто, државата немала уставно право да се меша во работата на верските заедници!? Во време кога ја дава оваа изјава, недела, веќе втор ден бројот на позитивните од корона вирусот е далуку над посакуваните пет отсто од тестираните а кога е пишуван овој контраспин, понеделник, тој процент изнесува 15,2 отсто. Тоа де факто значи дека соостојбата со епидемијата со корона вирусот во РСМ е далеку од посакуваното смирување, а дел од одговорните сметаат дека токму олабавување на мерките придонесе за повторно зголемување.

Оттука, Османи, но и другите членови на Владата и задолжените за чувањето на јавното здравје на сите граѓани и на целата држава, наместо да калкулираат со тоа дали имале или немале уставни овластувања и права, треба да го препрочитаат и Уставот и соодветните закони. Тие се должни да го претпостават општиот интерес на граѓаните и безбедноста во државата над партикуларните интереси на една категорија граѓани – верници и да дејствуваат во заштита на општиот интерес и безбедноста на сите граѓани. Дали тоа ќе го сторат со рестриктивни мерки – забрана за собирања во верски објекти или со договор со лидерите на верските заедници, тоа е работа на опортунитет.

Поради погоре посочените аргументи изјавата на Османи за верниците и криминалците и дека одлуката на ИВЗ е готова работа, може да се оценат како спин.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција