Контраспин: Не се прави изборна кампања врз корона вирусот!

 

 

Една од границите во етичка смисла, во изборната кампања е воздржување од хушкачки говор кој може да предизвика паника и ширење на дезинформации за сериозни состојби кога станува збор за јавното здравје или за природни непогоди или катастрофи. Со други зборови, преку болештини, изборна кампања не се тера, а токму тоа, со спин и дезинформација, вчера на два пати го направија од ВМРО-ДПМНЕ

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Прво лидерот на партијата Христијан Мицкоски, а подоцна и претставник на раководството на партијата, соопштија тврдења поврзани со корона вирусот, СДСМ и институционалната подготвеност во Северна Македонија за справување со проблемот со епидемијата, во кои се детектираат спинови:

Спин1: Најсреќни би биле исплашените  од СДСМ да го користат корона вирусот како изговор за да ВМРО-ДПМНЕ не го мобилизира народот во оваа држава и тие молеа бога да се случи сето ова за да може еве да не излегува ВМРО-ДПМНЕ со народот и да не протестира.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Изјава на Х. Мицкоски, датум: 28.02.2020]

 

Спин 2: Корона вирусот стигна и во Македонија, а министерот за здравство Венко Филипче и владата на СДСМ покажаа неорганизираност и хаос. Изразуваме огромна загриженост поради слабиот капацитет за организација на Владата и сите надлежни да се одговори на вака сериозна ситуација во која е загрозено здравјето на граѓаните…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – прес на Д. Стојановска, датум: 28.02.2020]

 

Контраспин:

Се разбира дека во изборна кампања – без оглед што официјално не е започната – нормални и прифатливи се претерувања, било за ветувања или за политички оценки за противникот, но и тоа треба да има граници. Една од границите во етичка смисла се воздржување од хушкачки говор, кој може да предизвика паника и ширење на дезинформации за сериозни состојби кога станува збор за јавното здрваје или за природни непогоди или катастрофи.

ВМРО-ДПМНЕ вчера (27.02.2020) на два пати со дезинформација или со спин се обиде да поентира негативно за СДСМ, а ползувајќи го стравот на сензибилизираната јавност во земјата во однос на можните последици од ширење на корона вирусот.

Најпрво, лидерот на партијатијата со една недоследна изјава (во однос на тоа како тој се претставува во јавноста, како чесен и честит), рече дека неговите политички противници, „исплашените од СДСМ молеле Бога“ да се случи вакво нешто (појава на корона вирусот во РСМ), за да можат да размислуваат за спречување на јавни собири за ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизирал народот: Најсреќни би биле исплашените  од СДСМ да го користат корона вирусот како изговор за да ВМРО-ДПМНЕ не го мобилизира народот во оваа држава и тие молеа бога да се случи сето ова за да може еве да не излегува ВМРО-ДПМНЕ со народот и да не протестира.

Ваквата изјава, покрај тоа што е недолична и е недоследна, истовремено е чисто извртување на вистината, т.е. спин. А спин е, затоа што евентуалната забрана или препорака за забрана на масовни јавни собири не зависи директно од СДСМ и Владата, туку, пред се, од почитување на препораките на СЗО и следење на искуството од другите држави во справување со вирусот. Второ, мобилизирањето на народот во политичка смисла преку митинзи и собири на затворени и отворени простори е само една од (позастарените), форми на политичката кампања.

Вториот спин, следејќи го ова размислување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, дојде од неговата партија во форма на изјава на поранешната пратеничка и член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, во која се тврди дека постои неспособност на институциите за справување со корона вирусот.

Иако е соврешно јасно дека не постои идеална институционлана подготвеност, спинот на Стојановска лесно се деспинува со едноставен преглед на ситуацијата преку веб страната на Владата (сите информации од последната седница па наназад два месеца), на Министерството за здравство, на Институтот за јавно здравство, на УК со Центарот за управување со кризи, итн.

Но, најголем показател за извртената вистина е самата оценка искажана лично од висок претставник на Светската здравствена организација, директорот на СЗО за Европа,  во која се наведува дека Владата и здравствените власти ги спроведуваат сите препораки на СЗО за борба против корона вирусот.

Од изнесените факти е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ преку спинови и дезинформациии за справување со корона вирусот сакаат да поентираат и да му нанесат штета на политичкиот противник. Границата во етичка смисла со ваквото постапување е токму неширењето спинови и дезинформации, а со тоа и ибегнување на опасноста за потешки последици преку создавање страв и паника кај граѓаните. Со други зборови, со болештини и природни катастрофи изборна кампања не (треба) да се тера.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција