Контраспин: Не се споредува 2017 година со годините на енергетската криза
Прелесното споредување на 2017 година со годините кога енергетска криза завладеа со целиот свет, посебно со Европа е несоодветно и преставува спин. Речиси е невозможно да немало и криминал и корупција, но еден огромен дел на долгот во кој се нашло ЕСМ се должи и на превисоките цени на струјата која мораше да се увезува, бидејќи во тие години како и претходно базна енергија не покриваше ни 2/3 -ни од потрошувачката во земјата, а владата мораше да ги субвенционира и сметките за да не настрадаат домаќинствата
Прелесното споредување на 2017 година со годините кога енергетска криза завладеа со целиот свет, посебно со Европа е несоодветно и преставува спин. Речиси е невозможно да немало и криминал и корупција, но еден огромен дел на долгот во кој се нашло ЕСМ се должи и на превисоките цени на струјата која мораше да се увезува, бидејќи во тие години, како и претходно, базната енергија не покриваше ни 2/3 од потрошувачката во земјата, а владата мораше да ги субвенционира и сметките за да не настрадаат домаќинствата
Пишува: Теофил Блажевски
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на партиска прес конференција изнесе став во кој се препознава спин:
Спин: СДС ги уништи енергетските претпријатија. И како последица на тоа струјата во нивно време се зголеми за над 50%.
ЕСМ беше оставено во 2017 година со 20 милиони евра на сметка, за во 2024 година, кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт го затекне со минус од 80 милиони евра.
7 години власта на СДС не изгради ниту еден нов енергетски објект, а од сметката на буџетот префрлени над 370 милиони евра на ЕСМ.
Очигледно е недомаќинското работење на власта на СДС, која заради бизнис профит на поединци организираше скап увоз на јаглен и на струја. Милиони евра народни пари се потрошени заради бизнис зделки на малкумина, а сето тоа народот го плати не само од буџетот, туку и преку поскапи сметки за струја.
На криминалното работење во енергетиката се стави крај. Одговорност ќе има. А новото раководство на ЕСМ работи на консолидација на претпријатието.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Бране Петрушевски/прес – датум: 24.11.2024]
Контраспин: Пратеникот Петрушевски во ставот за енергетските политики на претходната владејачка коалиција во енергетиката изрече две генерално извртувања на вистината кога прави споредба на 2017 година и годините потоа, но и дека СДСМ за седум години владеење не изградил ниту еден енергетски објект. Имаше барем еден, иако мал, фотоволтаичната централа Осломеј 1.
Можеби во 2017 година после преземањето на власта на СДСМ и ДУИ во јуни навистина на сметката на државното ЕСМ имало 20 милиони евра и можеби навистина сега ЕСМ има или имал 80 милиони евра долгови. Можеби навистина заради бизнис профити на поединци се организирал скап увоз на јаглен и на струја. Таквите индиции јавноста чека да бидат потврдени од органите на прогонот и во судска постапка.
Сепак, 2017 и годините потоа, а особено големата енергетска криза што го зафати светот при крајот на 2021 и целата 2022, па сè досега, со мали падови на цените и нормализација на пазарот, не можат да се споредат со 2017 година.
Јавноста, не било толку одамна за да не памети – дека повеќе од деценија цената на мегават час електрична енергија изнесувал 50-60 евра на европските берзи, дека цената на домашната енергија беше прво три, па пет денари по киловат и дека немаше блокови на потрошувачи и слични решенија. Само како пример – еве го насловот и поднасловoт на вестите на Блумберг Адрија од август 2022 година:Цената на струја урива рекорди – надмина 500 евра и поднасловите:
Денеска на берзата во Лајпциг еден мегават час стигна до 502 евра. Тоа е раст за околу 500 отсто за една година. Пораснаа и цените на гасот за 6,5 отсто, што е најголем дневен пораст од почетокот на март.
Една година подоцна, во јуни 2023 година истиот медиум пишува: Македонија зависна, а нема мир со цените на струјата и гасот – сè уште
Лани во август цената на Унгарската берза надмина 800 евра за мегават-час. Фјучерсите за август 2023 година изнесуваат 132 евра за мегават-час.
Мало смирување е на повидок веќе есента 2023 поради сè поголемото производство во текот на денот од обновливи извори на енергија фотоволтаиците, констатира истиот медиум веќе во октомври 2023, кога веќе неколку месеци активно работи и македонската берза на електрична енергија…
Во исто време, претходната влада ја поддржа политиката на олеснето издавање на дозволи за изградба на фотоволтаици.
Од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во земјава има нови соларни фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија, информираше Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ).
Оттаму велат дека во првите два месеца од годинава во државата има нови 88 фотонапонски електроцентрали со моќност од 29 мегавати за производство на струја кои се стекнале со лиценци за работа – гласи веста на Мета.мк објавена на 4 март 2023 година.
Една година подоцна во мај 2024 година Радио Слободна Европа пишува текст со наслов: Инвестициите во соларна енергија доведоа до рекордно низок увоз на струја. Во текстот меѓу другото се наведува:
Но, и покрај тврдењата на производителите за тешкотии за добивање на лиценци, од Регулаторната комисија за енергетика велат дека голем број на лиценци за фотоволтаични централи се издадени во текот на минатата, но и во 2024 година.
Поради тоа увозот на струја е намален на рекордни 2,74 проценти во 2023 година, за разлика од околу 30 отсто колку што изнесувал со години наназад.
Производство на струја од фотоволтаици е зголемено за 300 проценти, велат од РКЕ.
Ако се има предвид дека ниту една политичка елита досега на власт не се осмелила да инвестира во голем капацитет за базно производство на енергија, ниту, пак, во голем капацитет за производство на енергија од обновливи извори, на пример Чебрен и Галиште, сосема е јасно дека огромен дел од позитивата на ЕСМ во 2017 година и дупката од 80 милиони евра, која сега ја има, се должи и на објективни околности во кои државата морала да увезува скапа струја и скап јаглен, бидејќи домашно производство не постоело во достаточна мерка, а истото било и сè уште е скапо.
Државата сè уште увезува струја и сè уште кризата постои, а премиерот во последната изјава рече дека грчевито се борат да не дојде до ценовен шок и зголемување на цената на струјата повеќе од 3 проценти. Голем објект сè уште не е изграден, а експерти предупредуваат дека земјата може да има бенефит само ако е инвестиција на државата. Увоз сè уште има, а и цените повторно растат.
Оттука, прелесното компарирање на бројките од 2017 година и загубите сега од страна на Петрушевски се спин, бидејќи недостасува многу контекст.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар