Контраспин: Нема ништо скандалозно во законски поднесена иницијатива до Уставниот суд
Не е скандалозно и непростливо тоа што Албин Курти посочил дека албанскиот јазик нема да биде загрозен со одлука на Уставниот суд на РСМ за Законот за употреба на јазиците, каква и да биде таа. Скандалозно е што наместо пред да го испратат во Собрание, тогашното ДУИ инсистираше од неговиот коалициски партнер СДСМ Законот да се донесе по скратена постапка, а потоа да се испрати на разгледување кај правните експерти на ЕУ. Чие мислење, патем, беше лошо за дел од Законот и никогаш не беше послушано потоа
Не е скандалозно и непростливо тоа што Албин Курти посочил дека албанскиот јазик нема да биде загрозен со одлука на Уставниот суд на РСМ за Законот за употреба на јазиците, каква и да биде таа. Скандалозно е што наместо пред да го испратат во Собрание, тогашното ДУИ инсистираше од неговиот коалициски партнер СДСМ Законот да се донесе по скратена постапка, а потоа да се испрати на разгледување кај правните експерти на ЕУ. Чие мислење, патем, беше лошо за дел од Законот и никогаш не беше послушано потоа
Пишува: Теофил Блажевски
Поранешниот шеф на дипломатијата и претседателски кандидат на ДУИ Бујар Османи, коментирајќи ја изјавата на косовскиот премиер Албин Курти за тоа што Уставниот суд на РСМ наскоро ќе одлучува за уставноста на Законот за употреба на јазиците(ЗУЈ), даде изјава во којашто има спин:
Спин: Скандалозно, штетно и не засновано на факти е охрабрувањето што г-дин Курти му го даде на Уставниот суд [на Северна Македонија]. Тоа е е непростливо
[Извор: Рацин.мк – Бујар Османи/изјава; датум – 18.11.2024]

Контраспин: Османи, следејќи ја упорно политиката на ДУИ кон ова прашање, повторно тврди дека секој што ќе поддржи институционално разгледување на некое горливо прашање било штетно и непростливо, што е чисто извртување на вистината, т.е. спин.
А токму тоа го порача косовскиот премиер Курти на заеднички прес со премиерот Христијан Мицкоски од Приштина, одговарајќи на прашањето за реакциите за загрозеност за албанскиот јазик, бидејќи Уставниот суд на РСМ наскоро ќе го разгледува предметот со претставки (оформен од 13 иницијативи), за Законот за употреба на јазиците (ЗУЈ), откако тој во мачна атмосфера и во два обида беше донесен во март 2018 година.
Еве што изјави Курти:
Има закон кој ја споменува бројката од 20%, но тој не е закон за албански, туку за употреба на јазиците. Од друга страна, сметам дека сите таму треба да чекаме правична одлука на Уставниот суд, кој не прави ниту исклучоци, ниту дискриминација и кој таму ја почитува повеќејазичноста, рече Курти.
Со ваквата изјава на Курти и со оценка дека е коректна излезе и министерот за здравство Арбен Таравари, кој е дел од коалицијата ВЛЕН во Владата на РСМ:
Премиерот Албин Курти беше коректен, тоа не е Законот за албански јазик. Во Уставот на Северна Македонија службен јазик е македонскиот јазик и јазикот кој го зборуваат повеќе од 20 проценти од населението. Во законот е вклучен и албанскиот јазик. Стратешката грешка е што не инсистиравме во одредени моменти да се повлечат 20-те проценти, рече Таравари во „Интерактив“ на КТВ, објави Независен.мк.
Инаку, пред изјавата на Османи, предупредување испрати и ДУИ во писмо до меѓународната заедница, до граѓанскиот сектор, како и до Косово и Албанија, тврдејќи дека со евентуална одлука на Уставниот суд за укинување на делови или на целиот Закон, ќе се задал смртен удар врз Охридскиот рамковен договор:
Не можеме и не смееме да дозволиме самиот темел на мировниот договор да биде доведен во прашање. Ова е линија што не треба и не смее да се премине. Албанците се длабоко вознемирени и разочарани од овие обиди да се врати државата назад, во време кога заедничката цел треба да биде напредок кон праведно и инклузивно општество, стои во писмото на ДУИ.
Проблемот е во скокањето на процедурите и дневната политика
Одговорот зошто ваквите прашања поврзани со мултиетничкиот соживот одново и одново се отвораат во изминатите 23 години по Рамковниот договор и уставните амандмани потоа, е многу едноставен. Наместо сериозна подготовка и темелна процедура, многу закони или законски измени се носат избрзано според потребите на дневната политика и тактики за останување во коалиции, со скратени постапки или со „европски знаменца“, итн. Токму таков беше примерот во 2018 г.
Иако законот беше подготвен во 2017 година и иако според препораките на тогашниот еврокомесар Јоханес Хан, кои биле прифатени и за тоа била известена и ЕУ, предлог-законот требало да се испрати на мислење на Венецијанската комисија пред да биде испратен до Собранието, се случи токму обратното. За тоа сведочи и Мета.мк, која доби потврда во септември 2017 од претставник на ЕУ, а на која, исто така, потсети две години подоцна и 360 Степени, откако Венецијанската го достави мислењето за веќе изгласаниот закон.

Што проценија правните експерти на ЕУ?
Духовите се разбрануваа откако и Венецијанската комисија даде забелешки за ЗУЈ. Целиот документ на мислењето на Венецијанската комисија може да се прочита ТУКА, додека во кратки црти, Советот на Европа појаснува дека донел препораки делови од законот да се изменат или да се одложи нивната примена, бидејќи се тешко применливи:
Правните експерти на Советот на Европа потенцираат дека во споредба со законодавството за 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.
Додека ја поздравува подготвеноста на надлежните за подобрување на јазичната состојба на заедниците, Венецијанската комисија открива дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување, што може да се покаже како нереална правна обврска врз јавните институции, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, заедно со тешки санкции во случај на непочитување и можност за поврат на судските решенија, доколку има недостаток на превод и толкување во текот на постапката.
Според мислењето, овој пристап може значително да го забави функционирањето на целото судство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права… (целото кратко појаснување може да се прочита ТУКА).
Кога стигна ваквото мислење, одговорот на засегнатите се сведе на тоа дека мирот немал цена и дека ако има цена таа била симболична.Така барем говореше ѕвездата на ДУИ, Артан Груби. А, Османи и тогаш се закануваше дека мирот ќе биде загрозен ако имало преразгледување на Законот пред Уставен суд или во Министерството за правда.
Тоа што, како што и предвидоа угледните експерти на ЕУ од Венецијанската комисија, Законот навистина остана во многу делови тешко применлив, за „патриотите“ од ДУИ, но и од тогашното раководство на СДСМ, се чини не е важно. Или мирно спијат зашто биле под притисок за некои од бројните избори? И сега, кога има инстанца на која институционално можеби ќе се решат дел од проблемите, зашто таа институција ќе проценува според Уставот по Рамковниот, а не оној од пред тоа, и кога на тоа ќе посочи и Албин Курти, тоа било непростливо, скандалозно и штетно за Османи (и ДУИ).
Од сè погоре наведено, изјавата на Османи може да се оцени како извртување на вистината, т.е. спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар