Контраспин: Неморално е крвта на загинатите полицајци да се ползува за пресметка со СДСМ

Фотомонтажата на Курир како ислустрација за спинот. Фото скриншот

Нема ниту малку логично поврзување на нештата да се потврди спинот од насловот и низ содржината, односно не се презентирани факти што би го поткрепиле ова тврдење. Оттука, целиот текст на Курир што подоцна вечерта во разни форми го преобјавија и дел од националните телевизии, е целосно извртување на вистината, односно спин.

 

 

Нема ниту малку логично поврзување на нештата да се потврди спинот од насловот и низ содржината, односно не се презентирани факти што би го поткрепиле ова тврдење. Оттука, целиот текст на Курир што подоцна вечерта во разни форми го преобјавија и дел од националните телевизии, е целосно извртување на вистината, односно спин.

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Порталот Курир во текот на вчерашниот ден, 09.05.2016, објави серија текстови посветени на годишнината од случувањата во „Диво Насеље“ во Куманово, кога во жестока борба меѓу припадниците на МВР и терористичка група загинаа 8 припадници на полицијата и (најмалку) 10 припадници на уфрлената група, четириесетина полицајци беа ранети, а 28 членови од групата беа уапсени… Во најмалку еден од текстовите, Курир грубо ја извртува вистината, при што се користи трагичниот настан за пресметка со опозициската СДСМ. Ова писание на Курир во текот на вечерта беше направено во форма на тв прилози на најмалку две комерцијални телевизии со национална концесија.

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Спин: Како СДСМ минатиот 9-ти мај се подбиваше со безбедносните сили и преку медиумите подгреваше тензии?

Додека цела Македонија стравуваше и тагуваше по загинатите херои кај Диво Насеље, СДСМ и нивните медиуми се подбиваа со безбедносните сили.

Еден ден по трагедијата, додека мислите на македонскиот народ беа со повредените бранители кои лежеа во болница, лидерот на СДСМ, Зоран Заев и сегашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, отидоа на местото и со насмевка се фотографираа со помагачите на терористите…

Контраспин: Крвавите настани од Куманово од 9 и 10 мај минатата година ниту се случија од небо, ниту во испразнет вакум простор без други случувања. Република Македонија веќе беше длабоко навлезена во политичката криза по случајот „Пуч“, отоврен со прес конференцијата на тогашниот премиер Груевски на 31.01.2015 и по серијата прес конференции на кои опозициската СДСМ веќе објави поголем дел од планираните материјали од незаконски сниманите телефонски разговори, кои покажуваа јасни индиции за огромни злоупотреби од страна на раководни структури во владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Во една таква атмосфера, 15 дена пред случувањата во Куманово се случи напад врз караулата во Гошинце, обезбедувана од МВР, при што немаше жртви, но имаше одземено оружје и опрема.

Борбите во кумановската населба „Диво насеље“ започнаа во раните утрински часови на 9-ти и траеја се до претпладневните на 10-ти. Медиумите, од кој ниту еден немаше репортер на местото на самите борби, зашто подрачјето беше обезбедено неколку блока подалеку, известуваа како знаеа и умееја, при што имаше, се разбира, и неточни информации, бидејќи официјални немаше. Да потсетиме, во текот на првиот ден ниту еден од челните функционери во државата – ниту МВР ниту Влада, ниту претседател на држава, никој не сооопштуваше ништо, а информациите од МВР беа давани на „лажиче“. Политичките партии официјално, исто така, немаа реакции. Сите официјални информации почнаа да доаѓаат утредента, прво преку прес конференција на Јанкуловска, па на Никола Груевски, па на крај на Ѓорѓе Иванов, кој соопшти за седницата на Советот за национална безбедност на 10-ти мај, на кој учествуваа лидерите на сите политички партии што членуваат во тоа тело, со исклучок на ДУИ.

Да се тврди дека СДСМ и нивните медиуми на 9-ти мај се подбивале со безбедносните сили, е едноставно речено груба невистина и спин. Врз основа на што Курир, бидејќи текстот нема автор, го заклучил ова? Од анализата на писанието, се гледа дека тоа се два статуса на ФБ профили кои се приватни, врз основа на три фотографии од посетата на Заев на Куманово на 11.05.20015, врз основа на изјава на поранешниот кандидат за претседател од СДСМ, Стево Пендаровски, инаку советник за безбедносни прашања на двајца поранешни претседатели на РМ, врз основа на подоцнежни изјави на Заев за настанот и врз основа на видео материјал од две граѓанки кои на сегашните актуелни протести им се обраќаат погрдно на полицајците.

Прво, ФБ профилот на партискиот функционер Шилегов и статусот што е наведен не се однесува на безбедносните сили, туку на непознато лице кон кое се упатени саркастични забелешки.

Второ, статусот на новинарот Тричковски, навистина е најблаго речено невкусен, но Тричковски не е СДСМ, ниту пак некој што ја претставува оваа партија.

Трето, Заев и Спасовски беа првите високи функционери од некоја политичка партија што отидоа на местото на настанот, при што Заев изјави сочувство за загинатите полицајци, за кои рече дека професионално и пожртвувано си ја завршиле работата.

Четврто, Ставот на Пендаровски за бугарската агенција БГНЕС, без оглед што го нема во таква децидна форма претставен во текстот на Курир, е став на човек кој искажува теза или хипотеза, врз основа на претходно добиени сознанија од безбедносни извори и тоа нема никаква врска со безбедносните сили што ја изведуваа акцијата, понајмалку, пак, нивно исмевање. Да потсетиме, тие настани не се расчистени ниту една година подоцна, особено од апсект на мотивите и вистината сè уште се бара.

Петто, изјавите на Заев дадени за терористичката акција подоцна, беа различни, но ниту еднаш, во ниту една изјава тој не се подбивал со полицајците кои загиинаа или учествуваа во акцијата.

Конечно, имаме видео инсерт од две граѓанки кои учестуваат на неодамна одржаните пртести низ Скопје, каде неретко, полицајците блокираа извесно движење на одредени правци од ним познати мотиви. Двете граѓанки упатуваат погрдни зборови кон полицајците и крајно невкусна клетва – да ви се случи Куманово повторно! Тие вербални „вештини“ на двете граѓанки им служат на чест и совест нивна, и секој може да извлече каков сака заклучок, но, еден сигурно не – да се тврди дека, преку нив, СДСМ им се исмејувал на полицијаците и сега, исто како што тоа го правел минатиот 9–ти мај!?!?!?

Во текстот, да заклучиме, нема ниту малку логично поврзување на нештата да се потврди спинот од насловот и низ содржината, односно не се презентирани факти што би го поткрепиле ова тврдење. Оттука, целиот текст на Курир што подоцна вечерта во разни форми го преобјавија и дел од националните телевизии, е целосно извртување на вистината, односно спин, направен во непрофесионална и неетичка форма на божем омаж за настаните од Куманово, а де факто за неморална пресметка со една опозициска партија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција