Контраспин: Непоткрепени напади за првите предлог-казни за медиумите

Мониторингот покажа прецизни прекршувања на правилата за известување. Фото: веб сајт на АВМУ

 

Жестоките напади врз одлуките на Агенцијата за медиуми по предлог на ад-хок телото за прекршочна постапка против две телевизии не се темелат на факти, туку на спинови чија цел е тројна – дисквалификација на дел од членовите на ад-хок телот, дисквалификација на стручноста на Агенцијата за медиуми и дисквалификација на директорот Трајчевски

 

Пишува: Теофил Блажевски

По донесувањето на првите заклучоци на Привременото тело за следење на медиумите кои препорачуваат покренување на прекршочна постапка против две телевизии за неизбалансираност, претставниците на ад-хок телото кои беа против и претставници од засегнатите медиуми, излегоа со генерален спротивставувачки став, што ние го сметаме з извртувања на виистината:

Спинови:

  • Потенцираме дека законот и со Методологијата на АВМУ не се определуваат доволно прецизни критериуми за радиодифузните друштва да можат да го прилагодат своето известување и не се прецизира меѓу кои политички субјекти треба да се постигне приближен баланс….
  • Квантитативните анализи извршени од Програмскиот Сектор на Агенцијата за Аудио и Аудиовизуелни Медиуми покажуваат дека трговското радиодифузно друштво телевизија Сител ДООЕЛ Скопје, во периодот на мерењето од 12 до 21 септември 2016 година, во огромна мерка се постигнал баланс во покривањето на активностите на партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ…
  • Извештајот и препраките се дело на еден исфрустриран човек кој своите одредени фрустрации ги лечи преку казнување на медиуми за кои тој отворено покажува дека ги мрази…
  • Водителот во рамките на вкусот и професионалноста има право да ги провоцира своите гости за да го извлече максимумот од нив, а гледачите полесно да извлечат заклучок….

[ИЗВОРИ: Нетпрес, Лидер, ТВ Сител, Датуми, 30.09; 01.10.; 03.10.2016]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: По првата одлука на Ад-хок телото донесена во петокот, со која се препорачува Агенцијата да поведе прекршочна постапка пред надлежен суд поради незибалансираноста на две телевизии, се кренаа лавина реакции против одлуката.

Негативните реакции доаѓаат од страна на два засегнати медиума и на дел од претставниците на Привременото тело за следење на медиумите за изборите во 2016 година – новина која беше имплементирана по јулскиот договор на политичките партии и за која во делот на медиумите „Вистиномер“ пишуваше.

Станува збор за предлог одлука по првото десетдневно мониторирање на електронските медиуми. Имено, со измена на Изборниот законик во делот на обврските на медиумите што ја следат изборната кампања, се наметнуваат и нивни обврски не само за 20-те дена од кампањата, туку и за предизборниот период распослан на 100 дена пред датумот на гласање.

Мониторирањето на обврските на медиумите го вршат стручните тела на Агенцијата за медиуми, т.е. во секторот за Програмски надзор, а извештаите им се доставуваат на членовите на Ад – хок телото, по кое тие треба да донесат заклучоци и препораки. Ад хок телото е составено од по двајца претставници на предлог на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ, а петиот, претседателот беше избран од страна на албанската етничка заедница на конкурс, откако политичките партии на Албанците формално се откажаа од номинацијата на претставници.

 

МЕТОДОЛОГИЈАТА Е ПРЕЦИЗНА

Во реакциите се протнуваат три типа извртување на вистината или спинување. Првата е дека Методлогијата е непрецизна и медиумите не можат да се прилагодат…Ова е апсолутно неточно тврдење. Имено, без оглед на различните мислења во политичката и стручната јавност за партизираноста и неефикасноста на Агенцијата за медиуми и одлуките на Советот, факт е дека сите програмски надзори досега се одвивале врз прецизни правила, т.е. врз прецизна методологија. Впрочем тоа го покажуваат и досегашните извештаи на мониторирањето на изборните кампањи од страна на самата Агенција, кои горе – долу даваат јасна слика за неизбалансираноста и тенденциозноста од страна на дел од приватните медиуми, а големи слабости можат да се забележат и кај Јавниот сервис.

Второ, оваа Методологија по која сега се покриваат изборите е усвоена во јануари 2016 и по неа веќе се работеше на почетокот на годината кога уште немаше ад-хок тело. Таа требаше да биде надградена со примена на т.н. француски модел во еден свој дел, но по контроверзната јавна расправа и по реакциите на политичките партии, се донесе одлука да медиумите да се оценуваат по насоките дадени во документот од јануари.

Во овој документ на над 20 страници, точно се опишуваат квантитативните и квалитативните аспекти на известувањето за да може еден новинарски производ да се нарече објективен и балансиран. Под квантитативни се мисли на мерењето на отстапеното време, а под квалитативен, тонот на известувањето, врамувањето на фактите, директен или индиректен говор, манипулативна употреба на филмови, слики и звуци, коментари во вестите, итн… Вреди да се напомене дека овие правила не се измислени во Скопје и во АВМУ, туку тоа се вкоренети европски правила за избалансирано известување од изборни циклуси кои се наведени од УНДП, ОБСЕ/ОДИХР, Советот на Европа, Медиумски организации и институции како што се IFJ, Article 19, итн.

 

РАЗЛИКИ И ВО КВАНТИТЕТ И ВО КВАЛИТЕТ НА СЛЕДЕЊЕТО

Ако внимателно се проанализираат образложенијата содржани во извештајот на Агенцијата за наведените два медиума во периодот од 12 до 21 септември, ќе се види дека има диспропорции и во квантитативното и во квалитативното следење на разни актери во предизборната кампања или пренесување на ставови на ескперти и „експерти“.

На пример, ако се погледне одвоеното време за ВМРО ДПМНЕ и за СДСМ на една од телевизиите како вкупно време, тогаш на прв поглед изгледа пропорционално, по околу 32 минути за двете од анализираната над 5 часовна програма. Но, ако на ова се додаде дека Владата имала над 42 минути, претставници на државнa управа или на јавни претпријатија околу 26 минути и експертите над 11 минути и ако при сето тоа Агенцијата забележала дека во случаите има примери и за поистоветување на државните со партиските активности, односно известување во функција на партиската кампања, сосема е јасен дисбалансот во полза на владејачката партија.

Ист заклучок може да се даде и во врска со директниот говор. Иако времето на двете партии е приближно исто, кога ќе се додаде времето дадено за директни обраќања на Владата на РМ, односно нејзините претставници, може да се дојде до дисбалансот.

Но, она што е позагрижувачко е мешањето на вести со коментари, како и големата минутажа на вкупни коментари и осврти која содржи близу 50 минути од вкупно над 5 часа, колку што е мониторираното време кај една од телевизиите. Освен тоа, забележани се бројни примери на врамување, т.е. ставање во негативен контекст и позитивен и негативен тон. Она што го воочила Агенцијата е дека тие се посебно нагласени кога вестите ги води одговорниот уредник на телевизијата и оттука, потоа се вади спинот дека станувало збор за пресметка на Агенцијата со едно лице и со една телевизија.

Што се однесува до другиот медиуми, иако акцентот во спинот се фрла на тоа дека добил предлог-казна поради однесувањето на една уредничка во водењето на дебатна емисија, тоа едноставно не е точно.

Имено, иако  во извештајот  е споменат примерот со водењето на таа емисија, која е оценета како навивачка од страна на водителката, примарната забелешка се однесува на прекршувањето на законот во делот на мешањето на партиското со владиното однесување, односно претставување на владини мерки во функција на предизборна кампања на една партија (стр.8). Такви и други неправилности забележании се во пет примера во периодот на вестиите и другите информативни емисии во рок од 10 дена мониторирање.

Освен тоа, кај овој медиум Агенцијата забележала и поголема неизбалансираност во однос на квантитативниот дел – 34 минути за ВМРО ДПМНЕ и 27 минути за СДСМ, при што кај првите, освен неутрално, забележано е и фаворизирање со позитивен тон, а кај вторите, освен неутрално, тонот бил негативен.

Што се однесува, пак, до следењето на професионалните стандарди при известувањето, вклучувајќи ги и овие одлуки на Агенцијата, може да се наведе и примерот на редакцискиот коментар на една од телевизиите веднаш по изнесената одлука на ад-хок телото, кога првиот човек на Агенцијата Зоран Трајчевски, беше нападнат со непримерен дискфалификаторен говор, со лични навреди, кои притоа немаа поткрепа во коментарот.

Оттука, нападите дека одлуките на ад-хок телото, всушност, се  дело на Агенцијата и на нејзиниот прв човек, чии мониторинзи не се поткрепени врз прецизни одредби во Законот или во Методологијата, ги сметаме за спинови.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција