Контраспин: „Непривлечната“ идеја за Зибери стана „негова должност и чест“

Насер Зибери. Фото: скриншот/ЕДО

 

Менувањето на мислењето и ставовите на одредени политичари не е ништо ново на македонската политичка сцена. Така и со Насер Зибери, кој пред присутните на промоцијата посочи дека идејата за премиер Албанец е поголема од секоја личност и од секоја партија, истовремено потенцирајќи дека не би прифатил да биде партиски кандидат, ниту за ДУИ ниту за некоја друга партија. Ако е така, односно ако сака да биде кандидат за премиер на сите Албанци, зошто е кандидат на ДУИ?

 

Пишува: Магдалена Андоновска

Демократската унија за интеграција на овие парламентрани избори одлучи политички да оди чекор понатаму и да предложи Албанец за кандидат за премиер на Република Северна Македонија. Под слоганот „Зошто да не“, пред самиот старт на кампањата, соопшти дека нивниот кандидат за мандатар, е поранешниот пратеник и министер, а сега нотар, Насер Зибери.  Во претставувањето на Зибери има реченица во која се препознава спин:

Спин: „Челикот се кали во оган и една личност се цени за одлуките кои ги зазема за општественото добро, наспроти личниот комодитет и затоа реков – да. Верувам во идејата за прв премиер Албанец, и верувам дека не е само чест, туку и должност и обврска за да и служам на ова идеја и на нашата албанска заедница во нашата земја

[Извори Макфакс и ЕДО – Зибери: Мицкоски и Заев…, датум, 24.06.2020]

Контраспин: Што то се случи во меѓувреме за Насер Зибери комплетно да го промени своето мислење и оваа како што вели непривлечна идеја, да стане привлечна и сосема возможна? Еве, да се потсетиме што изјави неодамна:

„Идејата за кандидат премиер Албанец е партиска пропагадна, непривлечна, особено за Албанците. Тоа би било можно само при договор со другите партии, што во случајов ДУИ го нема“(види линк тука).

Менувањето на мислењето и ставовите на одредени политичари не е ништо ново на македонската политичка сцена. Речиси без исклучок откако ќе го променат ставот тоа го оправдуваат со повисоки цели и се разбира за доброто на граѓаните, во случајот на Албанците. Ништо поразлично не е и во овој случај со Насер Зибери, кој пред присутните на промоцијата посочи дека идејата за премиер Албанец е поголема од секоја личност и од секоја партија, истовремено потенцирајќи дека не би прифатил да биде партиски кандидат, ниту за ДУИ ниту за некоја друга партија. Но, увидел дека „тоа е национален проект за факторизирање на Албанците“ во РСМ. Ако е така, односно ако сака да биде кандидат за премиер на сите Албанци, зошто е кандидат на ДУИ?

Навистина ли мисли дека за оваа идеја ќе застанат сите Албанци во земјава, при тоа не размислувајќи дека за мандатар доаѓа како предлог на ДУИ? Одговорот секако му е познат дека е тоа не возможно, пред се поради фактот што останатите албански политички партии како на пример ДПА, оваа идеја ја проценија како тешка манипулација со чувствата со Албанците во Македонија. Ништо поразлично не размислуваат ниту останатите албански политички субјекти, вклучувајќи ги и македонските ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои јасно соопштија дека нивнит лидери се кандидати за премиери.

Аргументот дека е над партиски кандидат, бидејќи независноста секогаш била негово начело, паѓа во вода, не само поради фактот што зад оваа идеја не стојат сите албански политички партии, туку дека истата може да е проблематична и од уставен аспект.

Според Уставот, член 90, претседателот на државата мандатот за формирање на Влада и го доделува на кандидат на партија или партии што имаат мнозинство во Собранието. Мнозинство ДУИ сама не може да обезбеди. Големо прашање е дали ќе најде партнер за коалиција со македонските партии со оглед на нивниот став за предлогот на ДУИ. За тоа треба да има освоено број на пратенички места со гоема разлика повеќе во однос на другите албански опозициски партии. На оваа карта се чини игра и самиот Зибери, кој вели дека ДУИ по изборите ќе има позиција без која не може да се формира влада.

Но, како и да е, изјавата цитирана на почетокот на текстот дека „верува во идејата за прв премиер Албанец“, ја оценуваме како извртување на вистинита, т.е. спин, зашто покрај другите аргументи наведени во текстот и самиот тој пред многу скоро време, јасно кажа дека не верува.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.