Контраспин: Неуспешен обид на Ахмети за монополизирање на албанските интереси

Фото: Принтскрин

Притисокот на Ахмети за средба по секоја цена јасно покажува оти другите албански лидери имале за што да бидат загрижени кога се поканети на средба без никаква подготовка во период кога Ахмети и ДУИ преговараат со СДСМ за новата Влада. Во таква ситуација, секое евентуално несогласување, кое би произлегло од таквата лидерска средба, лесно би можело да се натовари врз нивниот грб

 

Притисокот на Ахмети за средба по секоја цена јасно покажува оти другите албански лидери имале за што да бидат загрижени кога се поканети на средба без никаква подготовка во период кога Ахмети и ДУИ преговараат со СДСМ за новата Влада. Во таква ситуација, секое евентуално несогласување, кое би произлегло од таквата лидерска средба, лесно би можело да се натовари врз нивниот грб

 

Пишува: Магдалена Андоновска

 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по неуспешниот обид за средба на претседателите на сите албански политички партии во земјава, за медиумите даде изјава во која се препознава спин преку кој тој сака да ја претстави ДУИ и себеси како севкупни лидери на Албанците во земјава, но и да го замагли постоењето и улогата на идната опозиција во албанскиот политички блок.

На 19-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор сакав да им се заблагодарам на партиите за досегашните заеднички достигнувања, но и да ги повикам да преземат одговорност за сето тоа што е пред нас и за она што се очекува, решение од наша страна, од сите нас кои баравме поддршка од граѓаните. Непојавувањето на претседателите на останатите албански политички субјекти Села, Гаши, Касами, Тачи, значи дека ми ја намалуваат силата и притисокот во преговорите за формирање влада, рече Ахмети.

[Извор: 360 степени, датум: 13.08.2020]

 

Контраспин:

На средбата на албанските политички лидери, која ја организираше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не се појави ниту еден од албанските партиски претседатели.

Со својата изјава по неуспешната средба лидерот на ДУИ се обиде да ја изврти вистината, односно вината за неговото неуспешно менаџирање на средбата со другите албански лидери да им ја припише токму ним. Дополнително ги обвини и за намалување на неговата сила во преговорите, веројатно очекувајќи сопствената добивката од преговорите за формирање влада во јавноста да ја претстави како добивка за сите Албанци.

Ахмети вели и дека сакал да ги повика партиите „да преземат одговорност за сето тоа што е пред нас и за она што се очекува, решение од наша страна, од сите нас кои баравме поддршка од граѓаните.“ Но, тука тој заборава дека сите партии немаат иста одговорност. Одговорноста на партиите во опозиција е поинаква од онаа на партиите на власт. Партиите на власт раководат со државата преку своето учество во државните институции, но улогата на опозицијата е сосема поинаква и таа треба да биде контролор на власта и нејзин критичар. Барањето на Ахмети за „преземање на одговорност“ би значело дека во албанскиот блок неа би ја немало, или во најмала рака не би било јасно кој е власт, а кој е опозииција ако сите делуваат на иста линија и со иста плаформа и сите ја преземат одговорноста за работењето на власта. А, тоа не е добро за никого.

А, кога, пак, говори за иста таква евентуална појава во македонскиот блок, тогаш Ахмети „пее друга песна“. И тоа сосема поинаква, што го прави недоследен. Што значи дека повторно користи спин. Тој вели дека „коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ е невозможна затоа што може да предизвика мултиетнички тензии“. А, какви тензии можат да бидат предизвикани ако ДУИ и Ахмети преку оваа средба успееја да се наметнат и беа прифатени како лидери на севкупното политичко тело кај Албанците во земјава и ако во албанскиот политички блок останеше без опозиција? Нема ли тие тензии, исто така, да бидат мултиетнички?

По неуспешната средба лидерите на Алијансата на Албанците и Алтернатива (АА и ААА) испратија писмо до Ахмети, во кое велат дека немаат ништо против средба на албанските политчки лидери, но и додаваат дека за „суштински и плоден состанок би било добро поканата да има предлог за агендата, за да, имаме појасна идеја за причината за организирање на средбата на тркалезната маса на албанските парламентарни партии. Ова значи дека тие се внимателни и не сакаат да бидат изиграни или обвинети дека не се грижат доволно за интересите на Албанците во С. Македонија ако средбата биде неуспешна. Ова особено зашто Ахмети продолжи да инсистира на ваква средба, иако ден пред тоа лидерот на Беса, Билал Касами, отворено изјави дека нема да присуствува на неа. Тој јасно истакна дека средба може да има откако ќе биде формирана Владата, односно откако ќе биде познато кој е власт, а кој опозиција и кој каква позиција би имал на таквата средба, а побара и да се договори отчет од страна на партиите во власта за реализација на заеднички договорените прашања.

Но, притисокот на Ахмети за средба по секоја цена јасно покажува оти другите албански лидери имале за што да бидат загрижени кога се поканети без подготовка и во период кога Ахмети и ДУИ преговараат со СДСМ за новата Влада. Во таква ситуација, секое евентуално несогласување, кое би произлегло од таквата лидерска средба, лесно би можело да се натовари врз нивниот грб.

По сето ова, Ахмети, пак, изјави дека веќе нема да свикува тркалезна маса и побара албанска тркалезна маса да организираат оние кои не дојдоа на средбата. Тој и го одби барањето за предлог агенда со зборовите:

Јас не можам да изготвам политичка платформа околу тоа како ДУИ гледа на нештата, туку на тркалезната маса треба да се одредат темите за кои тие сакаат да разговараат.

И, со ова заврши приказната околу оваа неуспешна средба. Во својот одговор Ахмети говори за изготвување на „политчка платформа“, иако тоа никој од него не го бараше, туку барањето беше само за предлог-агенда за лидерите на албанските партии да знаат за што ќе се разговара и да не се најдат затекнати од барањата на ДУИ. Што е уште еден спин на лидерот на ДУИ: Покрај веќе постојните.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција