Контраспин: Николоски повторно спинува – не постои скандал од „невидени размери“ во односите со Бугарија

А. Николоски. Фото: скриншот

 

Софија досега во целост ги поддржа аспирациите на Скопје за членство во НАТО и за во ЕУ. Дали ќе се обиде да блокира понатаму, тоа не може да се предвиди. Но, она што е факт, а тоа му го изнесе како одговор на Николоски и министерот Никола Димитров – кој го нарече Николоски политичар со тактика на „лешинар“ – е гаранцијата што ја даваат членовите од Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, кој е ратификуван и во бугарското Собрание

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ одржа прес во кој се препознаваат спинувани елементи:

Спин: Скандал од невидени размери е документот кој Никола Димитров под патронат на Владата на Заев и Спасовски го кријат од јавноста, а со кој Бугарија отворено го условува за датумот за преговори. Македонија има нов голем проблем во нејзините европски интеграции…

Ова е целосна капитулација на политиките на Зоран Заев. Ќе потсетам оваа влада својата политика ја темелеше на три постулати. Во економијата дека ќе донесе живот. Резултатот еве го гледаме, не само што не блескаме, туку имаме огромна буџетска дупка што е директна последица на криминалната и недомаќинска политика на Заев. Вториот постулат им беше дека ќе го решат спорот со името за да одиме во ЕУ. Името го сменија, ама немаме заокружен датум за преговори. И третиот постулат беше дека отвораат пријателства и решаваат проблеми, а сега гледаме не само што не решаваат проблеми, туку создаваат нови со уште потешки последици за националните интереси на Македонија кои што водат до национални неуспеси и порази…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб-Прес на А. Николоски, датум: 23.04.2020]

 

Контраспин:

Тврдењето на Николоски на пресот се однесува на позициите на Бугарија на Советот за општи работи на ЕУ, кој заседавал уште на 25 март, поточно пред еден месец и во кој Бугарија изразила свои толкувања во однос на Северна Македонија, при што, тоа е единствениот непобитен факт на пресот. Подолу искажаните квалификации и гледишта на Николоски се извртени вистини т.е. спинови.

Најпрво, спин е дека станува збор за скандал од невидени размери. Позицијата на Бугарија не е нешто ново. Повеќе пати, особено во втората половина од минатата година, Софија изнесуваше позиции кои се спротивни на Договорот, било во меѓународните организации, било во односите на билатерално ниво. Така беше и со работата на заедничката комисија за преразгледување на историските факти, така беше и во однос на јазикот, а за македонското малцинство кое што живее во Бугарија, позициите на Софија се стари и потекнуваат од периодот на смртта на Георги Димитров и востоличувањето на Тодор Живков за лидер на бугарската комунистичка партија, значи безмалку 70-тина години. Во таа смисла, навистина не постои скандал со невидени размери и таквото тврдење е спин.

Од земјата може да се бара и да се условува, но, досега Република Бугарија тоа не го сторила во смисла на блокада на евро-атлантските интегративни процеси. Резултат на тоа е полноправното членство во НАТО и согласноста на ЕУ за отпочнување преговори за членство на РСМ, веднаш по нормализацијата на вонредната состојба со корона кризата. Дали Софија ќе се обиде да блокира во текот на преговарачкиот процес, тоа не може да се предвиди. Но, она што е факт, а тоа му го изнесе и како одговор на Николоски министерот Никола Димитров – кој го нарече Николоски политичар со тактика на „лешинар“ – е гаранцијата што ја даваат членовите од Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, кој е ратификуван и во бугарското Собрание.

 

ЧЛЕН 14 ОД ДОГОВОРОТ Е ЈАСЕН И ПРЕЦИЗЕН

Конкретно, Николоски би можел уште еднаш да ги разгледа членовите од Член 11, а особено Член 14, последен од Договорот, во кој се вели:

Овој Договор, на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се Договорните страни.

Ова де факто значи дека Преспанскиот договор, со чија помош и со сменето име се реши проблемот со акронимот ПЈРМ во ООН, се призна македонскиот јазик и идентитетот, Бугарија не смее да го толкува на начин што ќе биде противречен. Проблемите, секако и натаму ќе постојат, за што Димитров, исто така, му реплицираше на Николоски:

Идентитетот не е само за по дома! Тешкиот историски процес за меѓународно етаблирање на македонскиот идентитет – конечното решавање на македонското прашање – нужно бара соочување со предизвиците оД соседите. И тоа се процеси кои траат. Тие не се нови, иако долго време беа под килим и беше инвестирано да останат стуткани таму и да ѕиркаат кога треба да се злоупотребат за политичко профитерство. Е, затоа за овие процеси на македонската кауза ѝ требаат луѓе со идеали. А, вие, ако веќе не помагате, аман не одмагајтевели Димитров во репликата до позициите што ги изнесе Николоски.

СПИНОТ ЗА БУЏЕТСКАТА ДУПКА

Што се однесува до другите констатации изнесени во пресот на Николоски, кои ги потенцираме како спинови, доминира оној за буџетската дупка. Според тврдењето на Николоски, буџетската дупка што е најавена и очекувана по избивањето на кризата со корона вирусот, биле „директна последица на криминалната и недомаќинска политика на Заев“. Би било добро Николоски да го појасни овој свој став, кој инаку е без сомневање спин, затоа што буквално целиот свет е во криза и таа криза секаде создава буџетски дупки кои се решаваат на горе-долу слични начини, но тоа секако не значи дека сите влади во светот, по логиката на Николски, се недомаќински и криминални.

Другите два спина во резимето на Николоски, за тоа што немало датум за преговори со ЕУ и покрај Преспанскиот договор и последиците од договорите со соседите што создавале потешки последици за националните интереси на Македонија кои што водат до национални неуспеси и порази, се јасно видливи од реалноста која ги погази ваквите тврдења. Тоа конкретно се гледа во односите на РСМ со Грција и со Бугарија, кои, токму поради договорите, се сменети и овозможија членство во НАТО и отпочнување на процесот за преговори со ЕУ. Што, да повториме, не значи дека сè е идеално и перфектно, но е значително подобро и поквалитетно од она што било во тие односи во изминатите, најмалку 30 години.

Поради сè погоре изнесено како аргументација, може да се даде оценката оти голем дел од изнесеното на пресот на Александар Николоски е спин.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција