Контраспин: Ниту Сиљановска-Давкова ја понижила државата, ниту СДСМ е лицемерна ако ја критикува

Фото: Претседател на БГ/официјален вебсајт

Огромна енергија, главно негативна, е потрошена во изминатите денови околу објаснувањето и презентација на штетата што ни била направена како држава и народ со тоа што Бугарија за време на фотосесијата помеѓу Радев И Сиљановска – Давкова не го постави државното знаме. Општеството повторно е радикално поделено, а двете главни партии, очекувано, застапуваат сосема спротивставени ставови. Никој не сака да ја погледне пошироката слика. Останувањето на средбата и при сознание дека станува збор за провокација и потоа и на заедничкиот ручек, како и вкупните резултати од посетата, вклучувајќи го и гостувањето на Македонската опера, се многу важни чекори кои на крајот носат поени на контото на државата

Огромна енергија, главно негативна, е потрошена во изминатите денови околу објаснувањето и презентација на штетата што ни била направена како држава и народ со тоа што Бугарија за време на фотосесијата помеѓу Радев и Сиљановска-Давкова не го постави државното знаме. Општеството повторно е радикално поделено, а двете главни партии, очекувано, застапуваат сосема спротивставени ставови. Никој не сака да ја погледне пошироката слика. Останувањето на средбата и при сознание дека станува збор за провокација и потоа и на заедничкиот ручек, како и вкупните резултати од посетата, вклучувајќи го и гостувањето на Македонската опера, се многу важни чекори кои на крајот носат поени на контото на државата

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во врска со инцидентот со непоставувањето на државното знаме при фотосесијата помеѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев за време на посетата во Софија можеа да се видат генерално два спротивставени става на двете главни македонски политички партии:

СДСМ: Христијан Мицкоски наместо да го осуди понижувањето на македонската државата среде Бугарија и да побара одговорност за тоа што се дозволи национален срам без македонско знаме, се обиде да ги оправда виновниците, Силјановска и министрите во неговата Влада…(16.09.2024)

По вчерашното интервју на Гордана Силјановска повеќе од јасно е дека таа нема ниту капацитет, ниту достоинство да биде претседателка на државата. По скандалозната посета на Софија, таа сега информираше дека свесно решила да се слика без знаме за наводно да не направела скандал. Свесно се сликала и свесно ја објавила фотографијата, па според ова таа свесно предизивикала понижување на државата и граѓаните…(17.09.2024).

ВМРO-ДПМНЕ:  Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави” да глуми загриженост сега кога се врати достоинството на државата. Македонија веќе не толерира понижувања, како што тоа беше за време на СДС…(16.09.2024).

[Извор: Партиски соопштенија на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ]

 

 

Контраспин: Двете главни македонски партии, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ истрошија многу негативна енергија да се оцрнат меѓу себе за тоа кој е виновен што се случи инцидент во Софија кога не беше поставено државното македонско знаме при фотосесијата помеѓу бугарскиот претседател Радев и македонската претседателка Сиљановска-Давкова, пропуштајќи ја важната поента – чекорот на претседателката со посетата и поените за македонската држава, и во билатералните односи, и во спорот со Бугарија.

Иако мислењата помеѓу експертската јавност се поделени, дали бугарскиот протокол требало да постави знаме или не, зашто средбата и разговорите беа неофицијални и неформални, имајќи го предвид почитувањето кон соговорникот (претседателката Сиљановска-Давкова), имајќи предвид дека е прва посета и прв неофицијален разговор со Радев, а и имајќи го предвид и огромното искуството и сериозност на бугарскиот дипломатски протоколарен сервис – вистината повеќе натежнува кон тоа дека дека станува збор за не случајна провокација. Дотолку повеќе што сега излезе информација дека некој сличен обид бил направен и во 2021 година за време на планираната и остварена средба помеѓу Стево Пендаровски и Румен Радев во бугарската амбасада во Рим.

Мислењата, исто така, се поделени помеѓу тоа што требала да направи претседателката, па според едни – таа со тоа што не побарала пауза и поставување на знамето и со тоа што се фотографирала со Радев направила непростлив кикс, огромно понижување и „избришала под“ со државата и народот, па нема капацитет да биде претседателка (СДСМ), додека други целата вина ја фрлаат кон Бугарија (ВМРО-ДПМНЕ).

Интервјуто на Сиљановска-Давкова на Сител во многу аспекти го појаснија моментот. Од тоа дека бугарскиот протокол бил недостапен на денот на посетата за македонските претставници, што е уште еден аргумент во прилог на тоа дека станува збор за намерна провокација, до премислувањето на претседателката што да направи, но и до фактот дека и во Операта и на заедничкиот ручек на двете делегации биле поставени знамињата и знаменцата на двете земји.

Сиљановска -Давкова е во право кога вели дека ако свртела грб и заминала ќе направела полошо – и онака заглавениот дијалог ќе се дозаглавеше, ќе се пропуштеше моментот и за неофицијалниот, но важен тет-а-тет разговор и за неформалниот разговор при заедничкиот ручек на двете делегации, кој е, исто така, важен момент. Претседателката, исто така, е во право кога вели дека само преку разговор со добра волја и цврсти аргументи може да се постигнат резултати.

А, критичарите за потегот што не ја прекинала средбата го забораваат основното – оваа иницијативност на македонската страна и во односите и во спорот со Бугарија е високо ценет гест и во дипломатијата генерално, но и во ЕУ и во САД, од каде што постојано се инсистира на дијалог помеѓу соседите. Оттука, спин е да се тврди дека со тоа што признала дека намерно останала на разговорите, иако го забележала моментот дека недостига македонското знаме, со тоа дозволила „Бугарија да го избрише подот со Македонија“ и покажала дека нема капацитет да биде претседателка на државата, а со тоа ја понижила државата. Зашто, навистина, јасно е дека не е таа што го сторила „кабаетот“, а сè друго е прашање на политичка проценка и опортунитет.

Но, исто така, е спин она што го шири ВМРО-ДПМНЕ, дека е лицемерно од СДСМ да глуми загриженост за односите со Бугарија, зашто таа била партијата на Заев кој велел „еден народ во две држави“, а Пендаровски на Борисов му се обратил со „љубави“. За тие што посериозно ги следат во длабочина информациите, познато е дека ниту двете тврдења не се апсолутно точни, туку се надградени и надувани.

Но, дури и да е така, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, досегашното време на Заев и на Пендаровски во политиката заврши со последните избори, а СДСМ како опозициска партија има целосно политичко право да настапува во јавноста со своја оценка, па каква и да е таа.

Оттука и нападите на ВМРО-ДПМНЕ и тврдењето дека е лицемерно СДСМ да изразува загрижност за националното достоинство е спин.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција