Контраспин: Новата реалност постои, а министерката Мизрахи треба само да се сообрази со неа

Р. Мизрахи. Фото: скриншот

Со датумот на промена на Уставот во Република Македонија веќе е создадена нова реалност и внатре во земјата и во односите на државaта со светот. Министерката Мизрахи само треба да ја види и евентуално да се сообрази со нејзе. Таа може и да работи на создавање на друга релност, враќање на старото име, било што друго, но тоа да се прави од позиција на министер во Владата на РСМ од која прима плата, а без нова политичка реалност на теренот, очигледно е извртување на вистината

Со датумот на промена на Уставот во Република Македонија веќе е создадена нова реалност и внатре во земјата и во односите на државaта со светот. Министерката Мизрахи само треба да ја види и евентуално да се сообрази со нејзе. Таа може и да работи на создавање на друга релност, враќање на старото име, било што друго, но тоа да се прави од позиција на министер во Владата на РСМ од која прима плата, а без нова политичка реалност на теренот, очигледно е извртување на вистината

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи даде изјава во која се детектира спин:

Спин: Јас не ја игнорирам реалноста, но нема да дозволам создавање на нова реалност. Демократско право, но и морална обврска на секој граѓанин е кога ќе види неправда и да реагира по истата. Таблата е наследена и не постои стара и нова табла. Постои само една табла во Министерството за труд и социјална политика.

[Извори: ТВ Тера, ФБ на ТВ 21 и други… – датум: 09.02.2020]

Кoнтраспин: Голема врева се крена во јавноста изминатиот викенд поради еден потег на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, која после серија изјави и обвинувања, вчера заврши со изречен спин од нејзина страна.

СДСМ, од една и Мизрахи од друга страна, се фокусираа на тоа дали имало или немало стара и нова табла во самото министерство на која ќе стои изменетото име на државата Република Северна Македонија. Па, Мизрахи тврдеше дека нема, туку дека имало само некој бел банер со кој претходната министерка ја покривала таблата, заменичката на Мизрахи тврди дека таа лаже, а вади фотографии од кои навистина се гледа белиот банер, министерот за надворешни работи Никола Димитров свикува прес конференција и бара повлекување на старата табла или оставка или разрешување на Мизрахи, итн, итн.

Во целата оваа мешаница не е најважно прашањето дали има или нема нова табла. И да има нова табла, за очекување е дека министерката Мизрахи ќе се фотографира и ќе дава изјави пред старата табла поради нејзинито лично убедување, кое, де факто, кога се користи за одбрана на нејзината постапка, е извртување на вистината т.е. спин.

Имено, Мизрахи тврди дека “не ја игнорирала реалноста, но немало да дозволи создавање на нова реалност“ и дека „демократско право, но и морална обврска на секој граѓанин било дека кога ќе видел неправда да реагирал по истата“….

Министерката мисли на „неправдата“ со промената на името на Република Македонија во Република Северна Македонија. Но, министерката заборава две работи. Првата е, дека „неправдата“, сепак, е направена во Собранието на државата со две третини од гласовите на пратенците, така што за да се исправи, нејзината партија ќе мора да собере две третини од гласовите, а и тогаш е многу дискутабилно, зашто таа „неправда“ овозможи влез во НАТО и дозволува започнување на поинтензивен развој на евроинтеграциите, со преговори за членство кои се очекуваат наскоро.

Втората е дека со датумот на промена на Уставот на Република Македонија, веќе е создадена нова реалност и внатре во земјата и во односите на државата со светот, бидејќи државата на Македонците и на другите граѓани што живеат во нејзе е преименувана во Република Северна Македонија.

Министерката Мизрахи само треба да ја види новата реалност и евентуално да се сообрази со нејзе. Таа може и да работи на создавање на друга релност, враќање на старото име, било што друго, но тоа да се прави од позиција на министер во Владата на РСМ од која прима плата (и не ја враќа), а без нова политичка реалност во смисла на нов распоред на политичките сили, очигледно е извртување на вистината, т.е. спин, чија намена може да се претпостави во предизборниот политички маркетинг.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.