Контраспин: Очигледна манипулација видлива и од авион

Фото: ФБ профил Влатко Ѓорчев

Бројката од 631.860 жители којашто Влатко Ѓорчев манипулативно ја претставува како показател за победа на ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ од 4 спрема 1, воопшто не значи тоа. Од овие 631.860 жители во 22 општини има луѓе кои воопшто не излегле да гласаат, има лица кои гласале за независни кандидати или кандидати што се од друга партија, а има и таквие кои излегле на гласачкото место и го поништиле гласачкото ливче. Таа вкупна бројка на жители никако не може да оди на контото на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквото претставување на резултатите е спинување на вистината за јавноста да добие погрешен впечаток, а тоа се прави со цел собирање политички поени пред вториот круг на изборите

Бројката од 631.860 жители, којашто Влатко Ѓорчев манипулативно ја претставува како показател за победа на ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ од 4 спрема 1, воопшто не значи тоа. Од овие 631.860 жители во 22 општини има луѓе кои воопшто не излегле да гласаат, има лица кои гласале за независни кандидати или кандидати што се од друга партија, а има и такви кои излегле на гласачкото место и го поништиле гласачкото ливче. Таа вкупна бројка на жители никако не може да оди на контото на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквото претставување на резултатите е спинување на вистината за јавноста да добие погрешен впечаток, а тоа се прави со цел собирање политички поени пред вториот круг на изборите

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Иако изборите не се целосно завршени и на 31 октомври следува втор круг на гласање, сепак, тоа не ги спречи политичарите да се истрчаат во пресметките и прогласувањето на победа. Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен пратеник, Влатко Ѓорчев, на социјалната мрежа Фејсбук  тенденциозно ги толкуваше резултатите од првиот круг на локалните избори одржани во неделата, при што го искажа следниот спин:

Спин: Споделте.  ✅✅✅

Победата според НАСЕЛЕНИЕ е 4 : 1.  👍👍👍

Во втор круг ќе биде 10 : 1.  Да, 10 спрема 1.

Целата опозиција против власта.  Game over.

Контраспин: Ѓорчев заедно со оваа објава на социјалната мрежа Фејсбук, сподели и графички приказ на  вкупниот број жители во гласачките места каде што граѓаните избраа градоначалници во првиот круг од изборите.

Фото: Принтскрин ФБ пост

Во таа смисла тој  на графиконот посочува дека во 22 општини во коишто ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалник има вкупно 631.860 жители, додека вкупниот број на жители во 9 општини во коишто СДСМ освои градоначалничко место е 146.799. И врз основа на овие податоци извлекува заклучок дека „победата според НАСЕЛЕНИЕ е 4 : 1“, што е типична манипулација со бројки, само математички – збирно прикажани без соодветен контекст.

Ваквата споредба е неиздржана затоа што изборните резултати не се гледаат врз основа на вкупниот број жители во општините, туку е важна излезноста на граѓаните. Односно, при пребојувањето на гласовите се сметаат само оние кои се одлучиле да го остварат своето гласачко право. Потоа, од таа бројка на луѓе кои гласале, се мери кој кандидат колку гласови освоил и тие податоци го даваат победникот.

Оваа бројка во првата колона од 631.860 жители, која манипулативно се претставува како показател за победата на ВМРО-ДПМНЕ со 4 спрема 1, воопшто не значи тоа. Од овие 631.860 жители во овие 22 општини има луѓе кои воопшто не излегле да гласаат, има лица кои гласале за независни кандидати или кандидати што се од друга партија што не е ВМРО-ДПМНЕ, а има и такви кои излегле на гласачкото место и го поништиле гласачкото ливче. Таа вкупна бројка на жители никако не може да оди на контото на ВМРО-ДПМНЕ.

Факт е дека иако во првиот круг од изборите ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу гласови, тие немаат освоено повеќе гласови од парламентарните избори во 2020 година, кога ги изгубија изборите. Реалноста е дека на овие избори тие, како и СДСМ, добија помалку гласови. Па така, на парламентарните избори во 2020 година ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ имале вкупно 315.344 гласови, а на првиот круг од локалните избори во 2021 година освоија 285.525 гласови. Уште поголем пад се забележува кај владејачката СДСМ кога на парламентарните избори во 2020 заедно со Беса во Коалицијата „Можеме“ освоија 327.408 гласови, а на локалните избори оваа година 239.214 гласови.

Податоците покажуваат дека оваа победа на ВМРО-ДПМНЕ, всушност, е резултат на големиот пад во гласовите на СДСМ, а не поради скок во гласовите кај ВМРО-ДПМНЕ.

Важен податок за целиот контекст е вкупната излезност на овие избори којашто е многу ниска. Според последните податоци од Државната изборна комисија, излезноста на овие избори е 48,99 отсто од вкупниот број на избирачи запишани во Избирачкиот список. Излезноста на претходните локални избори во 2017 година беше прилично висока. Во првиот изборен круг таа изнесуваше 67 отсто, додека во вториот круг, кој се одржа во 29 општини, излезноста изнесуваше 59 отсто. Излезноста на парламентарните избори во 2020 година изнесуваше 52,06 отсто.

Оттука, без сомнение, овој статус на Ѓорчев и неговото вакво претставување на проверливи бројки, претставува спин и манипулирање за јавноста да добие погрешен впечаток, а тоа се прави со цел собирање политички поени пред вториот круг на изборите.

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција