Контраспин: Одложувањето на изборите и оставките се лош изговор за смените во Владата
Ниту оставките на министрите Спасовски и Ременски од 6-ти април беа полноважни и безусловни, ниту тогаш беа констатирани, ниту пак потребата од учество на претставниците на опозицијата во Владата престанало. Отука, наведувањето на овие причини за смените во владата и враќање на старите решенија се извртување на вистината, т.е. спин
Ниту оставките на министрите Оливер Спасовски и Фросина Ременски од 6-ти април беа полноважни и безусловни, ниту тогаш беа констатирани, ниту, пак, потребата од учество на претставниците на опозицијата во Владата престанало. Отука, наведувањето на овие причини за смените во владата и враќање на старите решенија се извртување на вистината, односно спин
Пишува: Теофил Блажевски
На 101-та седница на Собранието на РМ, по предлог на премиерот Емил Димитриев, Парламентот констатираше оставки на двајцата министри од СДСМ и на нивно место именуваше двајца министри од ВМРО ДПМНЕ. Еве го предлогот на Димитриев:
Спин: На местото на членовите на Владата на Република Македонија кои на 6-ти април поднесоа оставки на своите функции, согласно членот 94, став 1 од Уставот на РМ, по констатирањето на сите доставени оставките на 101-та седница на Собранието на Република Македонија, предлагам Собранието на РМ за нови членови на Владата да ги избере…
Димитриев во усното образалагање уште рече дека една од причините била и таа што изборите „ќе бидат одложени од предвидениот датум од 5-ти јуни, со што на одреден начин ќе немаме датум на нови избори, па моја законска обврска е да предложам лица кои што ќе раководат со МВР и МТСП…“
Контраспин: Емил Димитриев, кој е „технички“ премиер по оставката на Никола Груевски, согласно Договорот од Пржино за техничка влада која треба да ги подготви изборите пред нивното одржување, на седницата на Собранието, кое беше свикано по одлуката на Уставниот суд за запирање на сите изборни дејства, предложи промена на министрите поставени од СДСМ и нивна замена со министри од ВМРО-ДПМНЕ, извртувајќи ја притоа вистината во два наврата.
Прво, во формалното писмо до претседателот на Собранието Трајко Вељановски, Димитриев наведува како аргумент поднесени оставки на министрите од СДСМ (и нивните заменици од 6-ти април), но не споменува дека тие оставки се условени.
ЗЛОУПОТРЕБЕНИ ОСТАВКИ
Оставките, да потсетиме, беа поднесени попладнето на 6-ти април, со објаснување од министрите и замениците од СДСМ, дека се поднесуваат во случај Собранието до крајот на денот да донесе одлука за рапсуштање и да се пристапи кон процедура за спроведување на избори, а со оглед на фактот што нивната матична партија имаше став (и се уште го има) дека услови за избори не постојат:
Доколку Собранието се распушти, односно доколку се одлучи да се применува Одлуката на Собранието на Р.Македонија, донесена на 23 февруари, со којашто се врши изменување на Одлуката за распуштање на Собранието донесена на 18 јануари 2016 година, бараме оставките претходно да се констатираат.
Бидејќи нешто пред полноќ на 6-ти април, Собранието сепак донесе одлука да се распушти, но не ги констатираше оставките, сега се чини на прв поглед, дека оставките се во ред и требало да се именуваат нови министри. Но, Собранието, како што сведочи целата јавност, по одлука на Уставен суд за времено запирање на сите изборни дејства и суспензија на одлуките донесени на 6-ти март, повторно се собра на 18.05.2016, што значи дека ситуацијата е вратена со сотојба на 6-ти март, пред одржување на тогашната седница.
Вака размислува и професор Ненад Новковски, поранешен министер и активен политичар како дел од раководството на ФРОДЕМ, кој во изјава за Дoјче Веле, наведува дека промените во Владата се и кршење на одлуката на Уставниот суд:
Токму на таа одлука за самораспуштање на Собранието се засноваат и оставките поднесени до Собранието од наведените министри, а кои парламентот вчера ги прифати. Со тоа повторно владејачката коалиција направи тешко прекршување на Договорот од Пржино и актите произлезени од него. Највениот обид за реставрирање на претходната влада би бил само непотребно заострување на кризата и колку побргу се откажат од него, толку помали ќе бидат штетите.
Впрочем токму втората точка од Решението на Уставниот суд гласи:
СЕ ЗАПИРА ИЗВРШУВАЊЕТО на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на одлуките означени во точката 1 од ова решение.
Оттука, сосема е јасно дека поднесените оставки не важат, бидејќи уште тогаш Собранието не ги констатираше, па она што го направи Димитриев, не е ништо друго туку „блицкриг“, упад во Договорот и непочитување на условеноста на оставките што тогаш ги поднесоа Ременски и Спасовски.
ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ИЗБОРИТЕ Е ЛОШ ИЗГОВОР
Вториот спин или извртување на вистината, е вербалното тврдење на Димитриев искажано во Собранието при образложението на предлогот, дека со оглед на фактот што изборите на 5-ти се одложени, а со цел поефикасно функционирање на владата (парафразирано), тој предлага именување на старо-новите министри Чавков и Спасов.
Ова е голема невистина од неколку аспекти. Прво, промените во Владата беа направени согласно Договорот од Пржино, кој имаше рокови и кој има за крајна цел спроведување на фер и демократски избори, како крај на политичката криза во Македонија. Главните поенти и слабости, кои се оценети како причина за политичката криза се наведени во извештаите на Прибе и на Европската унија, а во Договорот од Пржино се наведени постапките со рокови кои треба да бидат излез од кризата.
Суштината на техничката влада со која претседава Димтриев е токму спроведување на сите услови, т.е. отстранување на институционалните „чворови“, кои не овозможуваат спроведување на изборите, вклучувајќи и во помагање, а не одмагање на работата на Специјалното јавно обвинителство. Според тоа, условите за понатамошно опстојување на техничката влада, иако таа никаде не се именува како техничка, туку како полноважна со целиот свој легалитет и капацитет, и натаму постојат, а оттука, постојат и причините за министри од СДСМ во нејзиниот состав, бидејќи тие имаа двојна функција – и контролна и како гарантори дека процесите ќе се одвиваат во насока на обезбедување услови за избори.
Затоа, сосема е јасно дека искажаните причини со одложувањето на датумот се неточни и тоа е извртување на вистината. Впрочем, Димитриев не одговори на најлогично пратеничко прашање поставено од лидерот на ЛДП, Горан Милевски:
Зошто и вие не поднесете оставка ако одлагањето на изборите е причина да се прифатат оставките на министрите и да се изберат нови, бидејќи, и вашиот избор за премиер е дел од договорот за формирање влада чија цел е организирање избори во рок од 100 дена. (парафразирано)
Оттука, споменувањето на оставките на Спасовски и Ременски и повикување на Уставот во член 94 став 1, како и поттурањето на одложениот датум 5-ти јуни, како причини за барањето на Димитриев за враќање на министрите од ВМРО-ДПМНЕ на позициите во МВР и во Министерството за труд и социјална политика, ги сметаме за извртување на вистината, т.е. спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар