КОНТРАСПИН: Одлуката на ЕУ е санкција, а прстот е вперен кон ВМРО ДПМНЕ и ДУИ

Коцијанчиќ беше прецизна - нема политичка волја за реформи. Фото: скриншот

Ако некој отвоено вели Владата е без политичка волја, Владата нема подготвеност, нема зрелост, нема политичка посветеност…, итн, и поради тоа се кратат 27 милиони евра, а нема да биде продолжено со друг проект, спинување е да се крие дека тоа не биле санкции или казна од ЕУ за Македонија во целост, а уште поголемо извртување на вистината е за таквата одлука да ја обвините опозицијата

 

Ако некој отвоено вели Владата е без политичка волја, Владата нема подготвеност, нема зрелост, нема политичка посветеност…, итн, и поради тоа се кратат 27 милиони евра, а нема да биде продолжено со друг проект, спинување е да се крие дека тоа не биле санкции или казна од ЕУ за Македонија во целост, а уште поголемо извртување на вистината е за таквата одлука да ја обвините опозицијата

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Европската комисија соопшти пред три дена за одлука за кратење на 27,1 милиони евра од претпристапните ИПА фондови за Македонија за 2016 година, што е блиску до 1 отсто од буџетот на РМ за годинава. По одлуката, Владата на Република Македонија и ВМРО ДПМНЕ се обидоа да ги демантираат оценките во медиумите и експертите дека станува збор за санкции, извртувајќи ја реалноста дека станувало збор за нормално кратење на средства, но и дека за лошите вести и одлуки, виновна била опозицијата.

Спин: „Не станува збор за санкции, туку за намалување на програмските средства. Има два аспекти – внатрешен и надворешен. Внатрешниот е поврзан со фактот дека повеќе од една година лебдеше спроведувањето на избори. Во тој период институциите беа политички хендикепирани преку блокирачки механизми во неколку клучни министертства, вклучително и Министерството за финансии.

Најголемата опозициска партија своето учество во Владата не го искористи за зголемување на довербата во избирачкиот процес, како што е предвидено со договорот. Сосема спротивно, опозицијата фокусот го стави на блокирање на институциите и правење што поголема штета за државата.

Надворешниот фактор, пак, е поврзан со искуствата на Европската комисија со претходните процеси на проширување, поради што со новите инструменти се предвидени повеќе рестрикции кои ги ограничуваат обемот и областите на прилив на европски фондови“, се вели во соопштението на Владата.

[Извор: Плус инфо, Датум, 02.07.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

КонтраспинВо разбивањето на овој неталентиран спин и применлив само кај неуки, а продуциран, веројатно од немајкаде, не треба ништо посебно да се напарави, освен да се цитира државната агенција МИА, која во саботата, пред два дена, верно ја пренесе портапролката на ЕК, Маја Коцијанчиќ.

Последните неколку години а поособено минатата година, ЕК во неколку наврати ја објасни својата загриженост до надлежните органи во врска со недостатокот на подготвеност и недостаток на зрелост во планирање во клучните сектори, како и недостатокот од политичка посветеност за релизација на потребните секторски реформи и погенерално на општите реформски обврски. Како резултат на тоа Комисијата мораше сега да ја намали финансиската помош на Еу што беше предвидена за 2016 година, како и да одлучи да не продолжи со друг проект.(Изјава на Коцијанчиќ пренесена од дописникот на МИА од Брисел и објавена на 02.07.2016)

Дополнително, Коцијанчиќ за да не остане неразбрана околу одлуката на ЕК, ја кажува и втората реченица:

Влошениот политички контекст е една од причините зошто Владата и администрацијата, за жал, не беа во можност или немаа воља да ги исполнат обврските за реформи или да ја покажат потребната подготвеност да ги планираат потребните реформи….

Исти или многу слични формулации Коцијанчиќ дава и за порталот Сакам да кажам (SDK.mk)

Во последниве години и особено во текот на минатата година, Европската комисија постојано на властите им ја искажуваше својата загриженост за тоа дека нема подготвеност и нема зрелост во планирањето во клучните сектори, како и дека нема политичка посветеност за да се исполнат потребните секторски реформи, а нема и посветеност за реформи воопшто Комисијата сега мора да ја намали финансиската помош која ја имаше предвидено за 2016, а исто така  одлучи и да не продолжува со нов проект.

Влошувањето на политичкиот контекст е една од причините поради кои, за жал, владата и администрацијата не беа во можност или немаа волја да ги исполнат реформските задачи, или да ја покажат потребната подготвеност за планирање на неопходните реформи, или да ги имплементираат фондовите од ЕУ во овие области, изјави Маја Коцијанчиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Од зборовите „нема подготвеност и нема зрелост, „недостиг од политичка посветеност, а „нема и посветеност за реформи воопшто“, „за жал, владата и администрацијата не беа во можност или немаа волја…“, сосема јасно произлегува дека одлуката на Европската комисија е чиста форма на санкција кон Република Македонија.

Освен тоа, во образложението на оваа санкција, иако не се вика формално санкција, прстот е јасно вперен во извршната власт која е формирана од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Впрочем, тоа го тврдат и познавачи на процесот на интеграција со Европската унија што ден по соопштувањето на одлуката ги контактираше редакцијата на Фактор:

Александар Кржаловски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) вели дека одлуката е поврзана со непспроведувањето на реформите и ќе придонесе за натамошен застој во овој процес:

Причините за овој потег ќе ги објасни самата ЕУ (а веќе и има првична информација, дека е тоа заради неспроведување на реформите, предвидени и со Пржинскиот договор и извештајот на Прибе), но некои од последиците се веќе јасни: поголем дефицит во државнот буџет (ќе треба да се финансираат дел од работите кои биле предвидени да се платат со овие средства) и понатамошен застој на патот кон ЕУ членството (нема да се спроведат голем проекти за понатамошно усогласување со ЕУ стандардите).

Андреј Стојковски, директор на Македонскиот центар за европско образование, одлуката ја нарекува „санкции“ и директно ја врзува за застојот во реформските насоки утврдени со „Пржинскиот договор“:

За да бидам појасен, оваа одлука на ЕУ не треба да ја толкуваме самостојно, туку во врска со извештајот на Прибе и заклучоците од него, како и со договорот од Пржино. Обврските од овие два документи посочуваа на владеењето на правото и потребата од преземање/утврдување на одговорноста кај носителите на јавни функции кои сториле прекршувања на нивните овластувања. Оваа влада стори се за да ги избегне своите обврски. Ако на сето ова ги додадеме наводите за злоупотреби на средствата од европската помош и истрагата на ОЛАФ која се води, повеќе од јасно е зошто е донесена ваквата одлука – изјави Стојкоски.

Земајќи го предвид погоре кажаното, а особено анализата на речениците на портпаролката на Комисијата Коцијанчиќ, сосема е јасно дека Владата и владејачката ВМРО ДПМНЕ се обидоа да ја извртат вистината, односно спинуваат по два основа: дека не станувало збор за санкции, а второ дека за таквата одлука во еден дел била виновна опозицијата.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.