Контраспин: Одлуката за Коцевски е политичка – причините допрва ќе се разјаснат
Не е спорно дека случајот со оставката на Коцевски и иницијативата за негово разрешување се поради политичка детерминираност на власта предвреме да го разреши главниот јавен обвинител
Не е спорно дека случајот со оставката на Коцевски и иницијативата за негово разрешување се поради политичка детерминираност на власта предвреме да го разреши главниот јавен обвинител. Спорно е дали во образложението на Владата за „тешка дисциплинска повреда“ на работата на довчерашниот главен обвинител има доволно докази за тоа, за да се оправда мешањето на политиката во работата на Јавното обвинителство
Пишува: Теофил Блажевски
На прес-конференција во врска со оставката на јавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски изрече ставови во кои може да се препознае спин:
Спин: За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда.
Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт…Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение …Ова не е крај, туку почеток.
Почеток на демонтажа на заробените од СДС и ДУИ институции. Дополнително, дали преку обвинител кој има некакви релации или пак директни релации, се координирале меѓусебно, додека ги штитеше криминалците од СДС и ДУИ? Дали затоа и чекаше оставката да биде на последниот ден кога ќе биде разрешен за да им купи време на неговите наредбодавци? Исто така, дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат преку 40 случаи на висока корупција против корумпираните функционери на СДС, ДУИ и други партии?…
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Бране Петрушевски/прес – датум: 16.12.2025]

Контраспин: Довчерашниот главен јавен обвинител Љупчо Коцевски не признал дека „Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и селективна правда“ и тоа е главниот спин или извртување на вистината што ја кажа во име на владејачката партија пратеникот Бране Петрушевски.
Самиот Коцевски, кој, навистина е првиот јавен обвинител на кого Собранието му изгласа интерпелација во јули годинава на иницијатива на Левица, на прес-конференцијата одржана непосредно пред Собранието да пристапи кон иницијативата на Владата за разрешување на ЈО на РСМ (16.12.), изјави дека поднесува оставка поради политички притисок:
Од почетокот тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука. Затоа, денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија – наведува Коцевски (интегралниот говор може да се види ТУКА).
Одлуката на Владата за разрешување на Коцевски е чисто политичка одлука и е донесена многу порано отколку година и половина колку што поминаа од конституирањето на Владата, иако премиерот Христијан Мицкоски сака да ја увери јавноста дека му оставиле на Коцевски толкав период за да покаже што знае и со какви капацитети располага неговиот тим. Но, дури и тој на новинарско прашање упатено до него при интервјуто во вестите на ТВ Сител пред два дена признава дека одлуката е политичка, иако не само политичка:
Па видете, оваа одлука не е само политичка. Логично е да е политичка, ние како политичка структура ја водиме Владата и ние дадовме шанса година и половина, како ниту една влада во минатото, ние на наследен јавен обвинител му оставивме година и половина да се размавне со неговиот тим. Ги видовме резултатите какви се и логично е, не сме задоволни и влегуваме во процес да бараме јавен обвинител од којшто очекуваме многу повеќе, вели Мицкоски (по 17.34 мин. од разговорот).
За да се потсети јавноста, за намерите да се смени Коцевски, извршната власт преку премиерот лично почна да зборува уште при крајот на 2024 година, а иницијативата од Владата беше поднесена на почетокот на 2025 година. Вистиномер тогаш во рубриката Контекст оцени дека не е проблем Коцевски да биде разрешен ако Владата тоа го реши зашто има сосема доволен број пратеници. Единствениот проблем е дали ќе успее во образложението да наведе сериозни дисциплински повреди на Јавниот обвинител, една од можните причини за негово предвремено прекинување на мандатот, како што наведува законот за Јавното обвинителство, во кој има вградено доста елементи за заштита од арбитрерност на политиката во мешањето на работата на Јавното обвинителство (види член 88 од Законот за ЈО).
Значи иницијативата беше поведена уште на почетокот на 2025 година, а беше прекината по трагедијата во Кочани, со цел да не се попречува работата на ЈО при истрагата за трагедијата. Пред извесно време Владата ја реактивираше постапката и така за седницата на Собранието закажана за вчера 16.12.2025, како втора точка од дневниот ред беше ставен предлогот на Владата со образложението.
Правни експерти ќе треба да го проанализираат образложението за да се даде стручна оценка дали Владата има потврдени индикации за тешка дисциплинска постапка од страна на Коцевски. Сепак, првичен впечаток е дека двете главни образложенија за тоа кои ги утврдила Владата се преопшти – наводно незаконски донесен подзаконски акт, Упатство од Коцевски и наводно истекување „на информации и податоци за предмети преку нему блиски лица“. Во образложението нема поконкретни детали, особено за ова второто тврдење (целиот документ може да се види ТУКА).
Можеби некој од пратениците или претставникот на Владата на собраниската седница ќе дадеше некој детал повеќе, но до тоа не дојде, бидејќи точката од дневниот ред беше тргната од претседателот на парламентот Африм Гаши по добивањето на известувањето дека Коцевски поднел неотповиклива оставка.
Па така, останува констатацијата на Коцевски, што ја потврди и Мицкоски, дека одлуката за неговата оставка и причините за предлогот на Владата се политички акт.
Оттука, исто така е спин она што го кажува Петрушевски, дека „оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение“. Исто, како што сè додека не се потврди поинаку преку истрага и обвинение, спин е и тврдењето за политички релации на Коцевски и на други обвинители со политички партии и тврдењето во форма на прашање дека „група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат преку 40 случаи на висока корупција против корумпираните функционери на СДС, ДУИ и други партии“.
***
Не е спорно дека случајот со оставката на Коцевски и иницијативата за негово разрешување се поради политичка детерминираност на власта предвреме да го разреши главниот јавен обвинител. Спорно е дали во образложението на Владата за „тешка дисциплинска повреда“ на работата на довчерашниот главен обвинител има доволно докази за тоа, за да се оправда мешањето на политиката во работата на Јавното обвинителство. Или пак, силен мотив за политичка контрола врз ЈО, а поводот може да се бара и во вмешувањето на Коцевски во предметот за „бонусите на СЈО“, што го водеше разрешеното раководство на Вишото јавно обвинителство за Скопје.
Во меѓувреме, Љупчо Коцевски – кој бил во еден случај негативно оценет и на страниците за проверка на факти на Вистиномер, за кој и дел од стручната јавност има негативно мислење , а еден упатен колега во областа правосудство вчера дури напиша дека „во животот не напишал обвинение“ – ќе остане во историјата на независна Македонија како првиот главен јавен обвинител кој не поднесе оставка по интерпелацијата во Собранието, туку дури по иницијативата на Владата за негово разрешување.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар