Контраспин: Одлуките на Владата се колективни, но кривичната одговорност е индивидуална
Пратеникот во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски спинува кога тврди дека Тренчевска и СДСМ го бранат Артан Груби, кој е осомничен за проневера во службата – затоа што, наводно, биле во страв и паника од некој негов нов исказ – па на правата и должностите на членовите на Владата невистинито им накалемува колективна кривична одговорност.
Пратеникот во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски спинува кога тврди дека Тренчевска и СДСМ го бранат Артан Груби, кој е осомничен за проневера во службата – затоа што, наводно, биле во страв и паника од некој негов нов исказ – па на правата и должностите на членовите на Владата невистинито им накалемува колективна кривична одговорност
Пишува: Стојан Синадинов
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ на 25.02.2026 г. објави соопштение од прес-конференција во кое навидум во прашална форма се пласира тврдењето на пратеникот од редовите на оваа партија, Бране Петрушевски – дали пратеничката Јованка Тренчевска, потпретседателка на СДСМ, и нејзината партија го бранат Артан Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа?
Во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ е поместено и кратко видео од изјавата на Тречевска од гостувањето во дебатната емисија „Топ тема“ на ТВ Телма, заедно со Петрушевски, и во него може да се препознае спин:
Спин: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина.
Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него.
Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат.
Еве ја целосната изјава.
Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби?
СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се.
[Извор: Петрушевски: (ВИДЕО) Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа – соопштение на ВМРО-ДПМНЕ; Датум – 25.02.2026]

Контраспин: Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ практично претставува follow up (продолжение) на дебатата на Петрушевски и Тренчевска ден претходно во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, и во него е поставен краток видеоисечок преку кој се манипулира и извртува вистината околу одговорноста на членовите на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ. Односно, Петрушевски спинува дека Тренчевска и СДСМ го бранат Груби за „криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра“, дека нервозата и стравот во СДСМ и ДУИ се големи затоа што, наводно, Груби имал да каже нешто дополнително?
Подолготрајниот видеоисечок со целосниот контекст на тоа каква е одговорноста на членовите на владата може да се види овде:
Всушност, во ТВ дуелот на Телма Тренчевска говори за тоа колку ВМРО-ДПМНЕ има контрола врз судството, а ја дефокусира јавноста со настани од пред две години.
Нема да навлегувам во кривичната пријава (се мисли против Груби, н. заб.), затоа што одлуки на Владата се колективни одлуки. Само толку. Во тој случај, треба кривичната пријава да е за сите министри или заменици министри што ја гласале оваа одлука. Тогаш ќе биде во ред. Вака, за премиерот и за вицепремиерот, а за другите да немаме кривична ако гласале, затоа што Владата е колективно тело, не носи одлуки само премиерот и вицепремиерот, вели Тренчевска во емисијата „Топ тема“.
Тренчевска најпрвин, со право не навлегувајќи во кривичната пријава против Груби – што засега е во доменот на Обвинителството – посочува дека одлуките на Владата се колективни. Но, тоа не значи дека постои и колективна кривична одговорност, бидејќи и МВР во декември 2024 г., на чие чело е министерот Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ, не поднело колективна кривична пријава против сите министри и заменици министри од Владата на СДСМ/ДУИ, туку против 8 лица, меѓу кои и за поранешниот премиер Димитар Ковачевски и вицепремиерот Груби. Основното јавно обвинителство (ОЈО) прифатило 6, меѓу кои не е пријавата против Ковачевски. Пријавата против Груби и неговото бегство од земјата се случуваат на 16 декември 2024.
Малку иронично, ден подоцна Владата на Република Северна Македонија – предводена од ВМРО-ДПМНЕ, чиј пратеник во Собранието е Петрушевски – на седницата одржана на 17 декември 2024 година, донела Деловник за работа, а во делот за правата и должностите на членовите на Владата, во член 7 од Деловникот (стр. 2) стои:
(1) Членовите на Владата ја претставуваат Владата во земјата и странство, во согласност со насоките и ставовите на Владата.
(2) Членовите на Владата се должни да ги искажуваат и застапуваат ставовите на Владата во јавните изјави и во своите настапи во јавноста. Донесената одлука на Владата е должен во јавноста да ја брани и член на Владата кој гласал против или бил воздржан од гласање.
Како еден од најагилните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и најистакнати партиски говорници пред седиштето на партијата – каде речиси секојдневно држи прес-конференции – Петрушевски сигурно ги знае „правилата на играта“ кои важат во Владата, па и оваа предводена од неговата партија. Во Владата одлуките се носат колективно, а според нејзиниот Деловник на работа, членовите се должни да ги искажуваат и застапуваат ставовите на Владата во јавните изјави и во своите настапи во јавноста, без разлика дали биле против некоја одлука.
Значи, нема колективна кривична одговорност на Влада или на нејзини членови. А нема ниту доброволна одговорност, како што Петрушевски ѝ импутира на Тренчевска во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму, може да се оцени дека пратеникот Бране Петрушевски спинува кога тврди дека Тренчевска и СДСМ го бранат Артан Груби, кој е осомничен за проневера во службата – затоа што, наводно, биле во страв и паника од некој негов нов исказ – па на правата и должностите на членовите на Владата невистинито им накалемува колективна кривична одговорност.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар