Контраспин: Околу директорот на АНБ спинови и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ

Колаж на Вистиномер

По именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, политичката војна помеѓу двете главни македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се разгоре, при што може да се забележат спинови од двете страни. Сосема е јасно дека вистината е една и тоа треба да го кажат надлежни институции, а не, на пример бугарски медиуми. Но, исто така за да нема дилеми, врз надлежните институции не треба да се прави притисок, ниту од премиерот, ниту од опозицијата.

По именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, политичката војна помеѓу двете главни македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се разгоре, при што може да се забележат спинови од двете страни. Сосема е јасно дека вистината е една и тоа треба да го кажат надлежни институции, а не, на пример, бугарски медиуми. Но, исто така за да нема дилеми, врз надлежните институции не треба да се прави притисок, ниту од премиерот, ниту од опозицијата. Ова е само за кадровското решение. И тоа само врз основа на јавните податоци до 28.10. претпладне. За реформата во безбедносниот сектор, што е можеби уште посложено прашање од кадровското решение, во некоја друга прилика

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали првиот човек на АНБ Бојан Христовски ги исполнува условите за таа позиција премиерот Христијан Мицкоски на 27.10.2024 даде изјава во која може да се констатира спин:

Спин: Тврдам дека сите услови согласно закон се исполнети. Единствен орган којшто треба да констатира дали тие услови се исполнети е Антикорупциската комисија која ја повикувам да го истражи брзо овој случај. Убеден сум дека тој ги исполнува условите. Зарем ќе дозволиме такво нешто да се случи. Документот е издаден од 2022 година, дали во меѓувреме постоела или не постоела таа Агенција, тоа е сосема друго прашање …и во врска со евентуалната одговорност на Христовски: Доколку тоа го констатира соодветна институција, а не опозициската СДСМ и исплашените поранешни разузнавачи кои овие агенции за национална безбедност ги претворија во тврдини во бoрба против опозицијата во времето кога ние бевме опозиција, тогаш да.

[ Извор: МКД.мк – Премиерот бара ДКСК… – датум: 27.10.2024]

Вчера со прес конференција, а денеска со соопштение, СДСМ комуницира во јавноста со став во кој исто така може да се забележи спин:

Спин: Христовски нема меѓународно признаен сертификат за познавање англиски јазик, туку се користел со фалсификуван документ што претставува прекршување на Законот и кривично дело кое повлекува одговорност.

Наместо веднаш да го разреши Мицкоски по секоја цена го брани ова незаконско поставување. Владата на Мицкоски и ДПМНЕ покажува дека за неа не постои ниту право ниту правна држава.

Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности. Повикуваме на транспарентна истрага која точно и непристрасно ќе утврди кој го овозможил ова и кој е одговорен за скандалот.

[Извор: СДСМ – Соопштение – датум: 28.10.2024]

 

 

Контраспин: Прашањето за кое што жестоко дебатираат двете најголеми партии во македонскиот блок воопшто не е наивно – зашто не е сеедно, кој ќе раководи со клучната агенција што треба да се грижи за внатрешната безбедност и уставниот поредок, а од друга страна и двете партии се во право кога велат дека надлежна институција треба да ја утврди вистината, но притоа и двете спинуваат.

Спорот се разгоре откако со одлука на Влада за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на 16.10.2024 г. беше именуван Бојан Христовски, за што нема соопштение на сајтот на Владата, а јавноста го дозна од медиумите. Оттогаш до денес не престануваат препукувањата помеѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дали Христовски ги исполнува условите за таа позиција.

Одлуката е на Владата, на предлог од  премиерот директно, како што тоа го наложува и Законот за АНБ во член 9. Во тој член се наведени неколку услови за кои и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека именуваниот ги исполнува, додека опозициската СДСМ вели дека тоа не е така и дека станува збор за скандалозно именување со кое се партизира АНБ. Откако почетните обвинувања и препукувања дека Христовски нема ниту соодветно образование беа прекинати со самото интервју на новиот директор за 360 степени, сега тежиштето се префрли на тоа дали неговата диплома/уверение од Пловдив, Бугарија, за познавање на англискот јазик е валидно или не.

Мицкоски на новинарско прашање вели дека Христовски ги исполнува сите услови и дека тој е сигурен во тоа, а одговорност ќе побарал од него доколку неправилности констатира надлежна институција, во случајот ДКСК. Но, Мицкоски спинува околу три работи. Прво, не е само ДКСК надлежна институција што може и е надлежна по закон да проверува дали именуваниот Христовски ги исполнува условите, во случајов и за познавање на англискиот јазик. Доколку некои од поставените услови не се исполнети, како надлежни институции за одлуки на влада се и Управниот суд, Јавното обвинителство, Комисијата за надзор на работата на безбедносните служби при Собранието, итн.

Второ, Мицкоски спинува кога вели јас сум сигурен, ама нека провери и ДКСК и притоа ги повикува тоа да го сторат што поскоро. И двете изјави – јас сум сигурен и нека решат што побрзо, се своевиден притисок врз ДКСК. Бидејќи материјата не е едноставна, башка ДКСК го отвори случајот по анонимна претставка, на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК) треба да ù се остави онолку време за темелни проверки колку што ù е потребно.

Трето, Мицкоски не смее на опозицијата да ù го одзема правото да бара промена на владина одлука или оставка на именувано лице, се разбира, доколку опозицијата има валидни докази, уверливи аргументи и други елементи врз кои го гради својот однос кон јавноста и своите политички одлуки. Аргументот дека станувало збор за реакција на поранешни разузнавачи, кои АНБ ја претвориле во тврдина на СДСМ за контрола на опозицијата е спин, сè додека не се докаже дека тоа е така во валидна правна постапка.

 

СДСМ не може „од ракав“ да се расфрла со квалификации „необразуван криминалец“

Од друга страна и СДСМ прави спин околу случајот, со самото тоа што изнесува сериозни обвинувања без да наведе докази, а притоа го повикува Јавното обвинителство да го истражи случајот и да го констатира криминалот кај Христовски за фалсификуван документ. Исто така, повикуваат на итна реакција од ДКСК, иако знаат дека таму е веќе отворен предмет, па секое барање за брза реакција, исто така, може да се смета за притисок, како што тоа важи и за Мицкоски.

Но, спин е како факт да се каже дека Христовски не ги исполнува условите и направил кривично дело фалсификат, а притоа да не се изнесат докази со кои јавноста ќе се убеди дека тоа е така, туку се повикува Јавното обвинителство да отвори постапка. Постапка како постапка може да трае подолго бидејќи никој не може да даде одговори веднаш, а „пердувите“ веќе се разлетале.

Опозицијата и во реакцијата од 19-ти септември изрази сериозни сомнежи околу образованието на Христовски, тврдејќи дека до мината година, пред дипломата од Економскиот факултет од Универзитетот за туризам и менаџмент, поседувал стручна квалификација како дипломиран тренер по кик бокс. Кога Христовски во интервјуто за 360 Степени (емитувано на 24.10.2024 г.) излезе со тврдење дека има диплома од Факултетот за физичка култура при УКИМ, диплома од Економски факултет при споменатиот Универзитет за туризам и менаџмент и додипломски студии на Факултетот за безбедност при УКЛО во Битола, во реакцијата на СДСМ утредента на 25.10. исчезна обвинувањето за нестручноста на Христовски, туку фокусот го задржаа на англискиот и на прецизни датуми за пет години на раководни позиции…

Башка, ова за дипломата за познавање на англискиот јазик на соодветно ниво повторно се разгоре откако бугарски медиум напиша дека сега таква агенција во Пловдив не постоела со изнајмен физички простор, туку нешто работеле само онлајн.

Поради погоре наведените причини може да се оцени дека и СДСМ во одредени елементи спинува околу случајот со Христовски, посебно и со тврдењето како проверен факт дека било сторено кривично дело фалсификат, а за кое не изнесуваат докази, туку ги повикуваат ЈО и ДКСК да го утврдат тоа.

***

Квалитетот на првиот човек на една од трите клучни институции од безбедносниот сектор (АНБ, АР и СВБиР), секако е многу важно прашање и од аспект националната безбедност и од аспект на демократскиот поредок во државата. Преголема е моќта што ја имаат овие институции, а нивната злоупотреба беше причина за нивна темелна реформа по насоките од експертот на ЕУ Рајнхард Прибе од 2015/2016 година кои не почнаа да се спроведуваат ни од 2017 г., а конкретно за АНБ се реализираше од 2019 година.

Владата,секако, има право да избере кадар за кој мисли дека најдобро ќе раководи со таа институција, но притоа треба да има јасно и транспарентно образложение зошто баш тој и тој човек, а образложенијата од типот „јас сум сигурен дека ги исполнува условите ама ДКСК нека провери брзо“ и дека „беше жртва на минатиот режим“, не се соодветни на демократијата за која претендираме дека сме и претставуваат спинови.

Опозицијата, пак, има клучна улога во контролата на власта и треба да биде многу гласна и за ова прашање, но бидејќи е многу чувствително и опозицијата не смее да спинува со стручните квалификации или со други прашања, туку треба да обзнани конкретни докази или други причини што се во нејзин посед околу тоа зошто Бојан Христовски не смее да биде директор на АНБ.

За партизацијата не вреди да се зборува јавно од повеќе очигледни аргументи, но особено е интересно што законодавецот не го навел рокот колку време пред именување на таа функција човекот треба да бил дистанциран од партијата (види член 9 од споменатиот закон).

Затоа, фактите околу тоа дали Христовски навистина ги исполнува условите останува да ги утврдат надлежни институции, а политичките елити не смеат истите да ги притискаат и притоа не смеат да спинуваат во јавноста за вакво сериозно прашање

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција