Контраспин: Османи спинува дека по паднатиот „балансер“ ќе паднел и „Бадентер“
Бујар Османи во интервјуто изрече спин дека со паѓањето на „балансерот“ поради одлуката на Уставниот суд од октомври годинава, ќе падне и принципот „Бадентер“ кој е вграден при носењето законски и други одлуки важни за правата на националните малцинства. Ваквата извртена вистина всушност е можност пошироката јавност да се доведе во заблуда, при што на удар повторно се меѓуетничките односи во државата
Бујар Османи во интервјуто изрече спин дека со паѓањето на „балансерот“ поради одлуката на Уставниот суд од октомври годинава, ќе падне и принципот „Бадентер,“ кој е вграден при носењето законски и други одлуки важни за правата на националните малцинства. Ваквата извртена вистина, всушност, е можност пошироката јавност да се доведе во заблуда, при што на удар повторно се меѓуетничките односи во државата
Пишува:Теофил Блажевски
Поранешниот висок владин функционер и кандидат за претседател на државата од страна на ДУИ на последните избори, Бујар Османи, во телевизиско интервју изречe спин околу значењето на укинувањето на „балансерот“ од страна на Уставниот суд во октомври:
Спин: Уставниот суд донесе одлука дека претставувањето на етничката припадност е кршење на фундаменталните права на луѓето…
– При вработување! (новинар).
-Не пишува при вработување. Балансерот е една алатка што паѓа поради забраната за етничка идентификација. Утре ќе падне и „Бадентер“…Со таа интерпретација (на Судот – н.з.), нема да можат ниту пратениците да се изјаснат за етничката припадност.
[Извор: МРТ/360 Степени – Бујар Османи/интервју(после 29 мин.); датум: 23.12.2024]
Контраспин: Поранешниот министер за европски прашања и за здравство, Бујар Османи од ДУИ ја извртува вистината за суштината на одлуката на Уставниот суд од 09.10.2024 (тој погрешно наведува 17 октомври-н.з), со која беа укинати одредби од Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Методологија и Правилник и други документи поврзани со алатката „балансер“. Имено, Османи спинува дека во образложението на Уставниот суд било наведено дека „балансерот“ паѓа поради забраната за етничка идентификација на луѓето, поради што утре ќе паднел и „Бадентер“, т.е. принципот на двојно мнозинство и квантитативно, но и мнозинство од националните малцинства кога се носат законски и други решенија важни за нив.
Притоа, Османи упорно кажува оти судот проценил дека изјаснувањето на националната припадност пред институциите претставува повреда на фундаменталните права, што е спин, а ги негираше и неколкуте спротвставени тврдења на новинарот, дека одлуката на судот се однесува за законите што важат при вработувања.
Доволно е да се погледне опсежното образложение на одлуката и да се разбере дека Османи ја извртува вистината и со тоа се обидува со јавноста да искомуницира на начин што не одговора на фактите, со што може да ја доведе во заблуда.
Имено во дел од образложението на Уставниот суд за предметната одлука се наведува:
Во конкретниот случај, Судот утврди дека припадноста на заедница е задолжителен податок кој кандидатот во пријавата за вработување има обврска да го наведе. Ниту во Законот за вработените во јавниот сектор, ниту во Законот за административни службеници, не е пропишано дека податокот за припадност на заедница е општ или посебен услов за вработување, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се прекршува уставно загарантираното право на слободно изразување на националната припадност. Ваквите законски решенија се спротивни на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободата на изразување на националната припадност, на начин што правото на пријавување на јавниот оглас е ограничено на кандидатите за админстративни службеници кои припаѓаат на различна заедница од онаа наведена во јавниот оглас за конкретното работно место, а со тоа и спротивни на уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување, односно на уставната гаранција според која секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, како што е утврдено во член 32 од Уставот.
Како што може да се види, Судот не го укинал правото на изјаснување за националната припадност, туку рекол дека тоа не може да биде задолжителна обврска наведена во законите. Впрочем, пред овој пасус од образложението, Судот појаснува дека таа се должи на друга одлука на Уставниот суд за укинување на законската одредба од Законот за матична евиденција, каде што, исто така, беше предвидено при уписот во матичните книги луѓето задолжително да се изјаснат и за нивната национална припадност:
Уставниот суд со Одлуката У.бр.92/2023 од 28.02.2024 година укина одредби од Законот за матичната евиденција …со што зазема став дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо и според Судот, негово лично право е да одлучи дали ќе се изјасни и како ќе се изјасни за сопствената припадност, но и право да одлучи да не се изјасни.
Според Судот, изјаснувањето за националната припадност односно припадноста на одредена заедница, како и можноста за обработка на овој податок, не може да биде наметната како задолжителна законска обврска за граѓаните.
Како што може да се види од образложението на Одлуката од 9.10.2024, Уставниот суд многу јасно укажува дека изјаснувањето за националната припадност на граѓаните, па според тоа и за пратениците кои се избрани во Собранието, е право на слободна волја, а не може да биде законска обврска. Оттука, сосема е јасно дека принципот „Бадентер,“ кој практично извира од Уставот и е вграден и во Законот за Собрание и во Деловникот на Собранието и во други документи, никако не е загрозен со одлуката на Уставниот суд за укинување на алатката „балансер“ и бришење на одредбите од законите поврзани со вработувањето во јавниот сектор, а спротивното тврдење на Бујар Османи е спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар