Контраспин: Пандов удри со клоци по пописот
На електронската апликација достапна на: popis2021.stat.gov.mk и census2021.stat.gov.mk, можат да се попишат сите иселеници во странство. Податоците за лицата кои се самопопишале се заштитени и тие ќе бидат декриптирани дури откако ќе заврши пописот. Така што, не се знае од која националност се и како се изјасниле, па не може ни да се тврди дека се само Албанци. Според Законот за попис учеството во пописот е задолжително за секој граѓанин, а доколку некој одбие да се попише, предвидена е парична казна. Но, доколку некој повика на бојкот на пописот, според Кривичниот законик, ризикува да добие затворска казна. И, затоа Пандов не упатува отворен повик за бојкот, туку во подбуцнувачки манир и типично провокаторски порачува: „Да не сум видел попишувачи кај мене пред врата. На клоци ќе ги дигнам!!!“
На електронската апликација достапна на: popis2021.stat.gov.mk и census2021.stat.gov.mk, можат да се попишат сите иселеници во странство. Податоците за лицата кои се самопопишале се заштитени и тие ќе бидат декриптирани дури откако ќе заврши пописот. Така што, не се знае од која националност се и како се изјасниле, па не може ни да се тврди дека се само Албанци. Според Законот за попис учеството во пописот е задолжително за секој граѓанин, а доколку некој одбие да се попише, предвидена е парична казна. Но, доколку некој повика на бојкот на пописот, според Кривичниот законик, ризикува да добие затворска казна. И, затоа Пандов не упатува отворен повик за бојкот, туку во подбуцнувачки манир и типично провокаторски порачува: „Да не сум видел попишувачи кај мене пред врата. На клоци ќе ги дигнам!!!“
Пишува: Оливера Војновска
Аналитичарот Александар Пандов од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи за најавите за казни за бојкот на пописот, ја даде следната изјава во која се препознава спин:
Спин: Додека во Република Македонија пописот е термин кој означува попишување на секој Албанец во светот и е политичка операција во која со државни пари првенците на ДУИ шетаат по странство борејќи се за секој еден попишан Албанец, а за сите нас „останатите малцинства“ пописот означува статистичка операција за само резидентно население, кое е под закани од Заев и Апостол дека ќе биде кривично гонето со затворска казна од 5 години или останатите со казни од по 300 евра ако одбиваат да се попишат, еве ви кажувам, да не сум видел попишувачи кај мене пред врата. На клоци ќе ги дигнам!!!, порача Пандов.
[Извор: Република ; датум:25.03.2021]
Контраспин: Со својата провокативна и подбуцнувачка реакција политичкиот аналитичар Александар Пандов креира извртена слика за пописот, како најобемна статистичка операција, а која за последен пат е направена во 2002 година. Неговиот настап, фактички содржи повеќе спинови.
Прво, пописот не е политичка туку статистичка операција, која ја спроведува Државниот завод за статистика. Тоа што одредени поединци и партии преку своето дејствување сакаат да ѝ дадат политичка боја е друга работа.
Според Пандов, пописот во Македонија е претворен во „борба за попишување на секој еден Албанец во странство“. Притоа тој иронизира дека кај „останатите малцинства“– ставајќи ги намерно и Македонците во оваа група, ќе се пребројува „само резидентното население“.
Ова не е точно. На електронската апликација достапна на: popis2021.stat.gov.mk и census2021.stat.gov.mk, имаат можност да се попишат сите иселеници во странство независно од нивната национална и етничка припадност. Државниот завод за статистика (ДЗС) секојдневно информира колку лица од дијаспората се регистрирале , вчера (25.03.2021) на пример имало 6.600 нови евидентирани. А, како што соопштија од ДЗС за 25 дена, откако започна процесот за самопопишувањето на иселениците, 143.755 граѓани ја искористиле оваа можност. Во моментот може да се добијат податоци само за тоа од кои држави се лицата, но не и лични податоци. Податоците за лицата кои се самопопишале се заштитени и како што кажа директорот на ДЗС, Апостол Симовски во синоќешното гостување во емисијата „Само вистина“, тие ќе бидат декриптирани дури откако ќе заврши пописот. Така што, не се знае од која националност се и како се изјасниле лицата, па не може ни да се тврди дека се само Албанци. Тоа, допрва ќе се види.
Исто така, кампањата за попишување не ја водат само политичари од ДУИ и се не се води само за албанската дијаспора, туку за сите иселеници. Министерот за правда Бојан Маричиќ, на пример, вчера во Брисел имаше средба со претставници на дијаспората токму околу пописот и потребата сите нашинци во странство масовно да се попишуваат.
Ама, Пандов намерно ги искривува нештата, ги прикажува тенденциозно и погрешно, притоа сосема непотребно ја поткрева атмосферата играјќи на етничката карта.
ПОДБУЦНУВАЧКИ ПОРАКИ
Понатаму, тој вели дека освен Албанците, сите „останати малцинства“ (и Македонците) „под закани од Заев и Апостол (Симовски) ќе бидат кривично гонети со затворска казна од 5 години или со казни од по 300 евра ако одбиваат да се попишат“.
И тука Пандов ја спинува вистината.
Пописот се спроведува според Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, којшто беше донесен на 21 јануари со 62 гласа во Собранието. Според овој Закон, граѓаните се обврзани да ги примат попишувачите, да ги дадат бараните податоци и споделат потребните информации. Односно, учеството во пописот е задолжително за секој граѓанин. А, доколку некој не го стори тоа, во Законот е предвидена парична, а не затворска казна, како што вели Пандов.
XIII. КАЗНЕНИ И ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Повреда на Пописот
Член 51
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци (член 35 став (2) од овој закон).
Како што деновие соопшти портпаролот на Владата, Душко Арсовски (24.03.2021), според Кривичниот законик со казна затвор може да биде казнет оној кој ќе повика на бојкот на пописот.
Повикот за бојкот и бојкотот на Пописот е кривично дело. Тоа е исто што и организирање отпор и непослушност кон законити одлуки и мерки на државен орган опфатени со членот 387 од Кривичниот законик и предвидува парична казна или затвор до 3 години за оној, што ќе организира други на отпор и на непослушност. Ако пак поради делото не е спроведено или значително е отежнато спроведувањето на законита одлука или мерка, или ако делото го стори како водач на група сторителот ќе се казни со затвор од 1 до 5 години, изјави Арсовски.
Што значи, не се работи за заплашување и закани од „Заев и Апостол“, туку за почитување на законите и таа обврска важи за сите граѓани на Р.С. Македонија. Несомнено дека Пандов тоа го знае, но сакајќи да собира политички поени манипулира и ја спинува вистината за пописот, како извор на важни статистички податоци врз основа на кои во иднина ќе се креира економскиот и социјален развој на државата, која пак, едвај после 19 години собра сили да го организира.
Јасно му е на Пандов и дека повикувањето да не се отворат вратите за попишувачите може да доведе до тоа да биде казнет, па затоа и не упатува отворен повик за бојкот, туку во подбуцнувачки манир „удира со клоци“ по пописот и онака типично провокаторски порачува:
Да не сум видел попишувачи кај мене пред врата. На клоци ќе ги дигнам!!!
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар