Контраспин: Партиските спинови околу „бугарското прашање“ – контра единството во државата

Фото: Колаж на Вистиномер

Најголемите партии во државата како да не водат сметка во својата секојдневна меѓупартиска пресметка околу штетата што се прави со обвинувањата што се лиферуваат од партиските штабови. Еден таков пример беше изминатиот викенд и понеделничкиот 31.10.2022 кога препукувањето беше насочено кон прашања поврзани директно со односите меѓу Скопје и Софија. Корисник требаше да биде општата јавност, а колатерална штета е толку посакуваното единство околу витални национални интереси

Најголемите партии во државата како да не водат сметка во својата секојдневна меѓупартиска пресметка околу штетата што се прави со обвинувањата лиферувани од партиските штабови. Еден таков пример беше изминатиот викенд и понеделничкиот (31.10.2022) кога препукувањето беше насочено кон прашања поврзани директно со односите меѓу Скопје и Софија. Корисник требаше да биде општата јавност, а колатерална штета е толку посакуваното единство околу виталните национални интереси

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Серија партиски спинови од најголемите партии во Северна Македонија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ поврзани со т.н. „бугарско прашање“, т.е. детали од односите меѓу Скопје и Софија, беа регистрирани изминатите денови, вклучувајќи го и денешниот 31.10.2022 г.. Тука ќе ви пренесеме само дел од нив, т.е. две, кои се покарактеристични и чија последица е поткопување на шансите за постигнување единство кога станува збор за важни национални прашања, како што е и можно единство околу промена на Уставот:

Спин бр. 1: ВМРО-ДПМНЕ е директно поврзана со бугарските клубови отворени во Битола и Охрид, кои носат имиња на контроверзни и провокативни историски личности, го потврдува континуитет на опозициската партија со Ванчо Михајлов и се гордее со него.

Самиот Мицкоски го потврди континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ во своето делување со Ванчо Михајлов, соработник на Третиот рајх.

ВМРО-ДПМНЕ е идеолошки поклоник на луѓе што биле извршители на Третиот Рајх, го слави и велича делото и улогата на Ванчо Михајлов.

ВМРО-ДПМНЕ во чест на Михајлов изгради спомен куќа во Штип и постави негова восочна фигура во музеј во Скопје.

Припадници на ВМРО-ДПМНЕ учествуваа на отворањето на бугарскиот клуб во Битола, а Мицкоски се слика со основачите на бугарскиот клуб во Охрид..

[Извор: СДСМ – соопштение/веб, датум: 31.10.2022]

Контраспин: Анализирајќи ја реченица по реченица оваа комуникација со јавноста на СДСМ, може да се оцени дека речиси целата е составена од спинување на одредени факти или полуфакти. Почнувајќи уште од првата реченица и првото тврдење дека ВМРО-ДПМНЕ е директно поврзана со клубовите отворени во Битола и Охрид кои носат контроверзни имиња, при што нема никакви понудени аргументи за ваквото тврдење, завршувајќи со претпоследната, дека припадници на таа партија учествувале на отворањето на клубот во Битола, а дека Христијан Мицкоски се сликал со основачите на клубот во Охрид.

Првото тврдење се базира на последниот скандал со наводното учество на ученици од средно техничко училиште од Битола на некаква си средба во Софија, за што се чини на крај ќе излезе дека е лажна вест, пуштена од бугарската фондација на бизнисменот Милен Врабовски, а за последната реченица и тврдењата во нејзе, аргументите се, исто така, климави, зашто ако некој некогаш бил припадник на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а потоа е виден како учествува во церемонија на отворање на клубот, тоа никако не значи дека колективната вина треба да ѝ се припише на противничката партија во целост или дека таа синхронизирано го прави тоа.

Помеѓу, во соопштението се редат обвинувања дека Мицкоски го признал континуитетот на делувањето на ВМРО-ДПМНЕ со Ванчо Михајлов, кој бил соработник на Третиот Рајх (а се базира на појаснување на Мицкоски во јавноста на неколку пати за тоа зошто партијата ги брои сите конгреси на ВМОРО како конгреси на ВМРО-ДПМНЕ), па сè до обвинувањата дека поставување на восочна фигура во музеј било доказ дека партијата е де факто пронацистичка. Што е, се разбира, спин и апсурдно тврдење, поаѓајќи од восочните фигури на Хитлер или Мусолини во повеќе музеи во светот.

 

ВМРО-ДПМНЕ спинува секојдневно на темата

Партијата вo опозиција ВМРО-ДПМНЕ, речиси секојдневно спинува на истата тема кој е поголем патриот во врска со односите со Бугарија. Примерот од денеска е следниот:

Спин број 2: Ковачевски дезертираше од отворањето на Македонскиот клуб во Благоевград, не сакаше да ги штити националните интереси.

Дезертерот Ковачевски единствено што знае е да дезертира кога и е потребен на државата.

Ковачевски не беше помеѓу Македонците од Бугарија, тој се откажа од нив.

Ковачевски е наследник на Заев кој ги создаде проблемите на Македонија и чија политика на виткање на кичма ја предизвика негацијата на јазикот, идентитетот и историјата.

Ковачевски е наследник на Заев, кој ја извади кованицата еден народ, и еден јазик, кои беа изненадување и за најголемите бугарски шовинисти.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – соопштение/веб, датум: 31.10.2022]

 

Контраспин: И оваа комуникациска порака на ВМРО-ДПМНЕ со јавноста, слично како и претходната, се базира на гола пропаганда без нималку аргументи, кои би биле макар малку поткрепени за да не биде оценета како гол спин, настрана од невкусниот и непримерниот епитет – дезертер.

Премиерот Димитар Ковачевски навистина не присуствуваше на отворањето на културниот клуб во Благоевград на Македонците што живеат во Бугарија и кои се главно организирани околу ОМО Илинден-Пирин, но формално тоа го оправда со фактот дека во неделата Владата одржуваше важна седница. Дали седницата била закажана намерно или не во недела, тоа никој не може со сигурност да го тврди. Дали Ковачевски и Владата се против отворањето на ваквиот клуб, тоа исто така не може никој да го тврди, зашто во последната изјава тој го подржа отворањето и го припиша на Договорот со Бугарија, без оглед на невештиот брифинг на шефот на дипломатија Бујар Османи, кој пред неколку дена непотребно се впушти во анализа за тоа кој бил финансиер на клубот што се отвори во неделата.

Во овој спин на ВМРО-ДПМНЕ, без да се земе предвид специфичноста на македонско-бугарските односи во моментов, специфичноста на самиот Договор за пријателство добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година и прашањето што претстои за промена на Уставот на земјава како услов да продолжат преговорите за пристапување кон ЕУ, без нималку задршка се тврди дека „Ковачевски се откажал од Македонците во Бугарија“, дека „Ковачевски е наследник на Заев кој ги создаде проблемите на Македонија“ и дека Ковачевски е наследник на политиката на Заев, чија политика на виткање на кичма ја предизвика негацијата на јазикот, идентитетот и историјата.

Сите овие спинови, кои треба да бидат главни во пораката, повеќе пати биле контраспинувани од страна на „Вистиномер“ (може да се пребара тука), преку анализа на самите интервјуа или на документите, било да станува збор за Преспанскиот договор, било за Договорот со Бугарија.

* * *

Суштината на овие два примера како спинови околу т.н. „бугарско прашање“ не е во прашањето кој прв почна, не е дали едната партија треба да парира на другата и не е прашање за дневно политички поени. Овие две партиски соопштенија на најголемите политички партии во С. Македонија се емитувани во понеделник рано претпладне. Што би се рекло, за загревање за почне неделата. Но, резултатот на ова секојдневно препукување околу прашања што се однесуваат на македонско-бугарските односи (траат интензивно неколку години), директно е насочен кон рушење на шансите за какво било, толку потребно единство меѓу политичките елити околу клучни прашања во државата, какво што е и прашањето за промена на Уставот, директно поврзано со продолжување на преговорите за во ЕУ.

Тоа треба да го имаат предвид лидерите на партиите и одговорните во партиските штабови кога лидерите во ретки прилики повикуваат на единство. За тоа единство јавноста слуша со децении, а како што констатираше во една прилика годинава еден сериозен медиум кај нас – единството го нема никаде.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција