Контраспин: Партиско спинување за веб-страницата „убијците на Кочани“ базирано врз сомнежи
Најновите спинови околу вистинските креатори на спорната веб-страница „убијците на Кочани“ (ubijcitenakocani.com.), што започна да ги шири ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ не остана имуна, се базираат на наводна „вистина“ која не се темели на ништо друго, освен на СОМНЕЖИ на политичките противници. Напаѓање на политичкиот противник со полувистини и невистини е релативно легитимен – особено во земјава – политички речник во предизборна кампања. Но, оценките дека границата ја преминал едниот или другиот („палачи на пожари“ или креатори на веб-страници од кои се „повикува на политички убиства“), при што се креира „вистината“ само врз база на сомнежи, се чисти спинови
Најновите спинови околу вистинските креатори на спорната веб-страница „убијците на Кочани“ (ubijcitenakocani.com.), што започна да ги шири ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ не остана имуна, се базираат на наводна „вистина“ која не се темели на ништо друго, освен на СОМНЕЖИ на политичките противници. Напаѓање на политичкиот противник со полувистини и невистини е релативно легитимен – особено во земјава – политички речник во предизборна кампања. Но, оценките дека границата ја преминал едниот или другиот („палачи на пожари“ или креатори на веб-страници од кои се „повикува на политички убиства“), при што се креира „вистината“ само врз база на сомнежи, се чисти спинови
Пишува: Теофил Блажевски
Главните политички партии во власта и опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, истакнуваат во изминатите два дена чисти спинови за тоа кој ја креирал веб-страницата ubijcitenakocani.com., користејќи го тоа во својата предизборна кампања за локалните избори. Со спиновите започна ВМРО – ДПМНЕ на 17.09.2025 г. со првото партиско соопштение, по што следуваа и една прес-конференција и уште неколку други соопштенија:
Спин: ВМРО-ДПМНЕ со најостра осуда реагира на срамниот, злонамерен и монструозен обид за политичка злоупотреба на трагичните настани во Кочани преку дистрибуција на фотомонтажи и лажни обвинувања кон претседателот на Владата и други функционери.
Овие содржини беа објавени на интернет страницата ubijcitenakocani.com. Според јавниот WHOIS-извештај објавен на whois-страницата, доменот е регистриран вчера, на 16.9.2025. Од WHOIS-записот не се гледаат јавни детали за вистински регистрант или крајни сопственици. Ова јавно отсуство на податоци, во комбинација со именуваните name servers и регистратор, укажува на обид за анонимност и прикривање на вистинските нарачатели и сопственици на сајтот, што дополнително ги засилува сомнежите дека станува збор за намерна, организирана кампања со цел политичка манипулација и скривање на траси кон вистинските иницијатори.
За ВМРО-ДПМНЕ е јасно дека зад вакви обиди стојат структури блиски до Венко Филипче и неговите инсталации, кои со години злоупотребуваат политиката и јавниот простор за лични и партиски цели…(од соопштение на 17.09)
…За крај, не ли чувствува одговорност Филипче да се огради од повикот за убиство врз премиерот, министерот за внатрешни работи и директорот на БЈБ? Наместо тоа, тие дефокусираат со кривични пријави да ја тргаат мувата од капата (од друго соопштение на 17.09.)
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение1/Соопштение 2 – датум; 17/18.09.2025]

Контраспин: Несомнено е дека скудната содржина на тазе веб-страницата со фотомонтажите шири говор на омраза кој може да доведе до насилство од омраза, но да се обвини политичкиот противник дека е креатор на веб-страницата, на начин како што тоа го стори ВМРО-ДПМНЕ, партијата на власт, е чист спин.
Доколку се погледне внимателно содржината на соопштеното, станува јасно дека зад спинот не стојат никакви аргументи, освен претпоставката дека политичкиот противник СДСМ е можен креатор на ваква веб-страница со цел освојување на дел од гласачкото тело преку трагедијата од 16 март 2025 година, кога загинаа над 60 претежно млади лица во Кочани.
Имено, ВМРО-ДПМНЕ вели:
Од WHOIS-записот не се гледаат јавни детали за вистински регистрант или крајни сопственици. Ова јавно отсуство на податоци, во комбинација со именуваните name servers и регистратор, укажува на обид за анонимност и прикривање на вистинските нарачатели и сопственици на сајтот, што дополнително ги засилува сомнежите дека станува збор за намерна, организирана кампања со цел политичка манипулација и сокривање на траси кон вистинските иницијатори.
Ако не се гледаат деталите за крајните сопственици и вистинскиот регистрант, ако се гледа обидот за анонимност и прикривање и ако сето тоа укажува на „засилување на СОМНЕЖИТЕ“, како може да се зборува во јавноста дека „за ВМРО-ДПМНЕ е јасно дека зад вакви обиди стојат структури блиски до Венко Филипче и неговите инсталации, кои со години злоупотребуваат политиката и јавниот простор за лични и партиски цели…“? И зошто Филипче би требало да се оградува и извинува за сомнежи и спин, а ако не го сторел тоа, тоа било доказ дека тој стои зад креаторите?
Или ако се сомнежи и ако земјата и Владата се цел на хибридни напади од центри на моќ во земјата и странство, како што тврди и самиот премиер, зошто тогаш оваа веб-страница не би била направена од центри на моќ во странство?
СДСМ со барање за извинување, но и со спин дека ВМРО-ДПМНЕ е креаторот
Опозициската партија СДСМ добро ги користи почетни аргументи на ВМРО-ДПМНЕ и ја објавува целата јавна документација за регистрацијата и за активностите на веб-страницата, наведувајќи и детал кој ВМРО-ДПМНЕ не го наведе во нивните соопштенија.
Имено, СДСМ во соопштението од 17.09.2025 г. меѓу другото наведува:
Спин: …Најновата измислица на Мицкоски и ДПМНЕ денес е сеењето на магла дека некој барал „убиство на Мицкоски“. Имено, веб-страницата www.ubijcitenakocani.com е направена на 16.09.2025 и пополнета со содржина непосредно пред прес-конференцијата на партискиот портпарол, односно во 11 часот и 58 минути.
Прашувме, дали ова не е доказ дека истата е направена за нивните морбидни ПР потреби? Пред прес-конференцијата, веб-страницата не постоеше, ниту пак некој ја имаше видено…
[Извор: СДСМ – Соопштение – датум: 17.09.2025]

Контраспин: Политичка проценка е на партијата да каже дека „измислица на Мицкоски и ДПМНЕ денес е сеењето на магла дека некој барал „убиство на Мицкоски“ или како во почетокот на соопштението, дека „патетична и разочарувачка е кампањата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кои се обидуваат да се претстават како жртви во јавноста“ и дека „ваквиот обид само ја покажува слабоста на оваа власт, која ниту има проекти, ниту пак нуди политики – се што понудија досега се лаги, манипулации и гола реторика“.
Тоа е, се разбира, легитимен речник (особено во земјава) на политичка партија кон политички противник. Но она што е спин, односно извртување на вистината е преку прашање да се сугерира и да се креира „вистина“. Имено, откако од партијата констатираа она што го констатираат и во ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ преку фактот дека последната активност на веб-страницата била пополнување со содржина „непосредно пред прес-конференцијата на партискиот портпарол, односно во 11 часот и 58 минути“, преку прашање ја креира „вистината“: „…дали ова не е доказ дека истата е направена за нивните морбидни ПР потреби? Пред прес-конференцијата, веб-страницата не постоеше, ниту пак некој ја имаше видено…“. Ова не е ништо друго туку спин, зад кој, исто така, стојат само СОМНЕЖИ.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар