Контраспин: ПИОМ е под сериозен финансиски притисок, но не е пред колапс

Фото: portalb.mk

Пензискиот систем не е „пред колапс“, како што наведува Тренчевска, а исплатите на пензиите засега не се во ризик, бидејќи тие се обезбедени преку државно финансирани механизми. Иако финансирањето на ПИОМ постепено ќе го оптеретува државниот буџет, тоа не е проблем што може да доведе до кризна ситуација наредниве години

Пензискиот систем не е „пред колапс“, како што наведува Тренчевска, а исплатите на пензиите засега не се во ризик, бидејќи тие се обезбедени преку државно финансирани механизми. Иако финансирањето на ПИОМ постепено ќе го оптеретува државниот буџет, тоа не е проблем што може да доведе до кризна ситуација наредниве години

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Јована Тренчевска, пратеничка и потпретседателка на СДСМ, на прес-конференција во седиштето на партијата говореше за состојбата во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија (ПИОМ). Во нејзината изјава на тема зголемувањето на придонесот за ПИОМ и ризикот околу исплатите на пензиите може да се препознае спин:

Спин: ПИОМ е пред колапс, дупката расте поради арамиите- поголеми придонеси не се решeние

Арамијата Мицкоски и неговата криминална власт го доведоа Фондот за ПИОМ пред колапс. Дупката во Пензискиот фонд ја зголемија на историски 1 милијарда евра, над 14% од целиот државен буџет.

Иако од 1 јули придонесот за ПИОМ е зголемен за еден процентен поен, преку пренасочување на средствата што одеа во Агенцијата за вработување, дефицитот продолжува да расте. Последните анализи на Фискалниот совет укажуваат дека дупката ќе се зголеми на 1.3 милијарди евра во наредните години! Исплатите на пензиите на сегашните и идните пензионери се во ризик.

И што прави криминалната власт? Посегнува по џебот на граѓаните, по парите на компаниите, најавува зголемување на придонесите за пензиско осигурување. Нов арамилук. Работодавачите нема да можат да поднесат поголем трошок за вработување и тоа ќе значи помала нето плата за работниците.

На македонските работници кои се со најмали плати во Европа, уште ова им треба. Помали плати и неизвесни пензии е резултатот на криминалните политики на Мицкоски. Пензионерите се украдени од власта, пензиите не им се зголемија колку што требаше, сега се соочуваат со неизвесност. Нема пари па власта сака да посегне и по парите од вториот пензиски столб.

Најновиот изговор за да им ги украдат парите на граѓаните и на идните пензионери се измислени иневстиции. Граѓаните кои со години уплаќале може да останат без својата заштеда и без важна потпора за идната пензија.

Тоа е класичен арамилук и неодговорно поигрување со животната сигурност на стотици илјади сегашни и идни пензионери. Владата на Мицкоски да ги тргне рацете од парите на народот и идните пензионери, да ги скрати парите од луксузи, од криминални тендери и да почне да ја намалува дупката во ПИОМ веднаш.

[Извор: ПИОМ е пред колапс, дупката расте поради арамиите- поголеми придонеси не се решeние; СДСМ/Прес-конференции – Датум: 06.10.2026]

Контраспин: Иако ПИОМ е под сериозен финансиски притисок, сепак Фондот, според достапните податоци за неговата состојба, не е пред непосреден колапс во смисла дека ќе престане исплаќањето на пензиите на граѓаните. Во изјавата на пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Тренчевска не е направена разликата меѓу тековна ликвидност и долгорочна одржливост на ПИОМ, односно во неа се спинува вистината. 

Фискалниот совет на Република Северна Македонија на 05.10,2026 ја презентираше анализата подготвена со Finance Think во која се предупредува дека пензискиот систем е под притисок. Во неа се наведува дека структурниот дефицит на ПИОМ достигнал 54,4 милијарди денари, односно 5,2% од БДП. Околу 41% од расходите на Фондот биле покриени од државниот буџет, наспроти околу 36% во 2023 година.

Дефицитот е голем и расте. Според директорот на ПИОМ, Никола Мемов, за 2026 година, планираниот трансфер од Буџетот кон ПИОМ изнесува околу 64 милијарди денари. Планираните средства за исплата на пензии изнесуваат околу 117 милијарди денари, додека планираните приходи од придонеси за пензиско осигурување се околу 85 милијарди денари.

Очигледно е и дека ПИОМ и пензискиот систем има потреба од реформи.

Ниедна реформа не е безболна, но колку повеќе ја одложуваме цената ќе биде поголема. Без реформа, дефицитот до 2030 година ќе порасне на 6,3 отсто од БДП, а до 2037 – 6,6 отсто, предупредува директорката на Finance Think, Благица Петрески.

Директорот на Фондот Мемов, сепак посочи дека не се прави јасна разлика меѓу средствата потребни за исплата на пензии и останатите трансфери поврзани со обврските на Фондот. Така, од планираниот трансфер од Буџетот кон ПИОМ за 2026 г., во висина од околу 64 милијарди денари, планираните средства за исплата на пензии изнесуваат околу 117 милијарди денари, додека планираните приходи од придонеси за пензиско осигурување се околу 85 милијарди денари.

Разликата меѓу средствата потребни за исплата на пензиите и планираните приходи од придонеси е околу 32 милијарди денари, односно приближно 500 милиони евра. Тоа е износот што недостасува за директната исплата на пензиите. Средствата до вкупниот трансфер од 64 милијарди денари се однесуваат и на други обврски на Фондот, меѓу кои здравственото осигурување на пензионерите и транзициските трошоци кон пензиските друштва во вториот столб, објасни Мемов.

Директорот на ПИОМ неколку пати повтори дека исплатата на пензиите моментално е редовна и не е доведена во прашање, бидејќи државата ги гарантира пензиите, односно дека Фондот прави распределба на средствата согласно член 69 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и ги пренесува придонесите на членовите на задолжителните пензиски фондови на сметките на избраните задолжителни пензиски фондови во предвидените законски рокови.

Налозите за транзициските трошоци кон пензиските друштва од вториот столб ПИОМ ги испраќа до Министерството за финансии во рок од законските 5 денови. Исплатите по овие основи зависат од висината на средства обезбедени во буџетот на ПИОМ, а реализацијата на овие стапки во буџетот на Фондот за 2024 година изнесува 82,24 проценти за ФЗО и 92,95 проценти за Вториот столб, изјави Мемов.

Државниот ревизор уште во анализата на 2024 утврдил дека наплатените придонеси не биле доволни за финансирање на пензискиот систем, па биле потребни буџетски трансфери кои претставувале 36,71% од приходите на Фондот.

Државниот ревизор ја посочува и демографијата, односно стареењето на населението, па препорачува дека реформите за одржлив пензискиот систем и соодветна грижа за старите лица се неминовни.

Буџетските трансфери за пензии достигнаа 690 милиони евра во 2024 година, а во 2025 година овие трансфери се очекува да го надминат наведениот износ. Стратегијата за стари лица е истечена пред повеќе од пет години, услугите за долготрајна нега се достапни за помалку од 1 отсто од постарите лица, што упатува на сеопфатни системски реформи. Постои ризик од зголемување на социјалната исклученост и дополнително оптоварување на јавните финансии во наредните децении, стои во ревизорскиот извештај за 2025.

Од друга страна, исплатата на пензиите моментално е редовна и не е доведена во прашање, според самиот ПИОМ.

Како што велат анализите ПИОМ не е пред „колапс“, туку има структурен проблем, бидејќи станува сè поскап. Бројките велат дека во април 2026 година во Северна Македонија биле евидентирани 348.512 корисници на пензија. Осигурителниот систем брои 556.294 лица, од кои 343.048 се пензионери. Тоа значи дека соодносот е 1 пензионер на 1,63 осигуреници, кој во 2023 година изнесувал 1:1,70, што ја намалува финансиската кондиција на пензискиот систем.

Тоа значи дека без суштински промени државата ќе мора постепено да издвојува сè повеќе од општиот буџет за пензии, што ќе резултира со помалку средства за инфраструктура, здравство, образование, плати итн.

Сепак, проекциите велат дека ПИОМ не е пред колапс утре или следната година, но сегашниот модел е под сериозен и растечки притисок и без реформи долгорочно станува тешко одржлив, бидејќи наплатените придонеси, според извештајот на државниот ревизор, не се доволни за покривање на дефицитот во пензискиот систем на државата.

Според Мемов, постепеното зголемување на придонесите е единствениот „лек“ за ПИОМ, сегашната стапка на придонес за пензиско осигурување е пониска во споредба со претходните периоди. Така: од вкупната стапка од 18,8 проценти, 12,8 проценти се наменети за првиот пензиски столб, додека 6 проценти се издвојуваат за вториот столб.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) пресметува дека потребата за финансирање на пензискиот фонд, која е околу 4,3% од БДП во 2025, ќе се зголеми за дополнителни 0,6 процентни поени до 2036. Односно, од сегашните 4,3% ќе се зголеми на 4,9% од Бруто домашниот производ (БДП).

Тоа буквално не значи дека пензиите ќе изнесуваат 4,9% од БДП, туку дека според сегашната проекција на ММФ потребата за финансирање на пензискиот систем од јавните финансии ќе биде на тоа ниво .

Во проекцијата на ММФ, најкритична точка е 2041 година. Според ММФ, до 2041 потребата за финансирање на пензискиот фонд ќе биде околу 1,1 процентен поен од БДП поголема отколку во 2025, односно од 4,3% ќе порасне на околу 5,4% од БДП.

Еден од најбитните фактори е демографијата. ДЗС проектира значително стареење и намалување на населението. Нејзината проекција до 2070 вели дека вкупното население би се намалило од околу 1,77 милиони во 2025 на околу 1,32 милиони во 2050. А, истовремено, бројот и уделот на постарите лица расте.

Претставено во бројки, тоа изгледа вака:71,4 млрд денари приходи од придонеси; 90,3 млрд денари расходи за пензии; 343.048 пензионери; 556.294 осигуреници.

Според системот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, денес вкупниот придонес е 18% од бруто-платата, од кои 12% одат во првиот столб, а 6% во вториот за осигурениците во двостолбниот систем.

Според горенаведеното, пензискиот систем не е „пред колапс“, како што наведува Тренчевска, а исплатите на пензиите засега не се во ризик, бидејќи тие се обезбедени преку државно финансирани механизми. Иако финансирањето на ПИОМ постепено ќе го оптеретува државниот буџет, тоа не е проблем што може да доведе до кризна ситуација наредниве години.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција