Контраспин: Полека со спиновите – политичката криза го сопре економскиот раст

Трајко Славески: Виновни се лошите политики на Владата. Фото: принтскрин

Уште една прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ за економијата во која повторно воопшто не се зема предвид контекстот во кој функционираше македонската економија во 2017 година, пред сѐ тригодишната политичка криза која кулминираше токму лани. Од излагањето на Славески се добива впечаток како македонската економија во четвртиот квартал од 2017 година да била на изолиран остров при безмалку идеална политичка состојба и сега актуелната власт ја расипала работата

 

 

Уште една прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ за економијата во која повторно воопшто не се зема предвид контекстот во кој функционираше македонската економија во 2017 година, пред сѐ тригодишната политичка криза која кулминираше токму лани. Од излагањето на Славески се добива впечаток како македонската економија во четвртиот квартал од 2017 година да била на изолиран остров при безмалку идеална политичка состојба и сега актуелната власт ја расипала работата

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии, Трајко Славески, на партиска прес-конференција, одржана по повод објавувањето на најновите показатели за македонската економија – за последниот квартал (тромесечје) лани и за целата 2017 година, ја премолчи главната причина зошто состојбите во економијата се такви какви што се и со тоа го произведе главниот спин, покрај другите вообичаени спинови со кои веќе се сретнуваме на партиските пресови на оваа партија на кои се говори за економијата.

 

 

Контраспин: Во своето излагање Славески се задржува на изолирана анализа за движењето на бруто домашниот производ (БДП) од последниот квартал од 2017 година, кој покажа раст од 1,2% и за цела 2017 година, кој изнесува нула отсто. Од овие бројки потоа се вади констатација за „лошите економски политики на Владата“, но не е направена анализа на тие лоши политики, кои, наводно, довеле до ваквите економски резултати. Исто така, како и во секоја изјава, соопштение или прес конференција на опозициската партија досега, така и овојпат целата вина се префрла на актуелната власт без воопшто да се земе предвид дека, кога станува збор за статистиките за 2017 година, 5 од 12-те месеци лани на власт беше токму ВМРО-ДПМНЕ. Она што е уште поважно, повторно воопшто не се зема предвид контекстот во кој функционираше македонската економија во 2017, пред сѐ, политичкото опкружување, односно тригодишната политичка криза која кулминираше токму лани и која и тоа како имаше, сѐ уште има и ќе има големо влијание врз економијата. Од излагањето на Славески се добива впечаток како македонската економија во четвртиот квартал од 2017 година да била на изолиран остров при безмалку идеална политичка состојба и сега актуелната власт ја расипала работата.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Па, така, испаѓа дека само она што актуелната власт го направила од јуни до декември лани, кога дошла на власт („лошите економски политики на Владата предводена од СДСМ“) се одразило врз стопанството и неговиот раст и довело до тоа тој да изнесува нула отсто. Славески исто вели дека „она што најмногу влијаело во последните три месеци од минатата година (…), се издишените очекувања кај економските субјекти од новата власт предводена од СДСМ.“ Проблемот е само што не е наведено на кои тоа лоши економски политики се мисли, како што не е наведено ни кои се тие „издишени очекувања“ и како се „издишале“. А, покрај тоа, испаѓа и она што се случуваше од јануари до мај 2017 година, додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, како да не се одразува врз овие нула отсто раст. Како тие 5 месеци да не се дел од 2017 година. Но, од друга страна, бројките покажуваат дека состојбата е сосема обратна. За ваквиот нула отсто раст виновни се токму првите 5 месеци од 2017 година, зашто во првите два квартали економијата паѓаше, за разлика од третиот и четвртиот квартал кога таа бележеше раст, како што е покажано на долниот графикон од државната статистика.

BDP-kvartali-2017

Најголем пад економијата доживеа во вториот квартал од 1,3%, значи токму во оној квартал кога кризата доживеа кулминација со блокадата на Парламентот и недозволувањето да се избере нов претседател на Собранието, кога се одржуваа протестите на „За заедничка Македонија“, кога имаше речиси редовни вести и написи во медиумите за наводна војна која само што не се случила и за илјадниците вооружени лица, кои наводно се наоѓаат на македонските граници и кои само што не нѐ нападнале, но кои магично ги снема после 27 април исто како што магично и се појавија неколку месеци претходно и, најважно, немилите и насилни протести и упад во Македонското Собрание, кои доведоа до обиди за убиства и тешки телесни повреди на пратеници. За сето ова се отворени и се водат судски постапки. И после сето ова и редица други постапки, појави и откритија за мито, корупција, постоење на незаконско прислушување врз илјадници граѓани (без оглед кој и да го извршил) и официјално декларирање на Македонија како „заробена држава“ од страна на ЕУ, испаѓа како ништо од тоа не влијаело врз економијата, туку дека единствениот виновник се необјаснетите „лоши економски политики на Владата предводена од СДСМ“.

Имајќи го сето ова предвид, сосема недоследни се споредбите за трет најнизок раст во Европа од 1,2% во последниот квартал лани. Како прво, овој показател е сѐ уште недостапен за 8 од 33 земји, колку што вкупно следи Еуростат [изберете „Percentage Change q/q – 4 (NSA)“ од паѓачкото мени за да добиете процент на раст во однос на истиот квартал од претходната година], а, од друга страна, во Европа има 44 земји, односно 11 се надвор од опфатот на европското статистичко биро. Значи, со оглед на тоа што имаме податоци од само 25 од вкупно 44 европски земји, сѐ уште не може да се каже како било која држава е рангирана на европско ниво во однос на економскиот раст. A, како второ и уште поважно, во ниедна од овие земји лидерот на опозицијата не беше натепан во прес центарот од Парламентот и тоа заедно со соработниците и во ниедна од нив потенцијалните инвеститори не видоа како му тече крв преку лицето додека се обидуваше да ги одбие нападите на толпа маскирани напаѓачи со наредба да го повредат или дури и можеби да го убијат.

Кога станува збор, пак, за падот во градежништвото, кое паѓа веќе трет квартал, Славески причините за тоа ги прокоментира со една реченица:

Тоа е цената на стопирање на изградбата на автопатите и останатите капитални проекти.

И толку. Вака недовршено и недообјаснето ова личи како да се сугерира оти актуелната власт ова го прави свесно со цел да ѝ наштети на земјата, односно како со изградбата на автопатите да било се во ред додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, арно ама, еве, на новата власт како од некои непознати причини да и текнало да ја стопира нивната изградба. Како да не сме информирани за огромните проблеми со кои се соочува автопатот Кичево-Охрид, на пример, како што се градење на погрешна траса, недостиг од приклучни патишта (клучки) кон автопатот, кои во основниот проект ги нема и кои допрва треба да се проектираат (8 вкупно), недостиг од помошни патишта, кои исто така не се проектирани, скапи и долги вијадукти кои се судираат со далноводи, состојба која повторно не е предвидена во проектот, косини покрај автопатот, кои геолошки се погрешно проценети зашто е извршено само површинско испитување на земјиштето, како и автопатот Миладиновци-Штип, каде што беше неопходно преместување на 400 киловолтниот меѓународен далновод кон Грција. Овие проблеми, пак, доведуваат до потреба од дополнителни средства, кои се значителни, како и до појава од потреба за потпишување на нови анекс договори, за дополнување на законската регулатива и којзнае уште што се не.

Според ова што го вели Славески, испаѓа како градењето да требало да продолжи по секоја цена и покрај тоа што така изградените автопати не би биле функционални, не би воделе никаде и не би си ја вршеле функцијата заради која се градат. Како да е најважно само да се гради за да се покаже раст на градежништвото, а со тоа и на БДП, а дали она што се гради би имало смисла како да не е битно.

Инаку, причините за состојбите во градежништвото во земјава, поточно за неговиот пад во изминатите 3 квартали, како што потенцира Славески, се објаснети во друг напис на „Вистиномер“, но овде би сакале да покажеме колку, всушност, растот на градежништвото во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ не бил заради градежништвото, туку оваа стопанска гранка била постојано злоупотребувана во политички, поточно во предизборни цели. Долните два графикона на „Finance Think“, кои се објавуваат во нивниот квартален монитор на македонската економија се однесуваат на движењето на растот на 4 стопански гранки (земјоделство, индустрија, градежништво и услуги). Првиот е за периодот од првиот квартал 2010 до првиот квартал 2013, а вториот од првиот квартал 2013 до третиот квартал 2017.

dvata zaedno

Како што може да се забележи, прв засилен раст градежништвото (зелена линија) доживува во првиот и вториот квартал 2011 година, односно пред парламентарните избори кои се одржаа на 5 јуни 2011. Потоа тоа расте од април до декември 2012 година како што проектот „Скопје 2014“ земаше замав, но уште поголем раст се случува во првиот квартал од 2013 година, односно пред локалните избори кои се одржаа на 24 март таа година. Нов засилен раст се случува повторно во првиот и особено во вториот квартал од 2014 година, односно таман на време за парламентарните и претседателските избори кои се одржаа на 27 април таа година. Градежништвото расте и во втората половина од 2015 година, а кратки напливи на раст има и во вториот квартал од 2016 година, односно токму кога на два пати се закажуваа избори (24 април и 5 јуни), кои не се одржаа и во 4-иот квартал истата година кога изборите се одржаа (11 декември). Сето ова покажува дека градежништвото се пумпало според предизборните потреби на власта.

Македонската економија и во идниот период ќе трпи последици од политичката криза 2015-2017 година. Несериозно е да се очекува дека тие последици веднаш ги снемало со доаѓањето на СДСМ на власт. До ден денешен последиците од „големата рецесија“ во 2008-09 година, на пример, се чувствуваат во светската економија и се уште се донесуваат мерки на меѓународен план и на ниво на монетарната политика и во однос на пазарите на капитал и во банкарскиот сектор на меѓународно ниво. Како што сѐ уште се чувствуваат и последиците од грчката должничка криза ширум Европа, а кои самата Грција ќе ги чувствува барем во следните 50 години, а најверојатно и во текот на целиот 21 век. Како последица на нашата тригодишна политичка криза ние денес имаме понизок кредитен рејтинг, повисок јавен долг од кој дел е со релативно високи камати, а кои сега веќе чинат околу 150 милиони евра годишно, дупка од 500 милиони евра во пензискиот фонд и редица други аномалии кои негативно влијаат и ќе влијаат врз економскиот раст. Токму затоа, неизбежно е актуелните економските движења да се гледаат како посткризни и стабилизациски, кои се случуваат и во период во кој треба да се спроведе и фискална консолидација, нешто што Меѓународниот монетарен фонд го бара од Македонија веќе неколку години. Сето ова има и ќе има влијание врз економскиот раст и во иднина. Инаку, ако е до економски раст по секоја цена, тој лесно може да се постигне. Доволно е да се измисли нов проект сличен на „Скопје 2014“, да се продолжи со зголемени нови задолжувања за таквиот нов бесмислен проект и ете ти економски раст. Проблемот е, се разбира, што сето тоа е неодржливо на долги патеки.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција