КОНТРАСПИН: Политичката филозофија на симулакрумот во пресовите на Мицкоски

Насетувајќи ги потезите на својот политички противник во аферата „Двојник“, Христијан Мицкоски прави идентична приказна која нема врска со стварноста, но може да биде нејзина копија. Тоа го има во уметноста, каде се смета за дозволива креација, но не и во политиката каде служи за пренасочување на острицата на судот на јавно мислење пред да се објави реалниот след на настаните

Насетувајќи ги потезите на својот политички противник во аферата „Двојник“, Христијан Мицкоски прави идентична приказна која нема врска со стварноста, но може да биде нејзина копија. Тоа го има во уметноста, каде се смета за дозволива креација, но не и во политиката каде служи за пренасочување на острицата на судот на јавно мислење пред да се објави реалниот след на настаните

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

Аферата „Двојник“, којашто се случува пред нашите очи денове, во себе содржи класичен обид оној кој знае дека против поединец или луѓе кои биле под неговата контрола може да бидaт предмет на кривична осуда да се спасува себе си. Притоа, се оди чекор понапред, пред настаните, кои ќе следат со своја визија за она што се случило како повод за реакција на полицијата и обвинителството, со сторија која не е соодветна на она што ќе објават официјални извори, но со доволно елементи на можна стварност зад која треба да се сокрие. Ова се случуваше деновиве во неколку средби со новинарите во штабот на ВМРО-ДПМНЕ каде постојано се пласираше одреден коментар за настаните кои ќе се случат, често со изнесување на детали, кои, секако, ѝ штетеа на истрагата и на процесот на приведување на осомничените.

Кои се клучните тези од пресовите на Христијан Мицкоски.

СПИН: Спасовски и Заев, кои ја потценуваат интелигенцијата на народот и мислат дека ќе му продадат приказна, дека некој службеник од пасошко одделение ги познава нарко-босовите Пекер и Вукотиќ и може да им издаде пасош со друг идентитет, без за тоа да нема логистика од цела вертикала во МВР до Спасовски, а притоа за тоа да е информиран Зоран Заев.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, датум: 07.01.2021]

Со ова се лоцира центарот за фалсификување на лични документи. Истовремено, се изземаат од вината лицата кои несомнено се извршители на делата заради кои се спроведува истрагата.

Следното обвинување од страна на ВМРО-ДПМНЕ дојде од екс-министерот Наќе Чулев, кој тврди дека ја открил мрежата за издавање на лажни документи, ама по неговата смена го оставил проблемот да го решаваaт неговите наследници:

Недозволиво е земја членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ да дозволи со години да биде сериозна логистичка база за најозогласени криминални транснационални картели со активности на сите континенти. Токму тоа со своето нестручно, непрофесионално и зачудувачки незаинтересирано и дефокусирано однесување го овозможи актуелното раководство на МВР, на чело со министерот Оливер Спасовски кој замислете имаше речиси цели четири години за да ја заврши истрагата. Наведената истрага беше речиси хибернирана во периодот кога стапив на функцијата министер за внатрешни работи, за да со целосна посветеност колегите, и покрај сите опструкции во периодот на техничката Влада, се мотивираат и се даде максимум за нејзино реактивирање.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, датум: 06.01.2021]

 

КОНТРАСПИН: Најпрвин, треба да се види дали историјата на креирање на лажни лични исправи е поврзана само со одредена раководна екипа во МВР?

Во архивата на „Нова“ постои вест која нѐ потсетува дека се пронајдени 30 илјади лични карти и тоа во ноември 2015 година, прилично пред наводната истрага на мнистрот Чулев. Аферата ја открива новинарот Арсиќ од неделникот „Фокус“. Тој за откритието говореше во емисијата „360 степени“ и објасни многу детали. Тие се по својот изглед како и регуларните вакви документи, тријазични се и на нив има имиња на Македонци, Албанци, Роми и Турци. Излезе дека се печатат на најмалку две места во земјата и дека, според неговите информации, целта е учество на тие лица од лажните документи на следните избори. За овој случај може многу да се говори, но факт е дека се покажа оти „фабрика за лажни идентитети“ имаат полицајци. Ова е многу пред за тоа да говори Чулев за својата истрага. Во тоа време власта беше целосно во рацете на Никола Груевски. Обвинителството не спроведе истрага.

Или, зошто тогаш Чулев или кој било одговорен од неговата партија, не започнал веднаш истрага и неа, секако, би ја насочил наназад, кога тоа факсификување е осмислено и реализирано. Впрочем, според т.н. пржински модел во изминатите години ВМРО-ДПМНЕ во пар наврати добиваше право за раководење со ова министерство и таа работа можела да се одмрзне или да се упати кон обвинителството за тоа да нареди истрага (по законот тоа и ја води!). Да не сметнеме од ум дека се работи за тема која можела да донесе политички поени и во текот на изминатите години, ако Чулев ја откриел пред јавноста или обвинителството во периодот после преземањето на власта од политичките опоненти. Зошто се активира сознание за откривање на организирана група за фалсификувачи токму сега, кога дојде до масовни апсења на таквите, секако овластени лица, дел од органите на управа при МВР? Како тоа порано немаше партиски соопштенија и други форми за квалитет на полициската самоконтрола, кога постоеше толкав голем број документи за лица од некаква фингирана стварност?

Следното оспорување на изнесените обвинувања од Христијан Мицкоски и неговите сопартијци од врвот на партијата, е прашањето од каде тие знаат толку многу детали од истрагата, ако немале конкретна врска со сега веќе уапсените? Дали осомничените имаат директни врски со една партија?

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во гостувањето на „Утрински брифинг“ на 7 април утрото рече дека еден од уапсените во аферата со издавањето пасоши на криминалци бил во секојдневен контакт со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,  Мицкоски.

Тој ваквата информација ја откри, одговарајќи на прашање на уредниците, зошто ја обвинува опозицијата дека правела опструкции на акцијата.

Јас вчера побарав во моето јавно обраќање Обвинителството да ги испита сите овие активности. Ако излегувате како опозициска партија со какви било обвинувања, нудења документи, докази итн., а тоа не го правите во надлежниот орган, тоа е Јавното обвинителство, се отвораат многу дилеми пред сите, па и пред мене. Затоа треба системот да функционира, затоа реков дека треба да се даде одговор. Меѓутоа, ако имаме предвид дека еден од уапсените е во тесна врска, непосредни и секојдневни контакти со лидерот на опозицијата, тогаш се отвора сериозна дилема зошто тоа е направено, рече Спасовски. Целото гостување на Спасовски го има овде.

Оттаму, може да се заклучи дека на споменатите прес-конференции имаме спинување на јавноста со цел да се намали ефектот на откритието на аферата која несомнено постои.

Но, овие пресови се дело и на една практика кога пресовите на оваа партија се дел од спроведување на политичката филозофија на симулакрумот. Симулакрум (латински: simulacrum – „сличност“) е поим за копија која нема оригинал во стварноста, т.е. семиотички знак кој не означува ништо што навистина постои. Првично се користел за уметнички слики или споменици, На крајот од 19 век овој збор доби и уште едно значење и тоа – слика без веродостојност и квалитет од оригиналот.

Симулакрумот долго време е предмет на разговор помеѓу филозофите. Во неговиот софист (дијалог) Платон раскажува за два вида на правење на слики. Првиот вид е веродостојна репродукција – обид за успешно и прецизно да се копира оригиналот. Вториот вид е со искривување на вистината да се направи копија која ќе наликува на оригиналот. Примерот од визуелните уметности на филозофите им служи како метафора и некои од нив се стремат да ја искриват вистината до тој степен што може да се забележи само под прав агол. Ниче споменува за концептот на симулакрумот во „Самракот на идолите“, каде укажува дека најголем дел од филозофите, со игнорирање на доверливиот придонес на смислата и со избегнување на конструкцијата на јазикот, доаѓаат до изобличена копија на реалноста.

Тие пресови ја имаат ваквата функција.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција