Контраспин: Попова спинува со бројот на нови вработувања во Град Скопје

Фото: ЈуТјуб скриншот

Советничката во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова, на прес-конференција во партиското седиште даде изјава во која тврди дека градоначалникот  Петре Шилегов вработува 135 лица. Во оваа изјава таа искажа неколку спинови

 

Советничката во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова, на прес-конференција во партиското седиште даде изјава во која тврди дека градоначалникот  Петре Шилегов вработува 135 лица. Во оваа изјава таа искажа неколку спинови.

Спин 1: Во услови на пандемија, рецесија и огромна беспарица, Петре Шилегов вработува 135 лица во град Скопје.

Контраспин: Петре Шилегов не вработува 135 лица во град Скопје туку 23. Прес-конференцијата на Попова беше одржана на 25 март. Единствениот оглас кој беше пуштен од Град Скопје и активен за време на изјавата на Попова е тој од 22 март. Огласот е објавен од Агенцијата за администрација и се однесува на вработување на 23 државни службеници. Огласот е објавен и во дневните весници Слободен печат, Вечер и Коха. Информацијата дека има оглас за вработување на 23 службеници беше објавена и во дел од медиумите, и на неколку сајтови за вработување.

Со пребарувањето на веб-страницата Агенцијата за администрација, не може да се најдат други активни огласи за вработување од Град Скопје. Всушност, единственото место каде што може да се најде информацијата дека ќе се вработуваат 135 лица е прес-конференцијата на Попова. Притоа, мора да се напомене дека таа во изјавата не кажува кога е оваа одлука донесена ниту дава било каква информација за тој оглас за вработување на 135 лица.

Ваква слична изјава дека Град Скопје ќе вработува 135 лица, имаше и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на крајот на декември минатата година во која на сличен начин тврдеше дека во услови на пандемија и рецесија Шилегов расипнички троши пари.

Спин 2: Народ умира, илјадници на ден се заразуваат со КОВИД 19, нема вакцини, системот целосно потфрли, а Шилегов градските пари наместо да ги троши разумно, ја полни градската администрација.

Вистиномер на оваа тема разговараше и со портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, кој ни рече дека едноставно не знае од каде е оваа бројка од 135 нови вработувања. Тој вели дека Градот лани вработил само едно лице, а што се однесува до овие 23 нови вработувања од активниот оглас, дел од работните места треба да се пополнат зашто се испразнети по разни основи како пензионирање, престанок на работен однос по барање на вработениот и слично, а дел се пополнуваат заради зголемениот обем на работа во организационите единици на Град Скопје. Градот планира и други вработувања, како, на пример, пожарникари, но тука повторно станува збор за „намалување на бројот на вработените пожарникари и недоволната екипираност на персоналот“, како што стои во дописот што ни го испрати Салиху. Сепак, во никој случај не се говори за бројка од 135 нови вработувања. Бројка, која и онака изгледа прилично нереално со оглед на тоа што следните локални избори се предвидени за само 6 месеци.

Контраспин: Попова тврди дека илјадници на ден се заразуваат со ковид-19 што не е вистина. Илјадници значи дека се работи за неколку илјади, а официјалните бројки од министерството за здравство велат дека бројот на заболени не стигнува ни до 2.000, а камоли повеќе. Да, бројките на заболени на дневно ниво воопшто не се мали. Во последната недела се движат нешто над и нешто под 1.000, но во никој случај не може да се каже дека се илјадници. Таа, исто така, тврди дека нема вакцини што не е точно. Имунизацијата во земјата е започната. Да, вакцини има во мал и недоволен број за масовна вакцинација, но не може да се каже дека нема. Минатиот месец пристигнаа 8.000 вакцини Фајзер, донација од соседна Србија и 3.000 вакцини Спутник В.

Освен што се неточни, овие информации за состојбата со ковид-19 се тотално одвишок во изјавата на Попова. Таа изнесува ставови за работењето на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и го поврзува со актуелната ситуација со ковид-19. Меша баби и жаби. Прави паралела која е неоснована. Шилегов, кој е дел од локалната власт, апсолутно нема никаква врска со здравствениот систем, ниту со заболените од ковид-19 ниту со набавка на вакцини. Затоа овој дел од изјавата на Попова го оценуваме како спин. Ова претставува обид да се предизвика емотивна реакција кај публиката по секоја цена дури и кога за тоа нема простор. Целта е да се оцрни одредена личност за нешто за кое што нема никаква надлежност и обврска.

Спин 3: Скопје има други приоритети, 4 години немаме видено нов проект, нова улица, нов булевар, се што прави Шилегов е мачкање асфалт на старите сообраќајници.

Контраспин: Иако работа на опозицијата е да ја критикува власта, тоа треба да го прави со факти, докази и вистински информации, а не со еднострани и коментаторски изјави без точни факти. Не може да се тврди дека Шилегов во четири години не реализирал ниту еден нов проект. Градот само во изминатата година набави 33 нови екоавтобуси, отвори Младински центар на местото на „Матично“, отвори стационар за бездомни животни „Лајка“, се отвори велосипедска патека на Водно и беа доделени субвенции за инвертер клими, велосипеди и електрични тротинети.

Исто така не може да се тврди дека не е направена нова улица кога во октомври 2020 година се прошири булеварот „Александар Македонски“, т.н. „Северен булевар“, се прошири дел од „Пластичарска“, започна пробивањето на новата улица Есенинова.

Неточно е тврдењето и дека во мандатот на Шилегов нема нов булевар кога на почетокот на мај 2020 година официјално беше пуштен во употреба булеварот Христијан Тодоровски Карпош.

Јасно е дека целта на советничката во Град Скопје не е да даде конструктивна критика, туку да собере политички поени во периодот кога се наближуваат локалните избори. За таа цел користи спинови и напади кон одредена личност без притоа да користи точни и проверени информации и на тој начин ја манипулира јавноста.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција