Контраспин: Популизмот на Апасиев за сообраќајните казни е спин што може да чини животи

Димитар Апасиев. Фото: Официјална ФБ страница на пратеникот

Димитар Апасиев, лидерот на Левица излезе со став во јавноста дека сообраќајната полиција премногу ги казнувала граѓаните и за 45 дена само за брзо возење по автопат наплатила 350 илјади евра од мандатните казни. Ваквиот резон на размислување е спин, затоа што не е појаснет контекстот, т.е. бројот на загинати во сообраќајните незгоди, факторот пречекорена брзина како причина и ефектите што се постигнуваат со зачестените контроли и казни

Димитар Апасиев, лидерот на Левица, излезе со став во јавноста дека сообраќајната полиција премногу ги казнувала граѓаните и за 45 дена само за брзо возење по автопат наплатила 350 илјади евра од мандатните казни. Ваквиот резон на размислување е спин, затоа што не е појаснет контекстот, т.е. бројот на загинати во сообраќајните незгоди, факторот пречекорена брзина како причина и ефектите што се постигнуваат со зачестените контроли и казни

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Димитар Апасиев излезе со став околу казните за сообраќајни прекршоци во кој може да се препознае спин:

Спин: Дерење на живо – Сообраќајната полиција, само за месец и пол, од радарски контроли и ГЛОБИ за брзо возење по автопат, наплатила 350.000 ЕУР (со букви: триста и педесет илјади евра) од граѓаните!

+ Четирите патарини накај Штип ви се гратис од Владата.

p.s. Поради ова, Левица се залага за враќање на „казнените поени“ во возачките книшки

[Извори: Антропол/ФБ на Димитар Апасиев – датум: 28.07.2020]

Контраспин: Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, излезе со став околу наплатата на казни од страна на сообраќајната полиција, при што се детeктиrа спин во изјавата во две насоки.

Оценувајќи дека е „дерење на живо“ на граѓаните тоа што сообраќајната полиција за 45 дена наплатила 350 илјади евра и тоа само на автопат, Апасиев не го објавува изворот на податокот, за тој да биде без проблеми оценет од јавноста како точен податок. Што значи, оставена е можноста да станува збор и за манипулативна бројка фрлена од ракав. Ова оттаму што според официјални податоци на МВР до 2019 година, најмногу глоби биле изречени/наплатени токму во таа година – 16.204. а за изминатите две и пол години нема податок. Но, бидејќи не ја знаеме ни вкупната бројка изразена во пари, ова ненаведување на изворот на податокот што го пласира Апасиев ќе го оцениме како помал минус, земајќи ја и претпоставката дека можеби е и вистинит. („Вистиномер“ се  обиде да го провери податокот, но, до моментот на затворањето на овој текст не успеавме во тоа).

Многу поголема тежина има пораката што ја испраќа со ваквото пласирање на податоци и оценката дека е „дерење на живо“ без други детали и токму тука е главниот спин во тврдењето.

Спинот се состои во тоа што оценката за „дерење на живо“ е дадена без контекст. А, контекстот е во причините за случување на сообраќајните незгоди во државата и последиците од нив.

Според два документа, Анализа на состојби во сообраќајот на патиштата во изминатите десет години и Видови сообраќајни незгоди во периодот 2010 и 2019 година, брзото возење или возење над дозволената брзина е причина што е на самиот врв за сообраќајните несреќи, при што за периодот 2010-2019 година во сообраќајни несреќи вкупно настрадале 62 илјади граѓани. Од оваа бројка 1527 се загинати, 8792 лица поминале со потешки повреди и 52.257 лица со телесни повреди (стр.30 од Анализата).

Притоа, според анализа на двата документа, најмногу загинати се регистрирани во 2013 година кога загинале 198 лица, а најмалку во годините 2014, 2018 и 2019 година кога тој број се движи по околу 130 загинати лица.

Во сите наведени години, фактор број еден е брзото возење (види документ Видови сообраќајни незгоди), но исто така е забележливо, дека овој тренд е во опаѓање, па така ако во 2010 година бил фактор за 1.219 сообраќајни незгоди, во 2019 година опаднал на 590 сообраќајни незгоди.

Од овие податоци може да се изведе заклучок дека свеста на возачите во комбинација со превентивно-репресивните мерки, т.е. мерењето со радари на брзината и глобите, сепак имаат и даваат резултати во намалување и на брзината како фактор и на намалување на вкупниот број загинати и повредени граѓани, иако целта е сè уште далеку, за што сведочи и вчерашниот извадок од билтенот на МВР:

Во текот на вчерашниот ден (28.07.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 280 возачи. Од нив 14 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 136 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 144 надвор од населено место.

Апасиев, како возач, би требало да знае што значи да се возиш со 50 км на час над дозволеното, а секако со дури 70 км на час повеќе од дозволеното.

Оттука, сугестијата на Апасиев без да се појасни контекстот, дека 350 илјади евра глоби за 45 дена било „дерење на живо“, комбинирано со заложбата на Левица за враќање на „казнените поени во возачките книшки“, е спин со популистичка намена. Крајниот исход од ваквиот спин би можел да биде зголемен број на сообраќајни несреќи со загубени човечки животи. Впрочем, само ако се погледнат коментарите под ФБ објавата на Апасиев и лајковите на коментарите што не го прифаќаат неговото мислење, може да се види дека спинот не ја постигнал целта.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција