Контраспин: Постојат ли анкети од типот „токму кога треба“?

Сотир Костов. Фото: скриншот

 

Сотир Костов направил испитување на јавното мислење кое е контрадикторно – еднаш граѓаните би апстинирале од избори, а непосредно потоа не би апстинирале, би гласале, и погодете за кого…

 

Пишува Љубомир Костовски

Испитувањето на расположението на јавното мислење непосредно пред некакви важни одлуки во секоја земја има висока вредност. Јасно, ова особено важи кога се одржуваат избори, особено парламентарни. Со оглед на тоа што граѓаните или поточно гласачите сакаат да знаат, така да речеме, колку ќе вреди нивниот глас во блиска иднина, тие би биле заинтересирани да ѕирнат во она што се вели колективна свест, за тоа кој треба да решава за нивната иднина.

Неодамна пишувавме за нечија потреба дури да направи „римејк“ на едно испитување на јавното мислење за идните парламентарни избори, закажани тогаш за април 2020 година во земјава, а нарачани од ИРИ (Меѓународниот републикански институт), и спроведено во периодот од 31 јануари до 10 февруари, чии резултати се објавени и се коментирани околу средината на март годинава. Околу потребата и смисла на реобјавувањето на анкетата на ИРИ во „Вистиномер“ веќе е објавен текст на 8 јуни годинава.

Во меѓувреме немаше други испитувања на јавното мислење, а според една неофицијална изјава на еден искусен испитувач на јавното мислење, во време на кориона вирусот граѓаните не се расположени да одговараат на вакви покана за изјаснување околу рејтингот на партиите. Но, не сме целосно исклучени од таквите чекори на некои институции или групи на „ентузијасти“, а изјавата на Сотир Костов дадена за една таква анкета можеме да ја оцениме и како класичен спин.

Спин: „Ете луѓето, македонските гласачи, како и што доликува, први го кажаа својот збор. Не за брзите избори на Заев! Институтот при невладината „Habeas corpus“, во периодот од 13 до 16 мај спровел испитување на јавното мислење, во врска со можноста за брзи избори.
Читаме дека е спроведена телефонска анкета (фиксна и мобилна телефонија) и дека при испитувањето се водело сметка за етнографската карта, демографската застапеност, полот и возраста на испитаниците. Резултатите се многу интересни, би рекол и предупредувачки, дури и поучни. Така, 74% од испитаниците се против брзи корона избори во време на пандемија од корона вирус. Добро, да кажеме дека само 14% велат може“

[Извор: „Инфомакс“ – Костов: Брзи корона избори…– датум, 20.05.2020]

Контраспин: Ова изјава која ја даде честиот аналитичар на политичките прилики во земјава Сотир Костов се однесува на испитување на јавното мислење спровдено од 13 и 26 мај од Институтот „Habeas corpus“. Испитувањето на јавното мислење се спровело токму во периодот кога ВМРО ДПМНЕ се изјаснуваше против одредување датум за вонредни парламентарни избори, после одложувањето на претходно закажаните за 12 април. Христијан Мицковски изјавуваше дека добри датуми за него би биле крајот на август или првата половина на септември. Но, како што се приближуваше извесноста дека избори ќе мора да има, народот како да е на копче се чини, па ненадејно се подобрува расположението за гласање!

Колегите од ИРЛ (Истражувачка репортерска лабораторија), биле заинтригирани од појавата на Костов како аналитичар во една, за него нова област, и се обиделе да го разјаснат ова истражување, уште повеќе што тој после кусо време направил нова анкета за рејтингот на партиите (кога расположението за одење на избори нагло се поправило – н.з.), и кое било објавено во многу медиуми. Така во „Курир“ од 16 јуни истражувањето излегува со наслов „Анкета: водство на ВМРО ДПМНЕ пред коалицијата на СДСМ и Беса“, каде што за опциите „не знам“, „не сакам да кажам“ или за „ниту една партија“, опфаќаат 46 отсто. При тоа, водат „црвено-црните“ со 22,5 отсто, по нив е СДСМ-Беса со  20 отсто, ит.н. Колку е валидна таа анкета кога еднаш предвидува апстиненција од над 70 отсто, а брзо потоа, таа опаѓа за речиси 30 отсто, што е нормална апстиненција на еден месец пред изборите?

Колегите од ИРЛ ги интересирало од каде сега „никнува“ наводинот Институт „Habeas…“ кој стои зад анкетите, кој порачал анкета, како е таа правена…Посебно било индикативно што другите (проопозициони медиуми), како „Република“ , „Лидер“, „Денешен“ и „ТВ Алфа“ ги пренеле само резултатите, без сите детали кои законски се должни да ги објават.

Објава на анкетата во „Република“

Организацијата која тврди дека ја правела оваа анкета со над 1.200 телефонски контакти со граѓани нема веб сајт, а нема траги на интернет од нивен минат труд. Во Централен регистер стои дека ја основале 5 лица во 2015 година и ја раководи Александар Даштевски. Адресата е во неговиот стан. Не им ја дал целата анкета на новинарите од ИРЛ. Потоа излегло дека истражувањето е на „Сиа Виста“ на Сотир Костов, кој исто така барал некои изговори, па дури и во вечерно гостување на „ТВ Телма“ не ја споменувал истата, иако таму говорел токму на тема „Избори во време на Корона“! Во меѓувреме, признал дека анкетата ја нарачала ВМРО ДПМНЕ, правдајќи се дека не знае зошто мдиумите не го објавиле тој податок!

Што предвидува Законот? На оваа тема е посветен членот 77 од Изборниот законик, каде во став еден стои дека „резултати од испитувањата на јавното мислење, поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите“.

Во ставот два пак, стои дека „при објавување на резултатите од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето“.

Во овој случај тоа не е сторено, медиумите пренесуваат само сегменти кои не се комплетни, а го нема ниту нарачателот.

Поради погоре наведените аргументи, ставот на Сотир Костов цитиран на почетокот на текстот може да се оцени како спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција