Контраспин: Потценувањето на барањата и заканите на Реџепи може да доведат до поделба во општеството

Б. Османи. Фото: МЕТА

Ниту Османи, ниту Владата, пред да ги прикажат буџетите на верските заедници во државата, немаат морално право да ги обесштетуваат поради загубени приходи зашто немало верници, „што било исто како кај рестораните“. Таквиот спин со израмнување на реалниот економски сектор и верските заедници, при што се потценуваат и реалните закани, е многу опасно и де факто може да доведе до многу поголеми поделби во општеството

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Вицепремиерот Бујар Османи даде изјава во врска со заканите и барањата на првиот човек на ИВЗ, Сулејман Реџепи, за финансиска помош од државата поради „корона кризата“, во која се препознава спин:

Спин: Мислам дека изјавата е извадена од контекст. Не треба да правиме драма од тоа што тие бараат помош, бидејќи секој во овие услови е оштетен. Во редовна комуникација сум со поглаварот. Бидејќи јас побарав од нив да ги затворат џамиите во текот на пандемијата, тие ми се обратија мене. Основен извор за финансирање на ИВЗ се донациите за време на празникот Рамазан. Нивниот став е дека доколку тие не работат сега, нема да можат да исплатат плати на имамите, оџите и тн. Тоа е ист проблем како на рестораните, кои велат дека ќе ги отпуштат вработените

[ Извор:A1Он – Изјава на Бујар Османидатум: 09.04.2020]

 


Контраспин:

Релативизацијата на не баш дискретната закана на првиот човек на ИВЗ, Сулејман Реџепи, од страна на вицепремирот Бујар Османи, е извртување на вистината и тоа најмалку во две насоки или два слоја.

Најпрво, Османи вели дека Реџепи бил изваден од контекст, што не е точно, затоа што, гледајќи го целиот контекст на изјавата на Реџепи за овој проблем, сосема е јасно дека тој вели оти може и да не ги почитува препораките на Владата поради опасноста од „корона кризата“ и може да ги повикаат верниците масовно во џамиите, доколку не добијат помош од Владата, за што ургирал преку Османи:

Денеска побарав од генералниот секретарот Мирсад Јакупи да контактира со Бујар Османи, кој е член на кризниот штаб и вицепремиер, дали има нешто? Тој вели дека досега нема ништо. Ќе ги потсетам малку поинаку, со писмо, затоа што не дај Боже ние да ги суспендираме одлуките, нема сила што ќе може да се бори против епидемијата, ви гарантирам, тогаш тука ќе стане Бангладеш (360 Степени – види ја целата изјава)

Тука нема што да се вади од контекст, без оглед на смирениот тон на Реџепи кога ова се гледа во живо на видеото. Но, спинот на Османи не е само во ова.

Вицепремиерот вели „не треба да правиме драма од тоа што тие бараат помош, бидејќи секој во овие услови е оштетени уште на крајот додава декатоа е ист проблем како на рестораните, кои велат дека ќе ги отпуштат вработените.

На ваквиот став на Османи се надоврза неименуван извор од Владата синоќа (09.04.2020), кој за 360 Степени изјави дека мерките мора да се почитуваат, а Владата ќе продолжи да создава и реализира мерки за да помогне на сите заедници и на општеството и граѓаните“.

Тука, со ваквата теза дека секој е оштетен, и дека имамите се исто оштетени како вработените во рестораните, на пример, како и тоа дека владата ќе помогне на „сите заедници“ (кажано е во контекст на верските заедници), извртувањето на вистината навистина е големо.

Прво, точно е дека „сите се оштетени“, но не е точно дека кај сите штетата е подеднакво голема и чувствителна, а особено не може да се израмнат верските заедници со рестораните или општо туризмот и угостителството. Зашто, додека во рестораните и хотелите навистина не влегува никој освен ако евентуално државата не смести луѓе што мора да одат во задолжителна изолација, верските објекти се постојано отворени. Де факто, посетата иако е многу намалена, таа никогаш не престанала откако е почната корона-кризата, што може да се види ако денеска на пример посетите некоја џамија или црква.

Второ, ниту јавноста, па ни Османи, па ни Владата, немаат вистинска претстава колку квантифицирано се оштетени верските заедници во земјата. Зошто? Затоа што ниту големите, ниту малите верски заедници и религиозни групи немаат обврска да плаќаат даноци, пред сѐ, на имот, а нивните приходи се третираат како приходи на невладините и непрофитните организации, за кои, иако се должни да поднесуваат завршни сметки, тоа според дел од медиумите, не го прават со години. (Инаку, овие прашања се регулирани со соодветните закони, и оној за црквата и верските заедници и оној за данокот на имот).

Всушност, ниту во некогашниот социјализам, па ни 30 години потоа, денес јавноста нема претстава колкави се буџетите на најголемите верски заедници во земјата МПЦ-ОА и ИВЗ. Државата знае нешто повеќе за богатството на заедниците зашто, на пример, во почетокот на 2019 г. правеше вонредни проверки во МПЦ-ОА, поврзани со други бизниси на Црквата, а пак со ИВЗ истата година се расправаше за враќање на имот, но и можеше да види дел од приходите преку судскиот спор за превласт во врвот на ИВЗ, при што овој истиот Реџепи и тогаш се закануваше, па дури и до степен на говор на омраза, иако Обвинителството не најде елементи за такво дело.

Според тоа, ако не се знаат точните приходи на ИВЗ (истото важи и за МПЦ-ОА и за сите други), ниту Османи, ниту Владата немаат морално право да обесштетуваат во овој момент „загубени приходи на ИВЗ од кои се делеле плати“. Таквиот спин со израмнување на реалниот економски сектор и верските заедници, при што се спинува со потценување и во однос на реалните закани што сега ги прави Реџепи (а претходно на исто ниво ги правеше и Владиката Агатангел од МПЦ-ОА), е многу опасно и де факто може да доведе до многу поголеми поделби во општеството.

Што значи, пред било какви размислувања за помош на ИВЗ (по што секако ќе мора да следи иста таква за сите други верски заедници во државата), Османи и Владата нека побараат и нека ѝ ги прикажат на јавноста реалните состојби со приходите во ИВЗ и во сите други цркви, верски заедници и религиозни групи.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција