Контраспин: Префрлањето на одговорноста врз Чулев и Мицкоски не го амнестира Спасовски

оливер Спасовски. Фото: СДСМ/веб

Оливер Спасоски е премиер. Со самото тоа тој не може да се амнестира од одговорност доколку Наќе Чулев, министер, саботирал со тоа што не издавал наредби за канзување за непочитување на мерките. Ако ништо друго, можел да ги задолжи директно сите други служби за спроведување на санкции, плус тоа постојано преку јавноста да врши притисок врз „саботерите“. Да не зборуваме за толерирањето на верските заедници и нивните уцени, со што, де факто, а не де јуре, се согласи и потпретседателот на Спасовски, Бујар Османи

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

На прес конференција на партиски настан, премиерот Оливер Спасосвски, изрече тврдење во кое се препознава извртување на вистината, т.е. спин:

Спин: Зголемувањето на бројките на заболени се должи на два фактора: саботажите и крајно неодговорното однесување на Наќе Чулев и неговиот ментор Мицкоски, а влијание има значително зголемениот обем на тестирање, како и олабавувањето на мерките заради потребата животот да продолжи, а економијата да се рестартира.

[Извор: СДСМ – О. Спасоски, прес – датум: 31.05.2020]

Контраспин: Премиерот на техничката Влада на РСМ, Оливер Спасовски, за време на прес конференцијата на партиски настан во Куманово изрече ставови околу зголемување на бројот на новозаразените, кои претставуваат извртување на вистината, т.е. спин.

Спасовски, кога изнесува ваква сериозна констатација во која има обвинување, треба да ги изнесе аргументите. Најпрво, треба да каже дали има аргументи врз кои ги пласира обвинувањата, т.е. дали има факти врз кои јавноста основано би му поверувала на политичарот Спасовски, кој во овој момент е и премиер, т.е. највиско одговорна фигура во институциите на системот.

Значи Спасовски, најмалку што требаше да каже е дали неговите оценки се засновани врз стручна анализа, на пример, на Комисијата за заразни болести, или се негово лично или лично-партиско мислење. Дотолку повеќе што беа кажани на партиски настан.

Широко распространети аргументи, изнесувани во јавноста и од експертите, се дека зголемувањето на бројот на новозаразени, посебно во одредени општини, се должи на непочитување на мерките од страна на граѓаните за собирања во групи. Ова најмногу се однесува на предрамазанските ифтарски вечери, но и на други групни собирања во други општини во Скопје, кои не се поврзани со конкретен повод. Ако го анализираме овој податок (за што посведочи и здравствената власт која спроведе контрола во Тетово, на пример), тогаш се поставува прашањето зошто власта не презела ништо да се почитуваат мерките, односно да се спроведуваат ефикасно? Одговорт од Спасовски би бил – Наќе Чулев и Христјан Мицкоски саботираа, не ги казнуваа граѓаните.

Но, ова е аргмент кој е само половична вистина. Зашто, да, вистина е дека и партијата ВМРО-ДПМНЕ бараше да нема долг карантин за време на викендот кога беше Рамазан Бајрам, а и Чулев, после два месеца спроведување на мерките на Кризниот штаб и на Владата, на 8-ми мај го смени ставот и јасно кажа дека не е за строги казни и за долг карантин. Но, Спасовски, како премиер и долгогодишен политичар, сигурно ја знае народната изрека и „над попот има поп“. Оттука, Спасоски би можел да  аргументира пред јавноста, на пример, зошто нешто не презел повеќе од декларативните изјави кога побара оставка од Чулев? И континуиран притисок и барање другите инспекциски органи да казнуваат за оние прекршоци за кои Чулев не сакаше да казнува. Или зошто, на пример, по донесувањето на мерката за задолжително носење маски, Владата молчеше кога Чулев зборуваше дека во првите денови (што се претворија во недели), полицијата само превентивно ќе укажува на таа мерка?

И уште нешто. Зошто Спасовски не презеде нешто повеќе како премиер, најпрво кога владици на МПЦ изразија спротивставување на мерките, како, на пример, она на велешко-повардарскиот, Агатангел, кој пред Велигден, сепак, се поправи, а потоа зошто не презеде ништо на два пати, кога сега веќе разрешениот Реис ул Улема, Сулејман Реџепи, отворено се закануваше врз Владата? И во тој контекст, како тоа неговиот потпретседател Бујар Османи, си дозволи во јавноста да ја оправда одлуката на ИВЗ за оддржување намаз во џамиите за време на Бајрам, велејќи дека тоа е завршена работа! Истиот тој Османи во последните два дена, што се вели „по десет пати на ден“, апелира за почитување, на мерките и за опасноста од Ковид-19!

 

Спин околу бројот на тестовите

Спасовски наведе уште еден аргумент. Зголемениот број заразени се должи и на зголемниот број тестирања, вели тој. Со ова, Спасовски директно им дава за право на ВМРО-ДПМНЕ, кои од почеток се залагаат за масовно тестирање или за зголемено тестирање.

Но, Комисијата за заразни болести, а и самиот Спасовски, изјавуваа(т) дека се тестираат онолку лица колку што има оправдување за тоа, односно лица што матичните лекари ги пријавуваат според условите наведени во алгоритмот и лица кои имаат симптоми. Тие уште наведуваат и дека масовно тестирање без алгоритам би можело да доведе до лажна слика, како и оти, сепак, се тестира според одредени правила.

Според тоа, овој аргумент на Спасовски, кој не е поктрепен со извор, е, исто така, проблематичен. Или, извртена вистина, и тоа само делумно. Зашто, согласно неспорниот факт, кој е често споменуван од епидемиолозите и вирусолозите, дека на секој еден потврден случај има десет до 15 неоткриени, тоа би значело дека ако се спроведе тестирање на секој жител во земјата во моментов би имале меѓу 23 до 35 илјади потврдено заразени.

 

Новозаразените не се од олабавување на мерките

Третото тврдење на Спасовски е дека една од причините за зголемување на бројот на заразени била и олабавувањето на мерките. Изјавата на Спасовски е дадена во недела, 31.05.2020, односно само три дена откако проработеа угостителите, а четврти ден откако беше укинат полицискиот час.

Ако е точно дека вирусот има инкубациски период до 14 дена, ако е точно дека првите симптоми се најчесто меѓу петиот до десетиот ден и ако и натаму се тестира по алгоритам, тогаш е јасно дека многу е мала веројатноста ново откриените заразени случаи да се дел од олабавувањето на мерките. Тоа ќе треба да го видиме дури во деновите што следат.

Според погоре кажаните аргументи, тврдењата што ги изнесува Оливер Спасовски се извртување на дел од вистината, т.е. спин.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.