Контраспин: Преку своите, но и други советници, ВМРО-ДПМНЕ де факто беше откажан од проектот БРТ
Тврдењето на Мицкоски дека партијата од БРТ „апсолутно не се откажува“ е делумна вистина или спин, затоа што, најпрво преку Данела Арсовска, потоа преку своите, но и преку советници на други партии во Советот на Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ сè до оваа изборна година, де факто, се беше откажала од БРТ
Тврдењето на Мицкоски дека партијата од БРТ „апсолутно не се откажува“ е делумна вистина или спин, затоа што, најпрво преку Данела Арсовска, потоа преку своите, но и преку советници на други партии во Советот на Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ сè до оваа изборна година, де факто, се беше откажала од БРТ
Пишува: Теофил Блажевски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски во интервју даде одговор на прашањето за судбината на проектот за јавен превоз во Скопје познат како „Bus rapid transit“ – БРТ, во којшто може да се детектира спин:
Имаме еден проект од минатото за брзиот транспортен систем или познат како БРТ, од тој не се откажуваме, но ќе биде истиот модифициран, затоа што таков каков што е предвиден, на таа траса којашто треба источниот со западниот дел на градот да го поврзи и да заврши со Ѓорче Петров, цениме дека треба да продолжи најмалку до Сарај, да се изнајде техничко решение. Истовремено да се развива и другата линија север – југ којашто треба да го поврзе практично Бутел со Кисела Вода и тој дел на градот до Драчево. Така што од тоа, апсолутно не се откажуваме, треба со европските финансиски институции да ги обновиме разговорите, дали сè уште стои тој заем, дали можеме да го модифицираме заеднички техничкото решение, да не уништуваме зеленило. Мислам дека во неколку месеци можеме тоа да го операционализираме доколку постои расположение од другата страна и веднаш да тргнеме со допроектирање, очекувам реално 2026, 2027 да почнат теренските активности, вели тој.
[Извори: 360 Степени/ВМРО-ДПМНЕ – Х. Мицкоски/интервју (по 14 мин.) – датум: 29.09.2025]

Контраспин: Одговорот на Мицкоски е даден во рамки на изборна кампања за локалните избори, каде најсериозниот кандидат за победа во Скопје се смета кандидатот на партијата ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски, но тоа не значи дека пред јавноста може да се извртува вистината и да се спинува дека од проектот БРТ апсолутно не се откажале.
Од она што е достапно за јавноста преку брзо пребарување на архивите на медиумите што може да се најдат на интернет, ВМРО-ДПМНЕ со години се откажуваше од овој проект, сè до утврдувањето на Ѓорѓиевски како кандидат за градоначалник на Скопје. Но и тогаш, идејата за БРТ од него беше претставена повеќе како не толку важна во смисла на креативност, како што се изрази, туку како можна помошна алатка за целосно решавање на јавниот транспорт во Скопје.
Гостувајќи во Тема на денот на Сител (07.07), Ѓорѓиевски тогаш изјави (по 15.40 мин. во видеото):
Видете БРТ сум го коментирал многу пати. Далеку од тоа дека на некој начин тоа решение нема да продуцира побрзо и поефикасно движење на автобусите. Но тоа не е некоја иновација од тип градски воз или трамвај за да ги споредиме. Тоа е практично од булевар од 6 ленти, две ленти ги одземете, ги ограничите и да служат само за автобусите и на оние специјални возила како брза помош, пожарни, итн. Што значи дека не е некоја креатива којашто значително ќе олесни во сообраќајниот хаос. Да, можеби ќе го забрза процесот од точка А до точка Б со автобуски транспорт да се движат граѓаните, но од друга страна го намалува капацитетот на движење на останатите ленти во сообраќајот на постоечките булевари коишто ги имаме. Не е да речеме дека целосно го отфрлам (БРТ)....(поширокиот контекст за јавниот превоз и сообраќајниот хаос види од 13.50 мин. во видеото).
Исто како што може да се види и од оваа изјава на Ѓорѓевски, така и од изјавата на Мицкоски преку зборовите „треба со европските институции да ги обновиме разговорите, дали сè уште стои тој заем, дали може заеднички да го модифицираме техничкото решение..“ – впечаток е дека БРТ не е некое решение на кое сериозно сметале во партијата како на проект кој ќе биде носечки за решавање на јавниот автобуски превоз во Скопје.
Тоа може да се види и преку кратката изјава на Ѓорѓиевски ден по интервјуто на Мицкоски, каде што иако БРТ се чини дефинитивно е вратен во игра, акцентот на решението е ставен врз набавката на нови автобуси и промена на лиценцирањето на автобусите на приватните превозници:
Очекуваме 80 нови автобуси од страна на Владата и Министерството за транспорт. Што се однесува до БРТ, двата најсериозни пропусти беа што се изоставени Драчево и делот од Бутел спрема Радишани. Сега ќе бидат опфатени со проектот и ќе започнеме веднаш со реализација на истиот. Веќе се обезбедени средства и граѓаните плаќаат камати, а јас нема да дозволам да плаќаме камати за ништо – изјави вчера Ѓорѓиевски (30.09.2025).
Дека Мицкоски ја извртува вистината околу тоа дека апсолутно не се откажале од проектот од минатото БРТ, може да се види ако се провери тврдењето на противкандидатката од СДСМ Каја Шукова, дали ВМРО-ДПМНЕ 4 години го блокирал спроведувањето на БРТ, проект којшто на крајот од својот мандат 2021 г. го промовираше тогашниот градоначалник Петре Шилегов, а во април истата година за тоа беше и ратификуван законот за заем од ЕБОР од 70 милиони евра.
Имено, откако Данела Арсовска, веднаш по доаѓањето на челното место во Скопје го стопираше проектот БРТ, прво со појаснување дека не бил во нејзината изборна програма, а потоа со потребата да се направи ревизија на проектот, па можеле да се загрозат главните цевки за снабдување со вода на Скопје кои по трасата биле многу плитко закопани, како и носечката конструкција на мостот пред Влае, Арсовска во август 2023 г. го обнови проектот и недоследно тврдеше дека таа никогаш не се откажала од БРТ(види повеќе во рецензијата на Вистиномер).
Но како и дотогаш, од Советот на Град Скопје немаше поддршка за БРТ, а последното отфрлање на проектот беше во август 2024 година, кога иако 14 советници гласаа за, против беа советници од ВМРО – ДПМНЕ, но и од Зелен хуман град и од Левица (види тука и тука).
Притоа, еден од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за причините за гласањето против изјави дека „граѓаните не го поддржале овој систем“(БРТ):
Нема да го поддржиме овој предлог за воведување на БРТ системот, затоа што без разлика што постојано нѐ обвинувате дека немаме став, нашиот став е дека граѓаните не го поддржаа овој систем, затоа и ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи – рече советникот Филип Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ.
Имајќи ги предвид овие аргументи, како и фактот дека до крајот на 2024 година советниците, претежно од ВМРО-ДПМНЕ, дури 26 пати одбивале да се набават и нови екоавтобуси (види тука и тука), може да се оцени дека изјавата на претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ дека од БРТ „не се откажуваме“, е делумна вистина или спин, затоа што сè до оваа изборна година, партијата, де факто, беше откажана од проектот. БРТ навистина сега е вратен во игра, а причините зошто нема да се дознаат без да се утврдат вистинските причини зошто од него партијата се беше откажала, да повториме, де факто, во изминатите години, пред сè во Град Скопје. На почетокот преку Арсовска која потоа се премисли, потоа преку своите, но и преку советници на други партии и движења.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар