Контраспин: Превозот на синдикални членови до Скопје претставен како спин за оцрнување на ССМ
Партиската припадност и синдикалната борба не се по дефиниција во конфликт, туку најважно е придржувањето на основните правила на синдикализмот, здружувањето за остварување на работничките права што е уставно загарантирана категорија и придржување до документите на секој конкретен синдикат.
Партиската припадност и синдикалната борба не се по дефиниција во конфликт, туку најважно е придржувањето на основните правила на синдикализмот, здружувањето за остварување на работничките права што е уставно загарантирана категорија и придржување до документите на секој конкретен синдикат. Така што, споменатиот Георгиев може да биде не само поранешен, ами и сегашен член на СДСМ, како што и секој друг член на ССМ може да биде и член и симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ДУИ, ЛДП, и.т.н. Впрочем, такви примери има и во високото раководство на ССМ и кај сите други поголеми и помали синдикати
Пишува: Теофил Блажевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски одржа прес-конференција во врска со карактерот и политичката афилијација на Сојузот на синдикатите на Македонија, при што тезите ги поткрепи со аргументи кои може да се оценат како спин:
Спин:ССМ е координирано и управувано од СДС.
Целата логистика за таканаречените протести на ССМ е обезбедена од СДС. До нас пристигнаа документи од свиркачи кои покажуваат кои се лицата одговорни за организирање на логистиката за протестите.
Ова е тој документ.
Одговорен за организирање на луѓе и превоз од Струмица и струмичкиот регион е Бранко Георгиев. Ова е Бранко Георгиев, поранешен раководител во ЈПКД Комуналец Струмица во време на СДС. Бранко Георгиев како главен теренаш на СДС сега е главен теренаш на ССМ…
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Бране Петрушевски/прес – датум: 12.03.2026]

Контраспин: Образложението на тезата на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека преку документ од свиркачи партијата на власт докажува дека Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) е продолжена рака на СДСМ, во суштина е целосен спин, т.е. извртување на вистината.
ВМРО-ДПМНЕ го нападнал најголемиот синдикат во државата со истата теза повеќе пати, но во овој текст темата е документот што го покажа и толкувањето на тој документ од страна на пратеникот Бране Петрушевски, на прес-конференција од вчера (12.03.2026 г. ), а спроти закажаниот генерален протест на ССМ за сабота 14.03.2026 г., со основно барање зголемување на минималната плата на 600 евра.
Што содржи документот – доказ од „свиркачи“
Доколку внимателно се погледне документот што го објави Петрушевски и кој бил доказ за тоа дека ССМ не постои, туку зад синдикатот всушност е СДСМ, ќе се види дека станува збор за небулоза. Имено, документот не е ништо друго, туку вообичаено циркуларно писмо од централата на ССМ до синдикалните подружници во разни градови во државата, во кое се појаснува логистиката за превоз на синдикалните членови (активни и поранешни) до Скопје, каде што се одржува протестот.
Во заглавието на документот од 10.03.2026 г. јасно стои:
До Синдикатите здружени во ССМ
ПРЕДМЕТ: Известување за организирање на превоз за Протестот на 14.март во 12.05

Во документот се споменуваат и неколку имиња на лица кои се задолжени за организација на превозот, како и неколку лица „за организација на работниците кои имаат потреба од организиран превоз“ за учество на протестот од териториите на неколку градови, меѓу кои и извесен Бранко Георгиев, за кој Петрушевски вели дека бил „поранешен раководител во ЈПКД Комуналец Струмица во време на СДС“ и дека „како главен теренаш на СДС сега е главен теренаш на ССМ“.
Синдикализмот и политичките афилијации
Георгиев може да биде не само поранешен, ами и сегашен член на СДСМ, како што и секој друг член на ССМ може да биде и член и симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ДУИ, ЛДП, и т.н. Впрочем такви примери има и во високото раководство на ССМ и кај другите поголеми синдикати.
Тоа е така, зашто партиската припадност или симпатизерство и синдикалната борба не се по дефиниција во конфликт, туку најважно е придржувањето на основните правила на синдикализмот, здружувањето за остварување на работничките права, што е уставно загарантирана категорија и почитување на документите на секој конкретен синдикат.
Така што, тргнувајќи ги настрана сите аргументи за барањето на ССМ за зголемување на минималната плата, дали било логично, нелогично, дали компаниите можеле, не можеле, дали требало да се интервенира од буџетот да му се олеснело на бизнисот, дали Економско-социјалниот совет е трипартитна, а не двопартитно институција, дали премиерот бил во право или лидерите на синдикатот.., не е воопшто важно за овој текст.
Аргументите на ССМ конкретно и за овој протест се образложени пред неколку дена од лидерот на најголемиот синдикат во државата. А образложението на ВМРО-ДПМНЕ од вчера 12.03.2026 г. во поткрепа на тезата дека ССМ е продолжена рака на СДСМ и дека всушност не постоел, преку прикажаниот документ од свиркачи, може да се оцени како спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар