Контраспин: Приватниот живот на Филипче може да биде подложен на прашања од јавноста

Венко Филипче. Фото: СДСМ/веб

Филипче или кој било друг високо позициониран политичар, имаат право да одберат да не дадат коментар за детали од приватниот живот. Исто така може да дебатираат со јавноста дали нивниот приватен живот може или не треба да биде предмет на интерес на јавноста. Но едно е сигурно – јавниот интерес сепак постои. Филипче е долгогодишен поранешен висок функционер од извршната власт, сегашен дел од парламентот и како лидер на голема парламентарна партија, можеби утрешен премиер, иако од сегашна перспектива се чини невозможно. Оттаму, медиумскиот интерес за неговото патување и забава во Дубаи е покриено со јавен интерес, а не со сензационализам, а одбивањето на коментар со оправдување „приватен живот“ е спин

 

Филипче или кој било друг високо позициониран политичар, имаат право да одберат да не дадат коментар за детали од приватниот живот. Исто така може да дебатираат со јавноста дали нивниот приватен живот може или не треба да биде предмет на интерес на јавноста. Но едно е сигурно – јавниот интерес сепак постои. Филипче е долгогодишен поранешен висок функционер од извршната власт, сегашен дел од парламентот и како лидер на голема парламентарна партија, можеби утрешен премиер, иако од сегашна перспектива се чини невозможно. Оттаму, медиумскиот интерес за неговото патување и забава во Дубаи е покриено со јавен интерес, а не со сензационализам, а одбивањето на коментар со оправдување „приватен живот“ е спин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче запрашан од медиумите за неговото присуство во Дубаи, заедно со поранешниот премиер и претседател на СДСМ Зоран Заев на забава на која пеел познатата регионална ѕвезда Харис Џиновиќ, даде одговор во кој може да се препознае спин:

Спин: Апсолутно не сакам да коментирам работи од мојот приватен живот, кусо одговори лидерот на СДСМ Венко Филипче на новинарско прашање дали присуствувал на ексклузивна забава во Дубаи.

[Извор: Слободен печат – Филипче/изјава – датум: 04.11.2024]

 

Контраспин: Пратеникот и претседател на парламентарната партија СДСМ Венко Филипче, се разбира, дека може што сака да прави во своето слободно време и во приватниот живот, но тврдењето дека токму поради тоа што бил приватен живот одбива да коментира, е извртување на вистината, т.е. спин.

Причината е едноставна и лежи во улогата на Филипче во општеството и покрај фактот што во македонскиот правен систем, почнувајќи од Уставот, приватноста на секој граѓанин е загарантирана:

На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот се наведува во Уставот.

Оваа гарантирана заштита произлегува, пред сè, од Универзалната декларација за човекови права на ООН (Член 12), потоа преточена во бројни други документи меѓу кои за нас е најважна Европската конвенција за човекови права, каде што во член 8 е разработено Правото на почитување на приватниот и семејниот живот, како темелно право.

Тогаш, зошто одлуката на Филипче да не коментира нешто од неговиот приватен живот е спин?

Прво и основно затоа што Филипче, иако е граѓанин еднаков со сите други граѓани пред Уставот и законите, истовремено е високо позиционирана јавна личност на политичката сцена, односно политичар. Тој е пратеник избран од граѓаните, но истовремено е и претседател на една голема парламентарна партија која во изминатите три децении беше и долгогодишна владејачка партија, како што тоа беше случај и во мандатите од 2017 до 2024 година. Во првиот мандат Филипче неколку години беше министер за здравство. Оттука, овие цитирани загарантирани права, кои и како такви не се апсолутни, туку се ограничени, најмногу се однесуваат на мешањето на власта во нарушувањето на приватноста, угледот и достоинството на обичниот граѓанин.

Но, како високо позиционирана јавна личност која решавала и решава за правата и слободите на сите други граѓани (како министер, а сега и како пратеник), правото на приватност на Филипче е ограничено во смисла дека неговиот приватен живот може да биде под лупа на јавноста, во случајот преставена преку медиумите. И тоа не поради интересот на јавноста (луѓето природно се заинтересирани за секоја јавна личност), туку поради постоење на јавен интерес.

 

Етичките правила се јасни – приватност да, освен кога има јавен интерес

Впрочем на тоа упатуваат и етичките правила на Светската федерација на новинари во Глобалната повелба за етика на новинарите, правилата во сите кодекси во регионот, вклучувајќи го и Кодексот на етика на новинарите на Македонија, кој е важечки и по кој медиумите треба да се придржуваат, дури и ако не се членки на саморегулаторниот механизам олицетворен во Советот за етика на медиумите на Македонија (СЕММ).Тоа во домашниот Кодекс е регулирано во членот 7 кој гласи:

Член 7

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.

Оттаму, медиумскиот интерес за неговото патување и забава во Дубаи е покриено со јавен интерес (вклучувајќи ги и прашањата од „непријателските медиуми“, како што знаат да ги квалификуваат политичарите во земјава оние медиуми што се блиски до политичките партии), а не со сензационализам.

Во овој случај особено. Затоа што забавата на која што присуствувал Филипче не е некаде во Скопје или друг град од земјата, туку е во прескапиот Дубаи, на неколку илјади километри од Скопје, а покрај тоа, на снимката се гледа и екс премиерот Зоран Заев. Филипче, се разбира, има право да каже дека нема да коментира, но не може да го правда тоа со заштита на приватноста.

Во крајна линија, одбегнувањето на коментар е на штета на Филипче и на кој било друг политичар во таква или слична ситуација. Впрочем, тоа им остава простор на неговите политички противници од партијата на власт да кажат „еве ги трошат парите што ги крадеа од граѓаните“ и на тој начин да го креираат јавното мислење.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција